ИВАНОВ ДОЈДЕ ВО СУД - ќе сведочи за крвавиот четврток
Експретседателот Ѓорге Иванов утрово се појави во јавноста, доаѓајќи во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи за организацијата на настаните од 27 април, односно крвавиот четврток, по предлог на одбраната.
Како што е познато, дел од обвинетите во претходниот судски процес за овој настан кажаа дека тогашниот шеф на државата планирал да прогласи воена состојба. Во судските процеси за крвавиот четврток се споменуваше неговото име во претходниот предмет за кој има првостепена пресуда, како и во овој, каде што сведочеше и осудениот Александар Василевски Нинџа. Покрај Нинџа, Иванов го споменуваа и браќата Михаил и Стефан Младеновски, кои беа обвинети, а потоа добија амнестија.
Тие го споменуваа поранешниот шеф на државата во контекст дека ноќта на 27 април 2017 добиле информација од вработен во УБК, Дејан Димовски – Боксер, дека Иванов ќе прогласи воена состојба. Според нивните сведочења, таква информација на Боксер му дал „Синиша од кабинетот на Иванов“.
Тогаш од неговиот кабинет излегоа со демант на ваквите сведочења. „Давање лажен исказ е кривично дело. Не знаеме по кој пат, Кабинетот на претседателот ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27 април“, соопштија од кабинетот на Иванов.
Нинџа, пак, тврдеше и дека Иванов не прогласил воена или вонредна состојба поради притисок од странски фактор.
