Исени: Полицијата не припаѓа на ниедна вера – осветувањето во МВР е спротивно на законот
Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени остро реагираше по објавените фотографии од верско осветување на службени полициски возила и објекти во кругот на Министерството за внатрешни работи, оценувајќи дека станува збор за директно кршење на уставниот принцип на секуларност и на важечките закони.
Исени нагласува дека прскањето со света вода од страна на верско лице врз службени возила и објекти во рамки на МВР не може да се третира како приватен или личен верски чин, туку претставува недозволиво мешање на религијата во функционирањето на државните институции.
Според него, настанот бил организиран од поединци – припадници на сообраќајна полициска единица, во соработка со верско лице, и во никој случај не го одразува официјалниот став или институционалната политика на Министерството за внатрешни работи. Воедно, Исени оценува дека ваквото постапување укажува на сериозен недостаток на професионална свест и почитување на законските принципи кај дел од полициските службеници.
„Уставот на Република Северна Македонија, во член 19, јасно ја утврдува одвоеноста на верските заедници од државата, додека Законот за полиција налага целосна и безусловна институционална неутралност“, потенцира заменик-министерот.
Тој додава дека МВР е државна институција која мора да им служи подеднакво на сите граѓани, без разлика на нивната верска припадност, и дека службените простории, возила и ресурси не се сопственост на ниту една верска заедница и не смеат да се користат за верски обреди или активности.
„Полицијата е во служба на сите граѓани и не смее да функционира со двојни стандарди“, истакнува Исени.
Заменик-министерот најави дека, согласно внатрешните правилници и законските процедури во МВР, на одговорност ќе бидат повикани сите лица кои го организирале или дозволиле настанот, оние кои не го спречиле неговото извршување, како и сите што овозможиле влез на верско лице во објектите на Министерството за вршење верски активности.
Според Исени, само со доследна примена на законот и почитување на принципот на еднаквост пред институциите може да се зачува интегритетот на МВР и да се врати довербата на граѓаните и на вработените во полицијата.
