„Исцелувањето на матката е враќање на жената кон нејзината внатрешна сила“: Интервју со Натали Смилевска-холистички терапевт
Во време кога сè повеќе луѓе бараат подлабок одговор на стресот, анксиозноста, внатрешните блокади и чувството на одвоеност од себе, Натали Смилевска својот професионален пат го гради токму на спојот меѓу разумот, емоцијата и енергијата. По професија магистер по финансиски менаџмент и ревизор, но и дипломиран психолог, таа повеќе од осум години работи со луѓе и животни преку холистички пристап кој ги поврзува психологијата, алтернативната медицина и личниот развој.
Натали е холистички терапевт, лајф коуч, хипнотерапевт, енергетски терапевт, терапевт за исцелување на матката, коуч за читање од морфичко поле, телепатски комуникатор со животни и практичар на реики исцелување за животни. Своето знаење го обединува преку Холистичкиот центар „Алтеа“, каде што работи со клиенти кои сакаат да направат подлабока промена во животот.
Нејзиниот професионален профил на прв поглед изгледа како спој на две сосема различни страни: финансии и терапија. Но, токму тука, вели Натали за Женски магазин, се крие нејзината предност. Финансискиот менаџмент ѝ дал дисциплина, структура и способност да ги препознава системите, моделите и последиците, додека психологијата ѝ ја отворила вратата кон емоциите, потсвеста и внатрешните конфликти што често го управуваат човековото однесување.

Како холистички терапевт, таа не гледа само симптом, туку цела личност.
- Не работам само на емоционалниот симптом, туку ја гледам целата структура на личноста – мисли, чувства, навики и животни обрасци. Целта не е само олеснување, туку реална и трајна трансформација – вели Натали.
Нејзиниот пат кон холистичките терапии започнал од лична потреба. Години наназад посетувала едукации, работилници и различни методи за личен развој, првично за да си помогне себеси – да ги разбере стресот, анксиозноста и внатрешните блокади. Кога видела колку длабоко тие процеси ѝ помогнале, се родила желбата тоа искуство да го пренесе и на други.
Денес нејзиниот ден е поделен меѓу две професии. Првиот дел од денот е посветен на ревизијата, каде што доминираат фокусот, аналитичноста и структурата. Вториот дел, пак, е насочен кон клиентите, емоциите, потсвеста, личниот развој и терапевтската работа.
- Најголемо исполнување ми носи работата со клиентите, бидејќи таму директно гледам трансформација – кога некој ќе почне да се ослободува од своите внатрешни блокади и повторно да се поврзува со себе – вели таа.
Посебно внимание во нејзината работа привлекува терапијата за исцелување на матката, која Натали ја опишува како длабок женски, емоционален и енергетски процес. Според неа, оваа терапија не е само физички пристап, туку процес на поврзување на жената со сопствената внатрешна сила, емоции и телесна меморија.
- Терапијата за исцелување на матката ја гледам како длабок женски, емоционален и енергетски процес кој работи на поврзување на жената со нејзината внатрешна сила, емоции и телесна меморија складирана во тој дел од телото – објаснува Натали.
Во пракса, таа терапија ја применува преку разговор, емоционална обработка и енергетски техники. Целта е да се ослободат потиснати емоции, стрес или трауми што жената ги носи во себе, а кои често се поврзани со самодоверба, женственост, односи или животни искуства.
- Многу жени таму носат напнатост поврзана со самодоверба, женственост, односи или животни искуства. Сесијата ја водам нежно и безбедно, со фокус на релаксација, свесност и постепено ослободување на внатрешни блокади – вели таа.
Според Натали, целта на оваа терапија не е само моментално олеснување, туку враќање на балансот, поврзување со телото и создавање поголема емоционална стабилност. Тоа е процес во кој жената повторно почнува да го слуша своето тело и да се враќа кон себе.

Во нејзините сесии големо место има и хипнотерапијата. Натали ја користи како алатка за работа со потсвеста, каде што, како што вели, често се наоѓаат корените на стравовите, ограничувачките убедувања и автоматските реакции на стрес. Клиентот се води низ безбеден и структуриран процес на длабока релаксација, при што останува свесен и присутен.
Најчестите резултати што ги забележува се намалување на анксиозноста, ослободување од негативни навики, поголема самодоверба, подобро справување со стресот и чувство како да се симнал тежок товар.
Покрај работата со луѓе, Натали се занимава и со телепатска комуникација со животни и реики исцелување за животни. Во тој процес, како што објаснува, преку емоции, сензации и слики се обидува да разбере како се чувствува животното, што му предизвикува стрес и што му е потребно за да се врати во состојба на мир. Најчесто работи со случаи на анксиозност, промени во однесување, стрес по преселба или промени во семејната динамика.
Но, без разлика дали работи со човек или животно, нејзината основна идеја останува иста – баланс, ослободување и враќање кон природната внатрешна стабилност.
- Холистичкиот пристап за мене значи гледање на човекот како целина, а не само преку еден симптом или една област од неговиот живот. Не се фокусирам само на тоа што некој чувствува во моментот, туку барам да разберам што стои зад тоа – на ментално, физичко, емоционално, енергетско и спиритуално ниво – вели Натали.
