Иванов немало да толерира користење на армијата без негова дозвола
Армијата на своите плеќи ја носи одговорноста за нашата безбедност, а ризиците по безбедноста, на светската и на домашна сцена, драматично се менуваат. Опасностите од тероризам, насилен екстремизам не познаваат граници ниту држави. Грозоморниот терористички напад во Барселона којшто се случи вчера, и кој имаше трагични последици со загуба на човечки животи, не потсетува дека никој никаде не е сигурен. Нестабилност на илјадници километри од нас има влијание и на нашата безбедност и економија. Во тоа во голема мерка ќе помогне исполнувањето на нашата стратешка определба – полноправното членство во НАТО, рече министерката Шекеринска на Централната свеченост по повод 18 август денот на АРМ.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов својата политичка моќ преостанува да ја демонстрира во Армијата на Република Македонија па затоа се заканува дека немало да толерира како се користат ресурсите на војската без негова дозвола. Но, изненади со тоа што ги наведе потребите на АРМ кои тој како врховен командат во изминатите 8 години и не успеа да ги задоволи, па сега тоа веднаш прерасна во обврска на владата.

– Во недостиг на ресурси и време, се почесто се случува армијата без одлука на Врховниот командат и без исполнети услови за прогласување на кризна состојба да се ангажира за задачи кои се во надлежност на други институции. Повторувам, армијата се ангажира без моја одлука и без исполнети услови за прогласување на кризна состојба. Тоа е сериозна повреда на законот што нема да ја толерирам. АРМ троши свои ресурси за туѓи задачи кои се во надлежност на други институции. Мора да се затвори кругот на одговорност за тоа кој е надлежен за што, кога и како – рече Иванов.
Претседателот забележувајќи што не е вклучен во донесувањето одлуки, напомена дека се потребни повеќе пари за армијата.
– Како држава постојано ја нагласуваме нашата посветеност и подготвеност да бидеме дел од НАТО. Но, ако сакаме да ги користиме привилегиите, мора да ги поднесеме и одговорностите. Членството на Македонија во НАТО подразбира и буџет на Армијата соодветен на НАТО. А тоа е минимум два отсто од буџетот на државата – рече претседателот Иванов.
Министерката Радмила Шекеринска истакна дека патот кон формирањето армија во изминатите 25 години бил исполнет со бројни предизвици за кои, како што рече, најголемиот дел од припадниците на АРМ го знаат многу подобро и од неа и од многу претходни и идни министри.
– Денеска АРМ рамноправно учествува во меѓународни мировни мисии и добива највисоки оценки за подготвеност. Армијата на своите плеќи ја носи одговорноста за нашата безбедност, а ризиците и на светската и домашната сцена драстично се менуваат – рече министерката за одбрана.
