Економија, финансии, бизнис

Контакт

Иванов се сретна со Вучиќ во моменти на најголема затегнатост на односите

Иванов се сретна со Вучиќ во моменти на најголема затегнатост на односите

Претседателот Иванов се сретна со својот нов колега од Србија Александар Вучиќ во Крањ, при процесот „Брдо Бриони“ во моменти на затегнати односи меѓу двете земји.

На средбата, двајцата претседатели разговараа за градењето на добрососедските односи, за регионалната стабилност и соработка, како и за интегрирањето во Европската унија, констатирајќи дека овие области се надворешно политички цели и приоритети и за Република Македонија и за Република Србија.

Претседателот Иванов му упати честитки на српскиот претседател и му посака успех во извршувањето на претседателската функција, изразувајќи надеж дека во иднина заеднички ќе придонесат за уште поуспешна и поплодна соработка на сите полиња од взаемен интерес на двете земји.

Македонскиот претседател истакна дека е неопходно Европската унија да го промени својот пристап кон регионот, и да направи јасен и конкретен исчекор во европерспективата и интегративните процеси кон државите од Балканот, бидејќи само на тој начин може да се зголеми регионалната стабилност и да се намалат предизвиците и тензиите кои моментално постојат.

Понекогаш се појавуваат одредени прашања, недоразбирања во односите меѓу двете земји, кои на ниеден начин не можат и нема да влијаат на апсолутно приоритетната цел, негување и градење на најдобри можни добрососедски односи и соработка во сите сфери. Такво едно прашање се појави неодамна поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија, за што двајцата претседатели се согласија дека „решението е во надлежност на службите".

Двајцата соговорници се заложија за натамошен развој на пријателството и соработката меѓу двете држави кои споделуваат идентична визија за заедничка иднина во ЕУ, за стабилност и просперитет на регионот, што ќе се оствари со интегративните процеси и со зајакната регионална соработка, соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов.

Слично

Поврзани вести