Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Велковски: Основното образование е клучно, доста беа брзи „рецепти“

Интервју Велковски: Основното образование е клучно, доста беа брзи „рецепти“

Интервју: проф. д-р Зоран Велковски, Институт за педагогија - Филозофскиот факултет при УКИМ Скопје

Реформите на образивниот систем во Македонија се во полн ек. Фактор разговараше со проф. д-р Зоран Велковски од Институтот за педагогија, Филозофски факултет при УКИМ, Скопје, кој е вклучен во дел од реформите..Во интервју за Фактор, Велковски вели - само за пример, конкретни промени се направени за учениците од прво до трето одделение. За нив еден наставен час трае 55 минути, во кој се вклучени 15 минути одмор за учениците во период кога наставникот ќе процени.Учениците од прво одделение не смеат да имаат повеќе од 4 наставни часа дневно. Одморите треба да бидат искористени од страна на учениците за слободни активности/игри, со присуство на наставникот. Се препорачува еден од одморите да биде предвиден за слободни активности надвор од училницата. Наставниот предмет физичко и здравствено образование се реализира само во првите три одделенија, а во погорните одделенија овој наставен предмет ќе се замени со наставниот предмет спорт, додава Велковски..

Фактор: Професоре Велковски вклучени сте во реформите за основно образование што ги најави министерката. Што може да очекуваме? 

Велковски: Реформата на основното образование треба да резултира со нова образовна архитектура базирана на вредности соодветни на главните развојни правци карактеристични за современиот свет и доволно моќна да придонесе за задоволување на важните и ургентните потреби на современиот живот. Оваа иницијатива има за цел развој на слободата на умот, знаењето, иновациите и креативноста како темели на идната образовна надградба на децата и младите.Во развојот и градењето на здраво и силно образование, темелите се поставуваат во предучилишното и основното образование. За да градиме куќа потребни ни се темели. Ако сакаме куќата да биде цврста, безбедна и отпорна на разни промени и потреси и ако сакаме да ја доградиме потребни ни се здрави и цврсти темели. Ако темелите не ги направиме како што треба сиот напор натаму ќе биде залудно потрошено време и средства. Основното образование е токму тоа. Со неговото успешно завршување младите треба да се стекнат со солидна база на знаења и персонални квалитети кои ќе им овозможат успешно патување низ образовните патеки на повисоките нивоа и успешна интеграција во општествениот живот, трудот и животот генерално.

Квалитетното основно образование е темел за успешно совладување на вишите нивоа на образование, за стекнување на научна и технолошка писменост и за развој на персонални квалитети. Времето, енергијата, како и финансирањето наменето за основно образование се можеби најдалекодосежна инвестиција во луѓето и во иднината на една земја што воопшто може да се направи. Новото основно воспитание и образование не треба да биде само подготовка на децата за средно училиште туку треба да овозможи и развој на личност која може да преземе индивидуална, семејна и граѓанска одговорност. Тоа треба да претставува воспитание и образование кое ги почитува и ги развива индивидуалните потреби, интереси и афинитети на личноста, ја развива културата на живеење т.е. стекнување компетенции соодветни за променливиот свет на трудот и за општествениот живот. Новото основно воспитание и образование треба да овозможи развој на независна, отворена, критичка и демократска личност која поседува  компетенции за акција, свест за доживотно образование., чувство за припадност на заедницата и способност за делување во духот на општествено прифатените вредности и идеали со негување на духовното, културното и историското наследство.

Фактор: Изминатава деценија се чини дека премногу се експериментираше со образованието. Кембриџ програмата беше многу експонирана и фалена од некои, но се чини дека не донесе некаков конкретен резултат?

Велковски: Не само изминатава деценија. Обидите и грешките што се направија во основното образование или герално во севкупното образование воопшто не се разликуваат од обидите и грешките што се направија во севкупните општествени и економски транзициски процеси во државата од осамостојувањето до денес. Образованието не е никаков исклучок од сето тоа. Едноставно  се обидувавме со брзи парцијални решенија да решаваме глобални проблеми. Сакавме брзо и „преку ноќ“ да добиеме резултати кои по правило се јавуваат после долготрајни развојни иницијативи. Во обидот „старото“ да го замениме со „ново“ често посегнувавме по веќе готови решенија увезени од развиените земји во светот, со надеж дека ќе ги постигнеме посакуваните брзи резултати. За жал, такви „рецепти“ не постојат и сите обиди да се копираат туѓи модели се однапред осудени на неуспех. Не е доволно само да пресликате некој туѓ модел и да очекувате дека тој модел, сам по себе, ќе ги надмине сите домашни слабости и ќе ви ги донесе посакуваните резултати. Значи, овде не станува збор дали Кембриџ програмата е добра сама по себе, туку, дали таа програма е соодветна за нашиот простор, како таа програма е имплементирана т.е. дали таа програма функционално е адаптирана во наш контекст, притоа водејќи сметка за сите слабости на амбиентот во кој се имплементира? Со самото тоа што се јавуваат амбигвитентни гледишта по однос на програмата т.е. едни ја фалат а други ја напаѓаат, јасно укажува дека нешто не е во ред со нејзината имплементација.

