Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНВЕСТИЦИИ ВО БРЗА КАРГО И ПАТНИЧКА ЖЕЛЕЗНИЦА, КАКО И ВО ЗДРАВСТВОТО: премиерот соопшти каде ќе се инвестираат парите од договорот со Велика Британија

ИНВЕСТИЦИИ ВО БРЗА КАРГО И ПАТНИЧКА ЖЕЛЕЗНИЦА, КАКО И ВО ЗДРАВСТВОТО: премиерот соопшти каде ќе се инвестираат парите од договорот со Велика Британија

Со овој документ, двете влади испраќаат силна порака дека интересите на граѓаните се најважни, а дека политиката е моќен инструмент кога создава вредности, а не поделби.

Овој договор е резултат на месеци сериозна работа помеѓу нашите тимови, а вчера, тој труд се претвори во јасна визија.

Ова го истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката пресконференција со британскиот амбасадор Метју Лосдон по повод согласноста за договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

- Партнерството што го формализираме, ќе придонесе за модернизација на нашите вооружени сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите. Ќе ни овозможи да ја зголемиме безбедноста на границите и да се спротивставиме на трговијата со луѓе и шверцот.

Ќе овозможи најсилна досега економска соработка меѓу двете влади, вклучително и во капитални инвестиции во инфраструктурата и здравството и енергетиката понатаму. Ќе ја засили соработката во областа на образованието, дигиталната трансформација и иновациите.

Ќе ги поврзе нашите млади, креативни генерации преку културата, науката и новите технологии. Обединетото Кралство беше со нас уште во најраните и најтешките денови на нашата независност.

Беше меѓу првите држави што нè препознаа, ни подадоа рака и инвестираа во нашата стабилност и институционален развој. Градејќи ја нашата демократија, ја имавме нивната целосна поддршка - укажа Мицкоски. 

Премиерот нагласи дека договорот ќе биде основата за инвестициски циклус којшто ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железницата од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово, итн.

- Ова што се постигна претставува втор клучен столб на нашата меѓународна позиционираност, по стратешкото партнерство со САД. Овој договор е голема потврда дека нашата држава чекори по патот на стабилноста, безбедноста, развојот и европската иднина.

Стратешкото партнерство не е награда – тој е признание за нашата досегашна доследност. За верноста кон сојузништвата. За нашата отворена, искрена посветеност на европските и евро-атлантските вредности.

Со Обединетото Кралство ние не сме единствено сојузници. Ние стануваме стратешки партнери, а овој документ е патоказ што ќе нè води во годините што следуваат.

Со доверба, соработка и со одлучност. Во име на Владата и граѓаните уште еднаш се заблагодарувам за поддршката, за пријателството и за визијата - заклучи Мицкоски. 

Фото: Притнскрин/Јутуб

Слично

Поврзани вести