Иванов: Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себеси
Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов изјави дека Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и правото на самоопределување.
Ова го изјави Иванов на предавањето на Универзитетот во Вроцлав, во рамките на работната посета на Република Полска.
„Грција со спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара тоа да се применува ерга омнес – и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себеси, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам“, рече Иванов.
Кажа дека со спогодбата ќе се преименуваат нашите институции, ќе се цензурира содржината на учебниците, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет.
„Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живеење ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со преспанската спогодба, сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија“, вели Иванов.
Во предавањето претседателот Иванов се осврна на делото на Блаже Конески, кој како лингвист и книжевник се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик и кому во 1973 година му беше доделен почесен докторат на Универзитетот во Вроцлав.
Вели дека македонскиот јазик и денес сè уште се соочува со многубројни оспорувачи, кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид симболична опресија врз македонскиот идентитет.