Се обидуваме да изградиме сопствен, домашен модел на основно образование кој ќе стане официјален за идните ученици кои ќе бидат запишани според него

Фактор: Дали останува кембриџ програмата?

Велковски: Сега засега таа е официјална програма за сите кои се запишале според неа. Дали ќе има тековни интервенции од аспект на учебниците, реализацијата, начините на вреднување на напредокот на учениците и сл. не би можел да зборувам бидејќи тоа е во надлежност на Министерството за образование и наука. Ние, како работна група, се обидуваме да изградиме сопствен, домашен модел на основно образование кој ќе стане официјален за идните ученици кои ќе бидат запишани според него.

Фактор: Како да се загубивме на патот кон квалитетно образование, зашто во некои испитувања Македонија дури се третираше како фунцкионално неписмена?

Велковски: Ова е прашање кое не се однесува само на основното образование туку на целиот образовен систем. Дали се загубивме на патот кон квалитетно образование? Да, се чини дека „успеавме“ со валканата вода да го исфрлиме и детето. Дојдовме во ситуација да почнеме од нула т.е. од почеток. Експресно сакавме да исфрлиме се што потсетуваше на минатиот систем и да изградиме нова архитектура и нов дизајн на нашето образование, по урнекот на образовните системи во развиените земји. Досегашните интервенции во образовниот систем во Република Македонија, главно, се фокусираа на формалните аспекти на промените повикувајќи се притоа дека тоа се прави во согласност со современите тенденции во воспитанието и образованието кои се присутни во последните децении во Европа и светот.  Во изминатиот период во државата беа присутни голем број национални и меѓународни иницијативи кои беа фокусирани во менување на структурата, организацијата и подигнувањето на квалитетот на наставата и учењето во сите степени на образованието. Се држеа и сеуште се држат голем број на семинари и обуки во кои се вклучени слушатели од најразлични профили и степени. Добар дел од нив беа фокусирани во осовременување на наставата и зголемување на квалитет на учењето од страна на учениците т.е. студентите. Најголемиот број интервенции во образованието беа само парцијални иницијативи и само „загребаа“ по површината и се задржаа на формалните аспекти на промените. Дури и иницијативите како Кембриџ програмата не беа коректно обмислени и прилагодени на спецификите на постојната состојба во нашата земја. Сите овие интервенции, попатно или недоволно ги осмислуваа преобразбите во наставниот процес. Како сегмент тој малку се промени. Се настојуваше сè повеќе и повеќе да се оди во широчина наместо во длабочина. Наставните планови стануваа сè побројни со вклучување нови предмети, а наставните програми сè пообемни, најчесто исполнети со „сирови“ факти и видно осиромашени за причинско - последичните врски меѓу самите факти. Наставата беше така поставена што не им овозможуваше на учениците да стекнат широко и општо разбирање на важните идеи и општите рамки за толкување на светот околу нив. Важните идеи беа „изгубени“ некаде во мноштвото информации и најчесто не ја наоѓаа својата рефлексија во реалниот свет. Така, во најголем број случаи, во наставните програми и учебниците останаа и понатаму годините, дефинициите и набројувањата на појавите за сметка на содржините кои ги објаснуваат каузалните поврзаности на тие појави, кои се исфрлија во име на рационализацијата. На тој начин учениците учат голем број факти и податоци, но многу малку учат за нивната смисла, поврзаност и примена. Долги низ години се мачиме со одговорот како да го поставиме образовниот систем за да резултира со квалитет кој толку го посакуваме. Зошто е тоа така? Прво, БРЗАМЕ! Постојано