Иванов ја честита Новата година - што им посака на граѓаните?
Годинава што одминува сакаме што побргу да ја заборавиме, се вели во новогодишната честитка од претседателот Ѓорге Иванов упатена до граѓаните.
„Во неа се соочивме со многу кризи и предизвици. Редно е да извлечеме поуки од сето тоа и да излеземе посилни, помудри и поодговорни. Да не дозволиме се што беше негативно да ни се повтори“ - наведува Иванов.
Во неа се додава дека Новата година кај секој од нас буди нови очекувања, надежи и желби.
„Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности, на потребата да бидеме солидарни, хумани, праведни. Нека претстојните празници ни донесат нова сила, нова радост, позитивни мисли и обновена надеж за исполнет живот во мир, просперитет и благосостојба“– стои во честитката.
Иванов на граѓаните им посака желбите да им станат реалност, а реалноста да биде поубава и поблагопријатна за сите.
