Исплашен сум, груевизмот е уште длабоко во институциите, вели Рамковски
Велија Рамковски, поранешен сопственик на А1 телевизија, денеска имаше емотивна исповед за тортурата што ја доживеал тој, неговото семејство, но и целата телевизија во време на владеењето на екс-премиерот Никола Груевски.
Иако поминаа многу години од затворањето на телевизијата, тој вели дека е исплашен дека груевизмот се уште е длабоко во институциите.
„Груевски не беше задоволен како работат новинарите од телевизијата. Имавме повеќе судири со Груевски. Еднаш ми рече: „Луѓето умираат, спомениците ќе останат“. Во август 2010 година беше расцепот со него, а до крајот не уапсија цела фамилија. Ме пикнаа во затворот Шутка. Не можев да дишам, не можев ѕвездите да ги видам од рефлекторите. Секој ден имаше претрес, цинички ме малтретираа. Битката за да опстанеш жив е тешка. Ниеднаш додека шетав во затворот во тие 28 месеци, не ја видов ќерка ми Емел. Јас се радував на судењата, затоа што таму можев да ја видам. Но, издржавме се, ама груевизмот е длабоко во институциите. Сега сум малку исплашен, груевизмот е уште силен. Сите треба да сме уплашени“, рече Рамковски.
Сопственикот на згаснатата А1 телевизија ова го кажа во своето обраќање на панелот “Жртви на режемот”. По секое завршување на вестите добивал повик од Груевски.
„Во Шутка за мене имаше посебно шеталиште, а ме следеа двајца стражари наместо еден, но и преку видео-надзор. Секој ден ми вршеа претреси. Тие не смееше да не ме малтретираат, оти имаа страв од Груевски. Тоа беше битка за опстанок. Но главното и најтешкото за мене беа моментите на шеталиштето. Од прозорите ме гледаше мојата ќерка Емил. Таа ме гледаше 28 месеци, а јас нејзе не можев. Во точно даден термин нејзе ја тргаа, мене ме пуштаа. Другите затвореници си подаваа кеси преку решетки, ние не можевме да се видиме. Кога ќе дојдеше жената, таа седеше цел ден во затворот бидејќи одеше на посета кај мене, братот, Емел. Јас се радував кога ќе одев на судењата, само тогаш можев да ја гушнам ќерка ми”, сведочеше Рамковски.