сме во некоја трка во која знаеме што сакаме (квалитетно образование), знаеме како да го направиме тоа НО секојпат потфрлуваме со реализацијата. Зошто - бидејќи сакаме брзи резултати. Најчесто, вината ја бараме на погрешни места. Ако ги прашате политичарите тие ќе ви кажат дека немаме доволно способни човечки потенцијали (експерти, наставници, професори и сл.) кои би можеле да се справат со предизвиците. Токму поради тоа често се посегнува по внесување на „туѓи“ модели и се ангажираат надворешни експерти за да се поправи состојбата. Резултатите од таквата практика најчесто се незадоволителни.Ако  ги прашате експертите тие ќе ви кажат дека вината е во политичарите, кои многу зборуваат за важноста на образованието, најчесто во кампањите и во нивните програми, но малку прават за зголемување на таа важност. Се добива впечаток дека образованието за нив не е атрактивно поле бидејќи не носи брзи резултати, а ним им требаат тие брзи резултати. Едноставно кажано, за целиот изминат период не успеавме да постигнеме политички / партиски консензус за важните прашања за државата. Образованието е ако не најважно тогаш е меѓу првите по важност прашања за иднината на државата и поле каде не се дозволени импровизации. Како последица на тоа, најчесто имаме парцијални интервенции. Ниту еднаш до сега не се примени глобален пристап кој паралелно и координирано ќе ги третира предизвиците во сите степени на образованието. Вториот клучен момент е вредноста на образованието во нашето окружување. За жал, образованието кај нас го изгуби својот еквивалент (паричен, статусен и сл.) во севкупното општествено живеење. Успеавме за кратко време статусот на наставник, професор, образована личност да го девалвираме. Во некои случаи имавме и прозивања на наставниците и професорите и нивно етикетирање како петта колона и регресивни елементи. Денес, наставничката професија е една од послабо платените професии во нашата земја и токму поради тоа во неа не се вклучуваат лица кои имаат потенцијали за да бидат добри наставници, со што се руши процесот на селекција на идните наставници. Кон наставниците се упатуваат разноразни обвиненија и се шири фама дека тие се главните виновници за слабиот квалитет. Често се даваат квалификации дека тие се неспособни, мрзеливи и дека не си ги извршуваат обврските. За таа цел, се носеа закони кои предвидуваа санкции и строги услови за сите кои се бават со наставничка професија. Притоа, воопшто не се спомнуваат условите во кои работат наставниците, колку деца имаат во паралелка, со какви наставни средства и помагала располагаат, кави учебници имаат, колку се парично мотивирани и сл. Лесно се воодушевуваме на резултатите кои ги постигнуваат учениците од некои развиени земји во светот. Ги величаме нивните образовни системи и би сакале и ние да имаме таков систем. Но тука приказната завршува и останува само желбата. Воопшто не се расправа за причините зошто тие образовни системи се успешни. Само за пример, професијата наставник е една од најдобро платените професии во Финска и како кандидати за идни наставници се јавуваат квалитетни и со голем потенцијал млади луѓе. Од нив се прави селекција и се избираат најквалитетните од тие квалитетни кандидати. Сите наставници во основното образование мора да завршат магистратура за да можат да работат. Значи, кандидатите за наставник даваат голем влог но тој влог подоцна им се компензира со бенефитот. Не е само платата одлучувачка, статусот на наставник во Финска е на исклучително високо ниво, дури и повисок од оној на политичарите. Тој е респектабилна личност во кого државата и родителите имаат потполна доверба. Така се гради квалитетно образование.

