Истрагата трае, се подготвува нов закон: Каква лекција научивме од пожарот во кој изгореа три дечиња
Се уште не се познати причините поради кои избувна пожарот во кој животот го загубија три малолетни дечиња. Прегрнати тие заминаа во смрт кога нивната куќа трошна куќа беше зафатена од пожар.
Помина време, обвинителството уште истражува, Министерството носи нови реформи и нов закон според кој едно стручно лице ќе работи со едно семејство. Ќе биде ли доволно?
ДРЖАВАТА СЕКОГАШ ТРЕБА ДА Е МАЈКА
Растргнати во обезбедување егзистенција за децата и нивните потреби, родителите не секогаш имаат време, капацитет и можности за квалитетно родителствување. Децата често се оставани сами на рана возраст, во несоодветни и опасни услови, укажуваат од првата детска амбасада Меѓаши. Бараат промени.
„Целиот систем треба да биде помобилен и поодговорен во помошта, следењето и поддршката на семејствата кои се во ризик особено ако во семејствата има деца. Ова треба да биде императив во постапувањето на сите институции со цел да се спречат ваквите немили настани во иднина“, велат за „Фактор“ од „Меѓаши“.
Од таму нагласуваат дека секогаш кога родителите ќе затаат во своите родителски обврски, независно од причините за тоа, системот е тука и треба да интервенира додека, потенцираат, ранливите категории деца задолжително треба да бидат вклучени од најрана возраст во градинки со обезбедени бенефиции од државата за да се овозможи правилен раст и развој на децата. Не смееме да дозволиме рамнодушноста да биде составен дел на нашето работење и живеење, додаваат од Меѓаши.
ДАВААТ СОЦИЈАЛНА ПОМОШ И ГИ ОСТАВААТ
Семејството било корисник на социјална помош. Но доволна ли е само таа? Од Министерството за труд велат не. Тврдат дека на семејството им била доделена и еднократна парична помош, а биле вклучени и во Народна кујна. Сега се истражува дали има пропусти во работата на Центарот за социјална работа во велес. Во меѓувреме се прави и нов закон со реформа да се воведе индивидуална грижа и работа со корисниците, односно „управување со случај“ .
„Едно стручно лице ќе управува со случајот и ќе има обврска да го следи семејството. На овој начин, социјалниот работник многу подобро ќе ги знае состојбите во семејството, ќе го следи нивниот напредок но и проблемите во секојдневнието. Ова директно ќе влијае на превенција од многу потенцијални ризици и немили настани, но и ќе придонесе кон побрзо извлекување на семејствата од ризик“, велат од Министерството.
Во моментот еден стручен работник годишно има од 350-500 предмети што е апсолутно недозволиво, велат оттаму.
ИСТРАГАТА УШТЕ ТРАЕ
Основното јавно обвинителство Велес се уште ги очекува резултатите од наредените вештачења во предметот.
„Откако резултатите ќе пристигнат, ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука“, информираа кратко од ОЈО.
Семејството чии дечиња настрадаа во пожарот, живееше во куќа која се наоѓа под ридот Вршник во Велес, на тешко пристапен терен, отсечена од најблиските објекти до Велес. Трите деца биле сами во куќата кога избувнал пожарот.
Ирена Ставрова
