Историја на односите на Македонија и НАТО: Сосед на бомбардирана земја, внатрешен конфликт, мисија во Авганистан, блокада во Букурешт...
Превземено во оригинална верзија од агенција ТАСС
Членови на НАТО и Македонија потпишаа протокол за влез во Алијансата. Уредниците на ТАСС-ДОСИЕ подготвија материјал за односите меѓу блокот и оваа балканска земја.
Врски во 1990-тите
Македонија, која прогласи независност во 1991 година (како република беше дел од Југославија од 1945 година), веќе во декември 1993 година, се насочи кон членство во НАТО. Оправдувајќи ја потребата за таков чекор, претседателот на Собранието Стојан Андов истакна дека приемот на Македонија во Алијансата "ќе придонесе за зајакнување на нејзината национална безбедност". Оттогаш, земјата активно учествуваше во дејствијата на блокот.
Во 1995 година, таа се приклучи на програмата Партнерство за мир, усвоена во 1994 година со цел целосна интеракција помеѓу Алијансата и земјите кои не се членки.
Во 1998 година, земјата почна да учествува во програмата "Наука за мир и безбедност" (започна во 1997 година), со цел да им помогне на земјите-партнери во имплементацијата на транзицијата кон модел на пазарна економија, како и поддршка на истражувања за заштита од тероризам и други закани по безбедност.
Во 1999 година, Македонија се приклучи на Акциониот план за подготовка за членство во НАТО (функционира од 1999 година, земјата-учесничка добива статус на кандидат за членство во блокот, добива практична поддршка за потребните реформи).
Од 1999 година, Македонија обезбеди логистичка поддршка на Меѓународните безбедносни сили во Косово (под команда на НАТО), кои беа воведени во покраината по воздушната операција на НАТО против Југославија (март-јуни 1999 година) во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. За таа цел, во Скопје главниот град на Македонија) беше создаден оперативен штаб на НАТО. Во средината на 2000-тите години, тој беше трансформиран во мисија за комуникации
2000-тите
Во март 2001 година, етничките Албанци од "Ослободителната национална армија" (ОНА), започнаа герилска војна против редовната армија на Македонија. Конфликтот заврши со потпишувањето на Охридскиот рамјивен договор во август истата година, со што на Албанците им беа проширени правата. Со цел да ги разоружа членовите на ОНА во август-септември 2001 година, НАТО изврши операција на разоружување на територијата на Македонија (потоа следеа голем број операции, насочени кон нормализирање на ситуацијата во земјата).
Кон крајот на 2001 година, Македонија апелираше до владејачките тела на Алијансата со формално барање за пристапување.
Во обид да се постави како доверлив партнер, Македонија се приклучи на Меѓународните безбедносни сили за помош во Авганистан (ИСАФ), која беше предводена од алијансата од 2003 година. Македонскиот воен контингент беше дел од ИСАФ во периодот 2002-2014 година (околу 160 лица, а вкупната сила во 2014 година изнесуваше околу 90 илјади). По повлекувањето на ИСАФ во 2014 година, воениот персонал на земјата продолжи да служи во Авганистан како дел од не-борбената мисија на НАТО "Силна поддршка" (обука за авганистанските безбедносни служби, полицијата и армијата). Во моментов во Авганистан има 50 македонски војници (вкупниот број на мисија е околу 17 илјади).
Во 2005 година, Македонија се приклучи кон Програмата за оперативни способности, чија цел е да се зголеми нивото на интероператибилност на нејзините вооружени сили со формациите на земјите-членки на Алијансата.
Прашање за официјалното име на Македонија
Македонија се очекуваше да добие покана за влез во НАТО на самитот на организацијата во Букурешт во април 2008 година. Меѓутоа, Грција (членка на НАТО од 1952 година) се спротивстави на ова, наведувајќи го нерешениот проблем со името на државата. Спорот меѓу двете земји се појави во 1991 година. Грција, која смета дека на нејзина територија се наоѓа голем дел од историскиот балкански регион Македонија, се залагаше името на новата држава да содржи какви било објаснувачки зборови (на пример, "Независна Република Македонија" или "Република Северна Македонија "). Прашањето за приклучување беше одложено додека не се реши спорот.
Несогласувањата беа завршени во јуни 2018 година, кога земјите потпишаа договор според кој Република Македонија официјално ќе биде наречена "Република Северна Македонија". Веќе во јули, на самитот на НАТО во седиштето во Брисел, Македонија беше поканета да започне преговори за пристап. Тие се одржаа на 18-19 октомври.
По ратификацијата од страна на Грција од Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, ќе стапи на сила договорот за промена на името на земјата. Се очекува Република Северна Македонија официјално да стане 30-ти член на блокот на самитот на организацијата во 2019 година.
Позиција на Русија
Во јануари 2019 година, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изрази загриженост за развојот на ситуацијата на Балканот. Според него, "правилата што сега се промовираат како целина на Балканот се доста опасни и одразуваат опсесија за што побрзо да бидат зачленети сите балкански земји во НАТО". Во врска со претстојниот влез во блокот на Македонија, Сергеј Лавров рече: "Постои продолжување на процесот на вештачко прецртување на државното име наметнато од надвор, со цел да се принуди Скопје за влез во НАТО".
