Иванов: Секогаш кога сме сплотени сме наоѓале решение
Со света божествена литургија со која чиноначалствуваа Митрополитот тетовско - гостиварски, Г. Јосиф и Митрополитот на европската епархија Пимен, денеска во Манастирскиот комплекс на Попова Шапка беше одбележан празникот Св.Наум Охридски - Чудотворец.
На одбележувањето традиционално неколку години по ред присуствува и шефот на државата, Ѓорге Иванов со семејството. Годинава на прославата присуствуваа и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Иванов порача дека празниците не треба само да се слават, туку и да на обединуваат, затоа што само сплотени сме посилни.
„Секогаш кога сме сплотени секогаш сме наоѓале решение и за најтешките проблеми и тоа низ историјата сме го имале како позитивен пример. Празниците не треба само да ги славиме, туку и да се обединиме и да бидеме заедно во моментите кога треба да покажеме слога“ – кажа Иванов.
На одбележувањето на Попова Шапка присуствуваа бројни посетители, а поради продолжениот викенд и празниците, овој туристички центар е полн со гости.
Беа упатени желби за здравје, благосостојба и хармонија.
