Итна проверка по филмот за увезувањето на токсичното отпадно масло: Нема компромиси
Владата на последната седница дискутираше и ја оцени како
вонредна и итна информацијата објавена во јавноста од страна на Истражувачката
репортерска лабораторија - ИРЛ за постоење сомневања дека во одреден период во
земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и
животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и како што објави ИРЛ се
користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво
во приватни компании во земјава.
-Владата со загриженост и внимателност им пристапи на изнесените информации и
ја потврди силната и одлучна заложба дека нема да има компромиси кога е во
прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Со цел
расчистување на сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата,
на предлог на заменикот-претседател во Владата задолжен за борба против
корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси заклучи дека се неопходни
брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за
случајот во согласност со надлежностите на секоја од институциите за увоз,
трговија и контрола. Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна
контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од
наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која
царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите
соодветствуваат со дериватот што е увезен, се наведува во владиното соопштение.
Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија
и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на
нафтените деривати веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите
што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.
Владата го задолжи и Државниот инспекторат за животна средина да спроведе
вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на
други нафтени деривати. Како заклучок за оваа точка е и задолжението за Министерството за економија да
се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на
течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските
стандарди.
Како последен заклучок Владата наложи сите институции опфатени со овие
задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени
во рок од 14 дена.
Владата редовно ќе ја информира јавноста за сите нови информации поврзани со
увозот на нафтените деривати за кои беа изнесени сомневања.
