ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДВЕТЕ ЗЕМЈИ: Директорот Златко Ориѓански објави дека е ставен во функција Македонскиот културно-информативен центар во Тирана
Ставен е во фунција Македонскиот културно-информативен центар во Албанија.
Оваа вест ја објави директорот на центарот, Златко Ориѓански, преку својот фејсбук профил, кој од него објави и фотографија.
„На 29.04.2021 год, Македонскиот културно информативен центар во Тирана, Република Албанија, е ставен во функција. Следи свечено отворање. Ајде аирлија нека е! Историски момент за нашите две пријателски земји!“, напиша Златко Ориѓански на својот фејсбук профил.
Инаку, уште во јули 2019 година медиумите во земјава објавија дека музичарот Златко Ориѓански ќе биде првиот директор на новиот Културно-информативен центар на Северна Македонија во Тирана, Албанија.
Тој предлог тогаш беше усвоен и на владина седница.
„Предлогот доаѓа по потпишаната Спогодба помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за основање Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Тирана и Културно-информативен центар на Република Албанија во Скопје“, изјавија тогаш за медиумите од Министерството за култура.
Културно-информативните центри на Северна Македонија и Албанија, според Спогодбата, се формираат за да организираат во своите простории библиотеки и читални, да издаваат или увезуваат публикации кои се однесуваат на културните и научните информации од својата земја.
Понатаму, задолжени се да прикажуваат филмови во и надвор од своите простории, со посредство на институциите надлежни за тоа во земјата домаќин, да организираат во своите простории литературни, научни и други предавања пропратени со визуелни илустрации или музички изведби, како и да организираат во своите простории секаков вид изложби.
Културно-информативните центри ќе можат да даваат информативни услуги за заинтересираните граѓани на двете договорни страни, како и на граѓани на трети држави, ќе бидат задолжени да објавуваат и да дистрибуираат информативни билтени, за настаните и манифесатциите организирани од центрите.
Тие ќе поддржуваат размена на телевизиски и радио програми во согласност со веќе склучените договори.
Договорните страни, според Спогодбата, си укажуваат помош врз база на реципроцитет за изнаоѓање на просторија, зграда или терен, соодветни за дејноста на Културно-информативен центар.
