ИСЧЕЗНА ТОКМУ ВО ЈАНУАРИ ПРЕД ТРИ ГОДИНИ - Обвинителството уште трага по девојката, барана е и странска помош, каде е Марија Брзакова?
Откако неколку лица исчезнаа во последниов период, Фактор би сакал да потсети и на случајот на младата Марија Брзакова од струмичкото село Босилово, која ненадејно исчезна пред околу три години, излегувајќи од дома без документи и само по тренерки, но таа никогаш не се врати, а нејзиниот случај се смета за еден од најмистериозните.
Прашавме во Јавното обвинителство дали има нешто ново околу случајот со младата Брзакова, од каде што добивме одговор кој упатува на тоа дека случајот се уште не е затворен, односно по Марија се уште се трага, а била побарана помош и од неколку други држави и странски компании.
Но, девојката се уште не е пронајдена.
Еве каков одговор добивме од Обвинителството, со тоа што треба да напоменеме дека случајот го тераше струмичкото обвинителство, а беа распрашувани и нејзе блиски лица за да дадат повеќе детали за случајот.
„По насоки на јавниот обвинител се уште се трага по исчезнатата. Дејствија по меѓународна правна помош се побарани и од неколку други држави и странски компании“, се вели во одговорот што го добивме од Обвинителството.
Она што треба да се каже е дека младата девојка исчезна во јануари 2020 година. Особено во првата година имаше големо трагање по неа, но девојката сеуште не е пронајдена.
Фактор пишуваше на оваа тема, точно пред две години, во јануари 2021 година.
Тогаш сме објавиле дека Марија исчезна точно на 18 јануари 2020 година, во утринските часови.Како што е познато, за неа случајот го презеде струмичкото обвинителство, кое отвори предистражна постапка. Тоа не откри нови детали, а надлежните тогаш изјавија дека нема да се затвори додека или не се пронајде девојката, или не се дознае што се случило со неа.
Инаку, од Обвинителството нагласија дека тие разгледуваат повеќе варијанти за овој случај, од тоа дека оваа несреќна жена е навистина на друго место, па до можност од самоповредување или одземање на сопствениот живот, но и насилна смрт.
Оттаму тогаш рекоа и дека биле разгледани снимки од камери во селото Босилово и неколку патни правци околу селото. Потврдено е дека Брзакова не ја напуштила државата, бидејќи не е регистрирана на ниту еден официјален граничен премин дека излегла. Земени се изјави од најблиските, а проверени се и нивните телефони, но и од таму нема информации за нејзиното исчезнување.
Фактор тогаш се интересираше во струмичкото јавно обвинителство до каде е истрагата. Она што беше интересно што оттаму го открија е дека се испитувала евентуална кривична одговорност кај нејзини блиски во семејството. Од она што досега се искристализирало, Марија сигурно не ја напуштила земјава, рекоа тогаш од обвинителството.
„Во врска со исчезнувањето на лицето за кое покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Струмица оформи предмет и во рамките на предистражна постапка презеде повеќе дејствија - прибавени се видео снимки од безбедносните камери на повеќе приватни и деловни објекти во Босилово, испитани се семејството, роднините, повеќе граѓани кои имале контакти со семејството на исчезнатата, како и лица за кои надлежниот обвинител сметаше дека би можеле да имаат сознанија за настанот. Дополнително, во насока на испитување на евентуална кривична одговорност, беше извршен претрес во домот на исчезнатото лице и беа издадени наредби за вештачење на мобилни телефони во сопственост на исчезнатата и на нејзини блиски лица. Од страна на правосудната полиција, во соработка со ловни друштва и граѓани беше организирана потрага по исчезнатата, но таа потрага не даде резултати“, изјавија за Фактор од струмичкото јавно обвинителство.
Во меѓувреме, Марија се бараше и преку социјалните мрежи, за што беа објавувани и нејзини фотографии.
Уште на стартот на истрагата Министерството за внатрешни работи ја стави Марија Брзакова на списокот на исчезнати лица. Објавена беше и нејзина фотографија која требаше да им помогне на граѓаните, доколку го лоцираат лицето, сите информации што ги имаат за него, или да ги достават до најблиската полициска станица, или да се јават на дежурниот број на МВР.
На социјалните мрежи своевремено се ширеа и информации дека Марија кога исчезнала била во вториот месец од бременоста, како и дека имала извесни семејни проблеми.
Н.Н.Ф.