Треба да се обидеме, со помош на образованието, да го зајакнеме човечкиот потенцијал кој ќе има доволно сила и компетентност не да се прилагодува туку да менува и заедно со промените да се издигне самиот

Фактор: Нормално е со напредокот на технологијата и образованието да оди напред и да се прилагодува на совремието, но се чини дека образованието од еден поранешен систем (СФРЈ) како да беше најадекватен за нашите простори. Дали е ова само перцепција или 27 години експериментираме со оваа клучна општествена сфера?

Велковски: Не би се сложил со ова. Повозрасните граѓани се исто така затечени од овие состојби кои тешко може да се врамат во некој стабилен контекст и затоа често посегнуваат по минатото и глорифицирање на времето и моделите на образование по кои тие учеле. Минатото и денешнината се тешко споредливи нешта. Сосема е погрешно да се верува дека само ние имаме проблеми во градењето на образовната архитектура. Со истите проблеми се среќаваат сите земји во светот. Некои успеваат поуспешно да се прилагодат, некои помалку, а некои воопшто не. Нестабилноста како еден од основните белези на новото време силно се проектира и предизвикува нестабилност во сите општествени процеси, вклучително и во образованието. Денешното време е толку брзо и димачно од аспект на промените што тешко можете јасно да го дефинирате, а уште помалку да го врамите во некој стабилен конструкт кој би можел долготрајно да се проучува.  Само што сте помислиле дека сте го сфатиле ќе се појави нова информации, нови иновациии и нови односи кои бараат повторна анализа и ново прилагодување. Грешката е во настојувањето да се прилагодиме на промените. Таа трка е одамна изгубена. Едноставно не е можно. Наместо тоа треба да се обидеме, со помош на образованието, да го зајакнеме човечкиот потенцијал кој ќе има доволно сила и компетентност не да се прилагодува туку да менува и заедно со промените да се издигне самиот. За да го направиме тоа потребно ни е ослободено образование, образование кое ќе создава слободни, критични, иницијативни и креативни личности. Предметно - часовниот систем и традиционалните форми и методи на настава и учење, карактеристични за едно изминато време, се во спротивност со потребите и стилот на живеење на денешните деца. Тие растат во современо, динамично и техничко-технолошки предетерминирано време и окружување. Време исполнето со безброј извори на информации и учење кои често се во конфронтација со испорачаните информации и учење во формалниот образовен. Телевизијата, компјутерите, мобилните телефони и разни дигитално - базирани средства, наменети за експресно задоволување на нивните желби и потреби, се составен дел од нивниот живот. Поради ваквата нивна природа, класичниот училишен час, врамен во крута училишна организациска структура и дидактички фокусиран во меморирањето, едноставно не може да им одговара. Учењето засновано на меморирање не само што ја уништува љубопитноста кај учениците туку и не ги оспособува да ги разберат и критички да ги проценат разните информации кои се пласираат во наставата и со доволно самодоверба да го искажуваат сопственото мислење и сопствените ставови во однос на нив.

Фактор: Што конкретно може да очекуваме од новите реформи. Дали останува деветолетката?

Велковски: Да, за жал, деветолетката останува. Доколку се следеа препораките од Националната програма за развој на образованието во Република Македонија 2005 - 2015, денес требаше да имаме задолжително предучилишно образование. Не целосно, се разбира, затоа што сеуште не се создадени услови за тоа, туку само годината пред поаѓање во училиште. Тоа требаше да овозможи еднакви стартни позиции за сите деца во основното образование. Податоците покажуваат дека близу 70% од децата влегуваат со најмалку 5.8 години во основно образование без притоа да биле вклучени во предучилишното образование. Ова за нив е сериозен хендикеп. Токму тоа се обидуваме да го надминеме. Фокусот во програмите во прво одделение е ставен на адаптацијата на децата од домашен односно предучилишен во училишен живот и работа и развој на мотивацијата за учење. Играта и социјализацијата ни се доминантен пристап во работата со овие деца. Ова е важно да се има предвид бидејќи во моментите кога се воведе задолжителното деветгодишно основно образование т.е. кога децата започнаа на помала возраст да се запишуваат во основното образование, процесот не беше следен со приспособување на наставните програми соодветно на возраста на учениците. Во голема мерка, програмите кои беа наменети за деца од 7 години се пресликаа во новото прво одделение во кое беа деца со неполни 6 години. Оваа грешка не се надмина ниту со подоцнежните иницијативи во основното воспитание и образование и со внесувањето на други модели на настава и учење во него. Новиот концепт се обидува да ја поправи оваа грешка со тоа што ќе воведе сукцесивност во обемот и во тежинските нивоа на наставните програми од прво до деветто одделение, строго почитувајќи ги карактеристиките на развојните периоди низ кои минуваат учениците. Новиот концепт, преточен во ревизијата на наставните планови и на наставните програми во основното воспитание и образование треба да резултира со: Воведување целно - насочена настава и учење во основното воспитание и образование и урамнотежување (компатибилност) и сукцесивност меѓу наставните програми (наставните предмети и програмските подрачја/теми/области) кои имаат соодветна цел и кои се сеопфатни, кохерентни, урамнотежени (компатибилни) и со добро организирана содржина, со можност за нивна целна интеграција; Растоварување на наставните планови и програми и дефинирање на нивоа на ученички постигнувања или резултати од учењето; и Конституирање на ефикасен и ефективен систем на следење, вреднување и проверување на постигањата на учениците.

