Иванов: Македонството е нашиот образ и идентитет, она по што другите не препознаваат
Поради нашиот македонски идентитет, нам ни се оспорува правото на просперитет, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето по повод одбележувањето на државниот празник Илинден, пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, во Скопје.
Шефот на државата вели дека без македонството на македонските преродбеници од 19 век, немаше да го имаме првиот Илинден. Додава дека без македонството на македонските партизани, немаше да го имаме вториот Илинден.
„Ниту една земја-членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара она што се бара од нас – негирање на правото на човечко достоинство и самоидентификација“ - вели претседателот.
Иванов вели дека двајца сега веќе поранешни претседатели на две соседни држави, членки на Европската Унија и НАТО кажаа една иста работа.
„Првиот не предупреди дека со македонизмот вратите во НАТО и Европската Унија ни се затворени. Вториот, пак, рече дека Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот. Но, не е така едноставно. Македонизмот е македонството. Тоа е дел од она кои сме. Македонството е нашиот образ и идентитет, она по што другите не препознаваат и она по што и ние самите се препознаваме во огледалото на историјата“ - вели Иванов.
По повод одбележувањето на Илинден претседателот Иванов положисвежо цвеке пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, пред споменикот на Никола Карев пред зградата на Собранието и пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на Плоштадот Македонија.
