ИСТОРИСКИ, ЕТНОЛОШКИ, МУЗЕИ НА ВИНО И ТУТУН: Колку македонските граѓани ги посетуваат?
Во повеќето македонски градови има еден или повеќе музеи, но сите се со различна посетеност. Дел од нив имаат солиден бројот на посети, но простор за подобрување секогаш има.
Многу македонски граѓани не паметат кога последен пат посетиле музеј во земјава. Велат дека додека биле ученици, организирано оделе во музеи. Многумина не се запознаени што може да се види во музеите во градовите каде живеат.
„Не сум била одамна во музеј. И младите не одат во посета на музеите, јас гледам по внуците“, вели Јасмина Николова, граѓанка.
Граѓаните велат дека и музеите треба повеќе да се промовираат на социјалните мрежи.
„Никогаш не сум била во музеј во Куманово, не ни знам каде се наоѓаат. Немам ни друштво со кого да отидам. Одам на литературни читања, но не и во музеи. Луѓето не ги интересира да појдат на такви места, да видам што е изложено“, рече кумановка.
Друг повозрасен човек раскажува дека пред неколку децении бил во музеј.
„Како дете кога имав 7 години бев во Кумановскиот музеј и оттогаш не сум бил. Народот нема интерес за посета на музеи“, рече Трајко Јакимовски.
Од Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје велат дека пред пандемијата имале 100.000 посети на годишно ниво, вкупно и наши граѓани и странци. Се надеваат дека во иднина бројот на посетители ќе расте.
„Имаме посети од училиштата, градинките, од одредени институции, здруженија. За викенди доаѓаат граѓани кои имаат гости и сакаат да ги прошетаат, и самите кажуваат дека поминале многупати тука, но не влегле во музејот. Ние работиме 7 дена во неделата, а влезот е слободен“, велат од Спомен куќата на Мајка Тереза.
Од Историски музеј Крушево објаснуваат дека тие управуваат со пет музеи, но најпосетени се Македониумот и Галеријата на Никола Мартиноски, додека за другите интересот е послаб.
„Тие имаат најмногу посети, додека другите се послабо посетени. Единствено учениците кога ќе дојдат на екскурзија, ги посетуваат сите музеи, затоа што наставниците знаат, ние ги упатуваме што можат да видат. Но, туристите обично се паркираат на Гумење, одат во Македониумот и Спомен куќата на Тоше“, вели Тома Тана, директор на Историски музеј Крушево.
Од Винскиот музеј во Кавадарци се задоволни од бројот на посетели. Велат дека се формирани во 2020 година, а досега установата ја посетиле 4.500 луѓе.
„Ние сме специјализиран музеј во делот на винарството и лозарството. Имаме добра бројка на посетители ако се земе предвид дека сме формирани во 2020 година и дека имавме пандемија на коронавирусот. Освен едукативниот дел имаме и дегустација на ниво. Имаме посетители од целата република“, објаснува Весела Честоева, директорка на Вински музеј Кавадарци.
Димитар Пашлаков од Музејот на олдтајмери од Неготино вели дека во летото имаат по 7 или 10 групи во текот на неделата, има многу странци, а домашните посетители обично се од соседните градови. Музејот има 20-тина олдтајмери и 50-тина мотоцикли.
„Треба да се работи на тоа поле, да се унапреди и да има повеќе домашни посетители. Нашиот музеј постои од 2012 година. Ние немаме точна бројка колку гости доаѓаат, но тоа зависи и од времето. Кога времето е убаво, преку лето неделно имаме по 7-8-10 групи. За влез не наплаќаме, туку имаме кутија за донации“, вели Пашлаков.
Од Народен музеј Велес објаснуваат дека имаат десетина објекти, но и се задоволни од посетеноста. Имаат странски, но и домашни посетители, меѓу кои се и голем број ученици.
„Ние сме едни од ретките кои можат да се пофалат со добра посетеност. Посети имаме постојано. Спомен куќата на Коста Солев Рацин ја посетуваат ученици од средните училишта, имаме соработка со нив, доаѓаат и деца од големите групи од градинка, како и ученици од 3-то и 4-то одделение. Ако го тргнеме настрана периодот со коронавирусот, бројот на посети на годишно ниво е од 2.000 до 3.000, зборуваме за странски и домашни посетители. Посетуваат и други објекти, како Спомен Костурницата, објектите во Врановци“, додаваат од Народен музеј Велес.
Сепак, вработените во музеите велат дека политичката стабилност во државата влијае на бројот на странски посети. Како пример ги наведуваат настаните кои пред неколку години се случија во Диво Насеље во Куманово. Александар Цветкоски, кустос советник од Музејот на тутун во Прилеп вели дека посетеноста сега е послаба и драстично намалена во однос на 2009, 2010 и 2011 година.
„Можам да кажам дека 2009, 2010 и 2011 беа златни години за туризмот. Домашни посетители никогаш немало во голем број, луѓето не се заинтересирани. На сите поставки сега годишно имаме до 2.000 посетители. Домашните посетители доаѓаат ако влезот е слободен, но ако треба да платат влезница се премислуваат, но и странците однапред планираат колку пари ќе треба да одвојат за посети на музеи“, кажа Цветкоски.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на посетителите на музеите во 2021 година изнесува 184.156. Зоолошките, археолошките, етнолошките музеи имале најмногу гости, а најмалку посети имало во техничките музеи. Ботаничките и геолошките музеи имаат по неколку илјади посети, но се далеку зад најпосетените. Од вкупно 25 музеи, според основачот, 16 се јавни (национални) музеи, 8 се јавни (локални) музеи и еден е приватенмузеј, а според предметот на работа, 16 се општи и 9 се специјализирани музеи.
Сања Атанасовскафото Фејсбук/ Вински музеј Кавадарци
