Иселениците незаинтересирани, нема да има гласање за парламентарните избори
Нема да има гласање од страна на македонските иселеници за парламентарните избори на 8 мај, затоа што со недоволни 2.954 пријави го најавиле своето учество во странските конзулати.
Државната изборна комисија прифатила 2610 пријави за гласање, а оваа бројка би можела да се промени доколку Министерството за надворешни работи до ДИК најдоцна до 21 март, согласно Роковникот за избори, достави пријави од наши државјани поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва.
Сепак, извесно е дека гласање ќе се организира само за претседателските избори бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници.
Портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска минатата недела објасни дека без разлика колку прифатени пријави има за гласање во дијаспората, гласање за претседателските избори ќе се организира, но за да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5.355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство.
-За овие избори овој број е 5.355. Значи, најмалку 5.355 гласачи треба да има вкупно регистрирани во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство за да може да бидат, пред се, организирани вакви избори. А најмалку, исто така 5.355 гласачи би требало да гласаат за еден кандидат за тој да биде избран, појасни Гугучевска.
