Иванов: Ќе дојде до пишување на нова т.н. политички коректна историја
Шефот на државата, Ѓорге Иванов, денеска на научна конференција во Охрид по повод 1.000 години по Самоиловата држава, зборуваше за Договорот од Преспа.
Вели дека со него ќе дојде до пишување на нова т.н. политички коректна историја во која ќе се наметнуваат претстави скроени по волјата на Грција, а која ќе им се предава на децата во училиштата и на студентите на факултетите.
Иванов додава дека авторите на текстот на Договорот од Преспа покажале непознавање на балканската историја.
„Но, тие одат и чекор понатаму со што негираат многу универзални вредности. Го негираат правото на самоопределување кое значи дека само нацијата има право на одлучување на својата судбина дека никој не е овластен насилно да интервенира во нејзиниот живот“, изјави Иванов.
Претседателот смета дека Македонија ја живее истата судбина како и самоиловата држава преку непризнавање, негирање, обиди за блокада и изолација и погрешно именување.