Иванов и Жерновски рамо до рамо на Генерално собрание во ОН
Претседателот Ѓорѓе Иванов и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски се најдоа рамо до рамо на 73-то Генерелно собрание на ОН, кое започнува денеска, иако нивните ставови во поглед на Спогодбата од Преспа и референдумот на 30 септември се дијаметрално спротивни.
Македонската делегација ја предводи шефот на државата Ѓорге Иванов. В четврток, на 27-ми септември ќе има обраќање на генералната дебата на 73-тата сесија на тема „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.
Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.
Предвидено е Жерновски да учествува на билатерални средби со високи претставници на држави и влади, учесници на Генералното собрание.
Денеска, на покана на Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, Жерновски ќе присуствува на традиционалната годишна Трансатлантска вечера.
На покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, заменик министерот ќе присуствува на работна вечера со Претседателите на Владите на земјите од Западен Балкан, како и на работниот појадок со мнистрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, организиран од страна на Регионалниот Совет за соработка.
