Иванов за инает на Столтенберг, Курц и Меркел: За референдумот за независноста не ни требаа странци за да гласаме
Ѓорѓе Иванов во својата денешна честитка до граѓаните по повод националниот празник 8 Септември - Денот на независноста меѓудругото алудираше дека посетите на високите меѓународни гости како Јенс Столтенберг, Себастијан Курц и Ангела Меркел се непотребни во Македонија.
Како што вели тој, во 1991 за референдумот кога се изјаснувале граѓаните за независност не биле потребни странски делегации за истиот да биде успешен и Македонија да стане автономна членка надвор од федерацијата.
Генералниот секретар на НАТО - Столтенберг и австрискиот и германскиот канцелар Курц и Меркел деновиве беа, односно се уште се во посета на Скопје за да му дадат поддршка на референдумот на 30 септември за прифаќање на договорот од Преспа со што се отвора патот кон интегрирање во НАТО и ЕУ.
„Bо очи на тој историски референдум во нашата татковина не доаѓаа високи странски претставници“, се вели на почетокот од честитката.
Ставот на Иванов е добропознат во македонската јавност. Шефот на државата не го прифаќа Договорот од Преспа и според него, тој е штетен по македонскиот идентитет.
„Тоа беше момент на вистинска народна саморефлексија од која произлезе ненаметната, автентична и чиста волја на македонскиот народ и македонските граѓани.
Македонскиот народ на 8 септември 1991 година го искористи своето право на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување од дотогашната заедничка држава. Со огромно мнозинство, македонските граѓани ја изразија својата волја и го дадоа својот глас со цел Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Со тој чин, народот ја превзеде врз себе одговорноста за иднината на Република Македонија, без повеќе да се потпира на други. Како што македонскиот народ е создавачот на Република Македонија, така и Република Македонија е чуварот на македонскиот идентитет.
Република Македонија не може да се изградува врз други темели освен оние поставени со референдумот за независност од 8 септември 1991 година. Нашата генерација е обврзана да го зачува заветот од предците и да им го предаде на потомците. Тоа е завет за градење на Република Македонија како модерна и демократска држава во која ќе владее правото, а не луѓето, во која секој ќе биде еднаков пред словото на законот. Република Македонија како европска држава во која ќе се достигнуваат европските вредности, стандарди и критериуми.
Одлуките донесени на тој прв и единствен референдум што ја дефинираше самостојноста и сувереноста на Република Македонија беа и остануваат да бидат обврзувачки за секој еден од нас.
Нека ни е за многу години Денот на независноста на Република Македонија“ се вели во продолжението од честитката.
