Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИСПЛАТА НА ПЛАТА ДО 5-ти ВО МЕСЕЦОТ И ПОГОЛЕМО ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО - нови предлози на Левица во Собранието

ИСПЛАТА НА ПЛАТА ДО 5-ти ВО МЕСЕЦОТ И ПОГОЛЕМО ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО - нови предлози на Левица во Собранието

Опозиционерите од Левица со нови предлози во Собранието за подобрувње на работните услови за работниците. Поконкретно овој пат бараат исплатата на платите за работниците да биде до петти во месецот, а породилното отсуство да се зголеми од 9 на 18 месеци.

- После, за нас, неразумниот и неодговорен ‘платен распуст’ на пратениците, на седницата закажана за утре (вторник) ќе се најдат два предлог-закони поднесени од пратеничката група на Левица:

Задолжителна исплата на платата до 5-ти наместо до 15-ти во месецот, затоа што работникот не смее да биде оставен во неизвесност, присилен да зема брзи кредити, да влегува во дозволени минуси или да се изложува на позајмици со високи камати додека чека половина месец за парите што чесно ги заработил;

Зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, со цел подобрување на социјалната и економската заштита на мајките и семејствата, нивно психофизичко закрепнување и развој, како и градење на здрава врска без страв од финансиска несигурност. Секое дете заслужува стабилен почеток во животот, а секоја мајка право на достоинствено мајчинство - пишува во соопштението на партијата испратено утрово до медиумите. 

Додаваат дека овие предлог-закони се поднесени од пратеничката група на Левица, но посочуваат дека се произлезени директно од потребите на народот.  

- Дополнително, овие законски решенија не претставуваат светски феномен, туку се компаративно познати и пожелни во други европски земји.

Оттука, доколку продолжи партиската суета на владејачкото мнозинство составено од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ, и овие предлози не бидат изгласани - тоа ќе биде удар врз оние коишто им го дале мандатот, народот, а не врз Левица - нагласуваат од партијата. 

Потоа потсетуваат дека досега мнозинството предводено од ДПМНЕ не гласаше за ниту еден предлог на Левица, и додаваат дека пратениците од владејачката коалиција без дебата и разумни контра-аргументи ги одбиваа сите предлози. 

- Пратениците ги потсетуваме дека предлозите се во интерес на граѓаните, а не на политичките партии. Одбивањето на вакви законски решенија, само затоа што доаѓаат од Левица, не е политика - тоа е непочитување на работниците и семејствата пред кои секој пратеник одговара - нагласуваат опозиционерите. 

Слично

Поврзани вести