Истражување: Самохраните родители живеат со 25 денари на ден
Центарот за истражувачко новинарство Скуп Македонија го истражуваше животот на самохраните родители.
Од истражувањето се доаѓа до заклучок дека за само 744 денари детски додаток од државата месечно родителот треба да помине скапа, но и мачна процедура, собирајќи документи од десетина институции
„Мојата ќерка се вика Сена. Живее со мене. Веќе една година сум без работа, а од државата не добивам ни пет денари. Се обидував цела година, одев постојано да молам по институциите за да ми помогне некако државата. Нема каде не одев. Работев во една приватна болница пет години. Ме избркаа бидејќи моето малолетно дете кога беше многу болно немаше кој да го чува. Се обратив во Центарот за социјални грижи со документот од кој се гледа дека сум добила отказ. Од таму ми рекоа дека не ги интересира што веќе немам работа бидејќи моето дете примало 2.000 денари алиментација од таткото Суад. Ниту дошле ниту прашале дали јас навистина ги земам тие 2.000 денари“.
Ова е животната приказна на триесетичетиригодишната Тереза Христова од Скопје, која апелира да и се помогне со бесплатна правна помош од адвокат бидејќи таа е невработена и не може да си ги плати ни сметките. Приказна многу слична на животните приказни на уште голем број самохрани мајки и еднородителски семејства во Македонија. Заглавени во лавиринтот на институциите, постојано бараат помош. Социјалната помош е мала, а при тоа потребно е да се исполнети одредени услови. Па така, за само 744 денари детски додаток од државата месечно родителот треба да помине скапа, но и мачна процедура, собирајќи документи од десетина институции. Но, и да се добие оваа сума, детскиот додаток не е доволен да ги покрие основните трошоци.
Парите не се единствениот проблем. Родителите кои се дел од еднородителски семејства се ограничени да работат во две смени бидејќи градинките работат само во прва. Ова го стеснува изборот на работни места на кои родителот може да конкурира на пазарот на трудот – пред се бидејќи голем дел од работите предвидуваат повеќе од една смена. Понатаму, деновите за боледување се недоволни, а работодавците немаат минимум толеранција доколку родителот ненајавено не може да се појави на работа дури ни за еден ден. Дополнително, овие семејства се соочуваат и со ненајавено прекинување на здравственото осигурување, па така се принудени на приватно лекување кое е многу скапо и за најголемиот дел недостапно.
Еднородителските семејства барајќи помош и помагајќи си едни на други, го создале здружението „Една може“. Бесплатни совети, психотерапевтска помош, правна помош, решавање на станбени прашања, собирање на парични средства за да се подмират стопираните сметки на членовите, чување на деца едни на други, барање и наоѓање работа се само дел од она што го нуди здружението, а родителите не го добиле од државата.
Повеќе за темата може да прочитате овде.