Иванов предупредува дека мигрантската криза допрва почнува
Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов изјави дека мигрантската криза допрва почнува, затоа што во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат помеѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти.
Иванов во Бугарската академија на науките во Софија, одржа предавање на тема „Миграциите и мигрантите: предизвици за третиот милениум“ и објасни дека како што бројот на бегалците ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската унија да ги прифаќа и интегрира ќе се намалува.
„Замислете го парадоксот со кој се соочуваме. Македонија која не е членка на Европската унија ја чува Европа од ЕУ“ – рече Иванов.
Смета дека мигрантската криза придонела кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Цената, како што наведе Иванов која ќе ја платат за несоработката е прескапа. Вели дека колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците.
Во наредните пет години Иванов рече дека земјите ќе се соочат со два предизвика, да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите и да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген зоната.
