Историчарот Камберовиќ за Фактор: Историјата да не се злоупотребува, за Делчев ќе има различни мислења
Хуснија Камберовиќ, историчар од БиХ, еден од потписниците на писмото кое неодамна го упатија историчари во регионот, со цел историјата да не се злоупотребува во преговорите меѓу Македонија и Бугарија, за Фактор вели дека дијалог сепак треба да има меѓу македонските и бугарските колеги.
Тој вели дека тие не сакаат да се мешаат во спорот, но бараат историјата да не се злоупотребува.
„Ние како една група историчари од регионот излеговме со една протестно писмо, поради фактот дека Бугарија ја користеше историјата како пречка во преговорите на Македонија во врска со придружување на Европската Унија. Никој од нас не сака да арбитрира во разговорите кои ги водат колегите од Бугарија и Македонија, но сме против злоупотреба на минатото во политички цели. Дијалогот е нужен, па и меѓу македонските и бугарските историчари, но тоа не треба да се злоупотребува. Историчарите знаат дека историските настани и историските личности треба да се гледаат во контекст на своето време, а не во контекст на времето во кое ние за нив пишуваме. Таков е случајот и за Гоце Делчев. Историчарите за него ќе имаат различни мислења, но е нужно да се земат во обзир сите фактори при анализа на неговиот идентитет и историска улога“, вели Камберовиќ.
Порачува дека историчарите треба да се занимаваат со историја, а политичарите со политика.
„Тоа не треба да биде пречка за европската интеграција на Северна Македонија, ниту од македонските и бугарските историчари треба да се бара да бидат доследни на некои националистички наративи кои ќе бидат во функција на политички цели“, рече Камберовиќ.
Писмото на историчарите беше потпишано од Дубравка Стојановиќ, Хуснија Камберовиќ, Твртко Јаковина, Божо Репе, Аднан Прекиќ, Сњежана Корен, Бранимир Јанковиќ, Момир Самарџиќ и други.
Последната онлајн средба меѓу македонските и бугарските историчари заврши без напредок. Имаше несогласувања за Цар Самоил и за придавката „македонски“, а за револуционерот Гоце Делчев зборувале само половина час.
Сања Атанасовска