За сето ова да се постигне беше неопходно да се оствари намалување на времето кое учениците ќе го поминат во настава за сметка на зголемување на времето за одмор и игра (овој принцип е целосно присутен во периодот од прво до трето одделение). Тоа ќе овозможи намалување на времето кое наставниците го поминуваат во настава за сметка на зголемување на времето кое го поминуваат за подготвување и реализација на самата настава. Се обидуваме да го намалиме времето планирано за меморирање, а да го зголемиме времето планирано за истражување и за проблемско учење од страна на учениците. Тоа значи намалување на учењето во широчина за сметка на учењето во длабочина. Се обидовме да го надминеме досегашното сваќање дека е важно само колку учениците знаат. Ќе биде намалено тестирањето на учениците за сметка на комплексното проверување на резултатите од учењето. Домашните работи се заменуваат со вежби на час под контрола на наставникот. Се воведува училишна служба за поддршка на талентираните ученици и учениците кои бележат слаби резултати во напредувањето и реобнова на стручните и уметничките секции во училиштата. Само за пример, конкретни промени се направени за учениците од прво до трето одделение. За нив еден наставен час трае 55 минути, во кој се вклучени 15 минути одмор за учениците во период кога наставникот ќе процени.

Учениците од прво одделение не смеат да имаат повеќе од 4 наставни часа дневно. Одморите треба да бидат искористени од страна на учениците за слободни активности/игри, со присуство на наставникот. Се препорачува еден од одморите да биде предвиден за слободни активности надвор од училницата. Наставниот предмет физичко и здравствено образование се реализира само во првите три одделенија, а во погорните одделенија овој наставен предмет ќе се замени со наставниот предмет спорт. Притоа, на наставните часови по физичко и здравствено образование се воведува предметен наставник - партнер, кој заедно со одделенскиот наставник ја реализира наставата.

Во прво одделение целите и содржините од досегашните наставни предмети природни науки и општество се интегрираат во еден наставен предмет - светот околу нас. Во првите три одделенија наставните предмети ликовно образование и музичко образование се интегрираат во еден наставен предмет - уметност. На учениците на коишто им е потребна дополнителна или додатна поддршка им се овозможуваат активности (од наставникот, од друг наставник приправник, од студенти...) во самото училиште.

Предвидено е интегрирано учење и планирање на наставата (преку интегрирање цели, програмски подрачја/цели/области од еден наставен предмет (интрадисциплинарен пристап) или со други наставни предмети (интердисциплинарен пристап). Притоа, наставникот не е обврзан да ги реализира наставните цели според дадениот редослед во наставната програма. При реализацијата на наставните цели по сите наставни предмети наставникот има слобода самостојно да ги интегрира, да ги планира и да ги реализира, освен во наставните ситуации во кои е потребна сукцесивност.

Овозможено е дефинирање на тежинските нивоа на ученичките постигнувања базирани на резултатите од учењето, за секое одделение посебно. Се исфрлаат задолжителните оперативни планови за наставни часови (дневни подготовки) на наставниците и се заменуваат со целно ориентирани неделни, краткорочни и долгорочни планирања (годишно, тематско, неделно планирање). Предвидено е задолжително водење портфолио за секој ученик со соодветни инструменти при дијагностичкото, формативното и сумативното следење, вреднување и оценување на индивидуалниот развој. Се предвидува работа на најмалку еден мултидисциплинарен модул (тема, курс, проект) годишно кој ќе комбинира содржини од различни наставни предмети. Новата педагогија треба да обезбеди не само разбирање и користење информации базирани на тестови на знаења туку и нивно „извлекување од меморијата“ и искористување во контекст на случувањата кои настануваат во реалното време и во реалниот свет. Извлекувањето и манипулирањето со соодветните знаења мора да биде поттикнато од реалните карактеристики на ваквите потешкотии, не само од вонконтекстуалните барања за „демонстрација“. Да се биде образован не се подразбира само поседување одреден квантум на знаења вградени во дадена концептуална шема, туку тој квантум на знаења мора да се издигне над нивото на собирање фрагментирани факти.Ваквиот концепт треба да обезбеди фокусот на наставата и учењето наместо во широчина (да се стекнуваат што е можно повеќе содржини) да се стави во длабочина и да им овозможи на сите ученици да стекнат широко и општо разбирање на важните идеи и општите рамки за толкување на светот околу нив. Овие способности и знаења, со особен акцент на клучните компетенции за доживотно учење, треба да ја чинат основата на натамошното учење на учениците.

Фактор: Дали прво ќе се оди како пилот проект или реформите веднаш ќе бидат интегрирани?

Велковски: Одлуката ќе биде донесена после завршувањето на јавната расправа за новите програми. Притоа се прават анализи и за исполнетоста на условите. Откако ке се разгледаат сите аспекти ќе се донесе одлука за карактерот на имплементацијата. Не смеат да се донесат избрзани одлуки и мора да се води сметка за сите елементи од кои зависи успехот на имплементацијата на новиот модел на основно образование во нашата земја.

Р.Ф


Слично

Поврзани вести