Економија, финансии, бизнис

Контакт

Итна проценка на штетите од пожарите и брз акциски план: Анализа со Божиновска

Итна проценка на штетите од пожарите и брз акциски план: Анализа со Божиновска

Десетици милиони евра секоја година горат со шумските пожари, а летната стихија која ја зафати Македонија ќе биде меѓу најтешките со последици како тие во 2012 година. Тогаш изгореле речиси 20 илјади хектари шума.

Штетите врз животната средина се огромни, а враќање во првобитната состојба може да има по 50 години. Пожарите најчесто се предизвикани од човечки фактор од невнимателност, а дел се и намерно предизвикани. 

Потребно ли е поголемо едуцирање на граѓаните од најмала возраст за зачувување на природата и шумите за да не си повторуваат траорните слики со катастрофалните шумски пожари?

„Се разбира дека е потребно пообемно и поефективно едуцирање на граѓаните за значењето на зачувувањето на природата и природните ресурси, во овој контекст на шумите. Имено, како и за секоја тема, свеста се гради постепено низ процесите на формално и неформално образование, па така потребно е да се посвети особено внимание на зачувувањето на шумите, имајќи предвид дека овој регион е склон на опожарување поради климатските и останатите карактеристики“, истакнува Ангела Божиновска граѓански активист од Зелена иднина. 


Во годините кога се одвиваше акцијата „Ден на дрвото” имаше најголемо пошумување. Во последните четири години биле пошумени под 1000 хектари или најлоша состојба од 1964 година наваму.

Што може да се преземе сега за ревитализација на изгорените предели. Старите дрвја не може да се заменат преку ноќ, последиците ќе бидат долгорочни, но потребна ли е сега масовна акција на пошумување и засадување на дрвја во која би се вклучиле сите граѓани?


„Првично е потребно да се направи една анализа на штетата, која впрочем требаше веќе да биде изработена од страна на ЈП Национални Шуми. Откако анализата ќе биде извршена, потребно е да се изготви план од експерти, којшто би опфатил повеќе аспекти како што е брзината на растење на одредени растенија, соодветноста на просторот за посадување на нови дрвја, степенот на брзина на пошумување, загаденоста на почвата од самиот пожар и слично, па дури потоа да се оди на спроведливоста, односно кој што ќе прави. Се разбира дека вклученоста на граѓаните е од исклучителна важност, но сепак најважно е да се има институционален акционен план”, вели Божиновска.


Големите шумски пожари покрај човечкиот фактор се засилуваат и од климатската криза. Што треба да преземеме на долг рок за намалување на последиците и колку е тоа прашање на итност?

„Климатската криза е прашање на итност веќе подолго време, што резултираше со Парискиот Климатски Договор, којшто пак има за цел да ги намали емисиите на ЦО2 за зголемувањето на глобалната просечна температура да се држи под 2°C. За жал, иако обврзувачки, веќе е јасно дека овој Договор не ја постигнува целта, или барем не сите држави потписнички на Договорот ја постигнуваат целта. На долг рок мораме да правиме големи промени во начинот на живот. Што тоа значи? Тоа значи дека секој од нас, ама буквално секој од нас, мора да почне да води одржлив начин на живот. Целта на одржливиот начин на живот е да се намали користењето на необновливите природни ресурси и да се користат обновливи ресурси. Одржливоста ќе биде најважна во сите економски полиња во иднина, иако можеби малку задоцнето. Во овој контекст на пример, одржливоста е важна за искористувањето на дрвјата/шумите како ресурс кој бавно се обновува, а е потребен и за други природни процеси освен човечкиот фактор. Кај нас одржливоста или одржливиот начин на живот не е многу популарен како концепт, но во одредени земји мнозинството граѓани веќе го практикуваат. На Faceboook страницата на Зелена Иднина, минатата година имавме кампања каде што секој ден споделувавме по еден совет за тоа како секој од нас може да живее одржливо преку мали чекори, односно мали промени во секојдневието, па таа содржина е достапна за секој кој е заинтересиран за одржливо живеење”, заклучува Божиновска.

Менување на свеста на граѓаните за поголема грижа за шумите, но и доследност во казнената политика. Иако се поднесени триесетина кривични пријави за подметнати пожари и натаму пироманите не сопираат правејќи ја оваа година една од најцрните со пожарите. 

За предизвикување пожар се предвидени и затворски казни од шест месеци до осум години.

Х.С.

Слично

Поврзани вести