Истече рокот за одложување на пописот во Собранието
Рокот за законските измени со кој ќе требаше да се одложи почетокот на пописот на населението од 1 септември истече синоќа на полноќ во Собранието без да бидат истите изгласани.
Според тоа, останува да важи рокот дека од денеска треба да започне теренската статистичка операција и покрај тоа што лидерите на најголемите партии во Собранието - Зоран Заев и Христијан Мицкоски на почетокот од неделава постигнаа договор за одложување .
Според она што вчера го објави кабинетот на претседателот на парламентот Талат Џафери, токму пратеничката група на Алијансата за Албанците и Алтернативата не прифати започнување на седницата за законските измени. Оваа колаиција објави дека „го спасила пописот“ и дека треба да започне денес.
Агендата на работата на Собранието треба да биде објавена денес, а вчера состанок имаа координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието.
Од друга страна, нема изјава од директорот на Државниот завод за статистика, дали регистрацијата ќе започне денес или не.
