Иванов: Да го сакаме и почитуваме се она што го имаме
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на свечената велигденска литургија во Соборниот храм од каде порача да го чуваме наследството кое го имаме, бидејќи токму на тоа треба да се потсетуваме на овие големи празници.
- Сакам на сите христијани да им го честитам овој голем ден - Велигден, ден кога симболично животот ја победи смртта. Затоа, да се радуваме на животот, на сите добрини и убавини што тој ни ги носи, изјави Иванов.
Како што рече Иванов, во годината кога одбележуваме пет децении од возобновувањето на Македонската православна црква - Охридска архиепископија треба да се потсетуваме на сите наши обичаи и традиции кои ни овозможиле да опстојуваме низ вековите.
- Посакувам во овие празнични денови да се потсетуваме на сето она што е во наше наследство, да го сакаме, почитуваме и да му се радуваме на животот, да го сакаме и почитуваме се она што го имаме, да ја сакаме, почитуваме и чуваме Република Македонија -порача Иванов.
На литургијата присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, а велигденската порака ја прочита протојереј Драги Костадиновски.
