ИНТЕРВЈУ ЗОРАН НЕЧЕВ: Македонската Влада е пред предизвикот „да ги поправи крилјата додека авионот сѐ уште лета
Искажаната и видиливата политичка волја на Владата за решавање на билатералните проблеми со соседите е првиот чекор кон враќање на безусловната препорака на Комисијата за почнување на преговорите. Почнувањето на спроведувањето на мерките од Акцискиот план на Владата е вториот чекор, вели Зоран Нечев од Институтот за демократија . Нечев кој присустува на самитот во Трст во интервју за Фактор оценува дека постои потреба од поголемо присуство и вклучување на ЕУ на Балканот.
„Политичките турбуленции во земјите од западниот Балкан станаа секојдневие, не поминува една недела без некаква дисторзија во нормалното функционирање на земјите како и во нивната меѓусебна соработка. Оттука, она што навистина може да го забрза процесот на проширување не се толку овие политички турбуленции колку зголеменото мешање на Русија на овие простори“ оценува Нечев . Според него , извештајот на Прибе претставува почетна точка за реформите кои Владата треба да ги спроведе во престојниот период.
„Предизвикот кој стои пред Македонија е да се поправат крилјата додека авионот сѐ уште лета“ оценува Нечев. Проценките на Нечев кој одреден период работеше во Секретаријатот за евроинтеграции во Владата се дека со евентуалното потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија ќе се зголеми притисокот кон Грција за решавање на проблемот со името.
Разговараше Горазд ЧОМОВСКИ
Фактор: Дали самитот во Трст ќе ги придвижи евроинтеграциите на земјите од регионот и колку планот на Берлин за Западен Балкан, агендата „Берлин плус“, може да биде замена за членство во ЕУ?
Нечев: Самиот факт што на Самитот во Трст посветен целосно на западниот Балкан присуствуваат премиерите и министрите за надворешни работи на клучните земји членки на Европската Унија претставува поддршка на процесот на проширување на Унијата. Агендата “Берлин плус“ е предвидено да биде продолжување на досегашните активности започнати пред четири години на Самитот во Берлин. Истата е во подготвителна фаза и сѐ уште е рано да дискутираме за неа. Од друга страна пак, Берлинскиот процес никако не треба да се перцепира од перспективата на замена за процесот на проширување. Процесот преставува дополнителен напор и поттик на земјите од западниот Балкан да имплементираат реформи и спроведуваат проекти кои се насочени кон нивно членство во Унијата.
КРЕДИБИЛНОСТА НА ЕУ Е ДОВЕДЕНА ВО ПРАШАЊЕ
Фактор: Се има впечаток дека кредибилноста на ЕУ опаѓа поради интерните несогласување. Од друга страна кај земјите аспиранти се повеќе како да доминира чувство на отфрленост . Дали поради политичките турбуленции во земјите од регионот Брисел ќе го забрза процесот на проширување ?
Нечев: Кредибилноста на процесот на проширување, а со тоа и на самата ЕУ на западниот Балкан е доведена во прашање. На тоа влијаат многу фактори меѓу кои се и внатрешните предизвици со кои се соочува самата Унија. Што се однесува до чувството на отфрленост, мислам дека истото не е основано иако постои потреба од поголемо присуство и вклучување на ЕУ на Балканот. Политичките турбуленции во земјите од западниот Балкан станаа секојдневие, не поминува една недела без некаква дисторзија во нормалното функционирање на земјите како и во нивната меѓусебна соработка. Оттука, она што навистина може да го забрза процесот на проширување не се толку овие политички турбуленции колку зголеменото мешање на Русија на овие простори.
ИДЕЈАТА ЗА ЗАЕДНИЧКИ РЕГИОНАЛЕН ЕКОНОМСКИ ПАЗАР Е РЕАЛНОСТ
Фактор: ЕУ го става фокусот на три теми: продолжување на поврзувањето во областа на транспортната и енергетската инфраструктура, развој на регионални економски области и контакти- на прво место меѓу младите и граѓанското општество. Ќе се формира ли заеднички регфионален економски пазар?
Нечев: Фокусот на процесот е ставен на повеќе теми меѓу кои и трите гореспоменати теми. За некои од нив, Берлинскиот процес навистина помогна во подобрување на соработката меѓу земјите од регионот. Особено ветувачки се чекорите кои се преземаат за воспоставување на RYCO (Регионалната канцеларија за младинска соработка). На оваа тема, Институтот за Демократија “Социетас Цивилис” во соработка со организации и индивидуални истражувачи од регионот издаде документ и истиот беше промовиран на Форумот на граѓански организации во Трст. Јас сум оптимист во изгледите за формирање на заедничкиот регионален економски пазар. Сепак, за тоа да се случи потребен е консензус од сите земји во западниот Балкан и уверување дека од истиот придобивки ќе имаат сите вклучени земји. На крајот, постои само еден начин како регионот може да се придвижи кон ЕУ, а тоа е преку регионална соработка и взаемно почитување што воедно претставува и една од главните цели на Берлинскиот процес.
РЕФОРМСКИОТ ПАТ ЌЕ БИДЕ МАКОТРПЕН , ВЛАДАТА ЌЕ СЕ СООЧИ СО СЕРИОЗНИ ПРЕДИЗВИЦИ
Фактор: Пораките од Брисел земјите канидатит за влез во ЕУ најчесто се дека е потребна политичката стабилност, решавањето на отворените билатерални прашања и спроведување на реформите. Колку реално е остварлив акцискиот план „3-6-9“ на македонската Влада за реформи со европско знаменце?
Нечев: Искажаната и видиливата политичка волја на Владата за решавање на билатералните проблеми со соседите е првиот чекор кон враќање на безусловната препорака на Комисијата за почнување на преговорите. Почнувањето на спроведувањето на мерките од Акцискиот план на Владата е вториот чекор. Во овој момент, би ја поздравил подготвеноста на Владата да соработува со граѓанскиот сектор во подготовка на истиот и особено земањето предвид на документот насловен како “Предлог на итни демократски реформи” подготвен од страна на повеќе граѓански организации меѓу кои и Институтот за демократија. Истовремено, би предупредил да не се избрзува со спроведувањето на реформите без притоа детално да се анализираат проблемите и предизвиците од нивното имплемнтирање и истите да бидат консултирани со јавноста, засегнатите страни и особено со граѓанскиот сектор. На крајот, би истакнал дека треба да почекаме и да видиме како ќе се спроведуваат реформите наведени од планот кој воедно претставува и тест за институционалниот капацитет на новата Влада за интеграција во ЕУ.
Фактор: Европската комисија во годишниот извештај ја изрази својата загриженост за назадување во однос на поделбата на моќта, политичкото мешање во работата на судството и слабиот учинок во борбата со политичката корупција на високо ниво, состојбите во медиумите. Од каде треба да почне консолидацијата на состојбите?
Нечев: Извештајот на Прибе претставува почетна точка за реформите кои Владата треба да ги спроведе во престојниот период. Се разбира дека Македонија има преземено и низа обврски и активности кои треба да ги исполни во насока на откочување на интегративниот процес. Да не се залажуваме, наведените проблеми во извештајот на Европската Комисија изискуваат вложување на сериозни напори, темелни подготовки и мачни реформски зафати за кои е потребно време. Предизвикот кој стои пред Македонија е да се поправат крилјата додека авионот сѐ уште лета.
ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ЌЕ ГО ЗГОЛЕМИ ПРИТИСОКОТ ВРЗ ГРЦИЈА
Фактор: Дали со потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, маневарскиот простор на Грција да ја условува Македонија на патот кон НАТО и ЕУ ќе биде стеснет и дали е оствралив планот на Владата, Македонија да влезе во Алијансата под привремената референца?
Нечев: Секако дека евентуалното потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија ќе го зголеми притисокот кон Грција за решавање на проблемот со името. Сепак, Договорот сѐ уште не е потпишан. Желбата е присутна на двете страни и тоа е одлично, но сѐ уште не знаеме како изгледа текстот и дали истиот ќе биде прифатлив за јавноста во Македонија и Бугарија. Текстот на истиот треба да се дебатира и процесот на консултација треба да се отвори не само кон Собранието, туку и кон јавноста и поширокиот граѓански сектор. Како и да е, минатото е доказ дека Грција не подлегнува лесно на притисок од надворешни фактори. Затоа за поздравување е подадената рака од страна на Македонија за создавање на поволна клима за решавање на истиот. Само како последица на една таква позитивна клима може да се разгледуваат опции за напредок во спорот, вклучувајќи го и можното вклучување на Македонија во Алијансата под привремената референца.
