Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Трбојевиќ: Постојат елементи кои укажуваат на тоа дека се работи за трговија со деца!

Интервју Трбојевиќ:  Постојат елементи кои укажуваат на тоа дека се работи за трговија со деца!

Случајот со злоставуваното девојче од домот 25-ти мај, претставува сериозен и загрижувачки проблем во земјава. Молкот на сите дека злосторство се случувало, го отвора и прашањето дали во Македонија имаме суптилен начин на трговија со деца и жени. Каде потфрлија институциите и како сега понатаму? Интервју со Светлана Трбојевиќ, универзитетска професорка на Институтот за социјална работа и социјална политика Мајка Тереза, Филозофски факултет при УКИМ.

Фактор: Последните случувања во домот 25-ти мај, случајот со злоставуваното девојче отвораат една сериозна и загрижувачка тема во нашата држава. Каде затајуваат институциите?

Трбојевиќ: Долги години наназад институционалната заштита претставува носечки столб во обезбедување на услуги од системот на социјална заштита. Институционалната заштита се остварува во рамките на јасно дефиниран систем во кој се утврдени критериумите, стандардите и условите за работа, но воедно се утврдени и маханизми на контрола на стандардите за квалитет на услугите пропишани согласно законските и подзаконски акти. Сепак, бројни анализи укажуваат на неефикасност и неефективност на институционалниот облик на заштита. Тој не ги постигнува посакуваните резултати во однос на примарната цел на пружање на адекватна заштита, грижа и безбедност за различните групи на корисниците на услугите. Овие сознанија ја наметна потребата од започнување на процесот на деинституционализација, кој иако е еден од приоритетите на современата социјална заштита во Република Македонија, во практиката се спорведува многу бавно и не секогаш најадекватно. Податоците укажуваат дека поголем дел од институциите за згрижување на деца во моментот имаат неискористени капацитети, со негативен соодносот помеѓу бројот на корисници наспроти бројот на вработени лица. На пример ЈУ за згрижување на деца и младинци со воспитно - социјални проблеми „25 Мај“ има вкупен капацитет од 200 корисници, моментално згрижува 44 корисници, а има 59 вработени, односно користи само една четвртина од згрижувачкиот капацитетот. За жал, наспроти големиот број на вработени лица, постои евидентен недостаток од стручен кадар. Имено, години наназад се водеше една неповолна кадровска политика, која наместо да одговори на институционалните потреби за адекватни стручни кадри, беше подредена на задоволување на партиските кадровски потреби. Еден од проблемите кој е евидентиран во институциите е проблемот на згрижување на лица од различни возрасни групи и категории во иста установа што доведува до голема диверзификација на потребите на корисниците во институции со ограничен број на стручни кадри, кој не успеваат да пружат соодветна грижа на индивидуално и групно ниво. Грижата за корисниците не почива само на интеринституционалните капацитети. Адекватната грижа подразбира висок степен на интерсекторска и меѓусекторска соработка, вклучување на бројни институции (Завод за социјални дејности, Центар за социјална работа, образовни институции, здравствени институции, полиција, Народен правобранител, граѓански здруженија, локална заедница и др.). Се поставува прашањето каков е квалитетот на соработка на социјално заштитните институциите со останатите актери, кои исто така, имаат огромна одговорност во обезбедување на потребна поддршка во грижата за ранливите категории на корисници на услуги. На крајот, иако се работи за институција од отворен тип, треба да се нагласи степенот на обезбеденост во самата институција. Потребата од ограничување на влез на неовластени и непријавени лица во самата институција со што би се подигнал степенот на безбедност корисниците.

Фактор: Кој треба да одговара за случајот со злоставуваното девојче?

Трбојевиќ: Пред се, одговорност за злоставуваното девојче има институцијата во која било згрижено, одговорност има и органот за старателство, но и институциите од системот кои биле известени за потенцијалната злостава на девојчето, а кои во рамките на своите надлежности требале да превземат одредени мерки со кои можеле, требале и морале да го заштитат од понатамошна злоупотреба.

Постојат елементи кои укажуваат на тоа дека се работи за трговија со деца

Фактор: Дали е ова на суптилен начин трговија со деца и жени?

Трбојевиќ: Постојат елементи кои укажуваат на тоа дека се работи за трговија со деца. Имено, согласно кратката дефиниција на УНИЦЕФ за „дете жртва на трговија се смета секое дете кое е пренесувано во или вон земјата, со или без употреба на сила, со цел истото да биде експлоатирано.“ Впрочем, конкретниот случај во одреден момент и бил третиран како жртва на трговија со деца.

Фактор: Колку од светските практики за вакви случаи ги користиме или треба да ги користиме. Какви се светските практики?

Трбојевиќ: Можеби една од формите кои недостасуваат е формата на привремено згрижување на деца жртви во „сигурна куќа“, каде би требало да им се обезбеди соодветна психосоцијална поддршка. По што треба да се овозможи постепена интеграција во заедницата преку сместување во мал групен дом. Во моментот во Република Македонија работат само два групни дома.

Фактор: Дали системот за ваков тип згрижување не ни е функционален?

Трбојевиќ: Овој вид на згрижување има одредени недостатоци и не е во можност најсоодветно да одговори на индивидуалните потреби на корисниците на услуги. Токму од тие причини е инициран и процесот на деинституционализација. Процесот е поддржан и од страна на мисиите на водечките меѓународни институции во земјава, помеѓу кои предничи УНИЦЕФ.

Фактор: Што треба да направиме за да стигнеме до функционален систем?

Трбојевиќ: Потребно е поинтензивно да се работи на довршување на процесот на деинституционализација, а притоа да се води сметка тој да се одвива согласно однапред утврдените критериуми за контрола на квалитетот на услугите. Деинституционализацијата не смее да се спроведе по секоја цена, таа мора да ги има во предвид просторните и материјални капацитети, но и вештини и знаења со кои разполагаат згрижувачите на кои ќе им бидат доверени децата.

Државата треба да превземе и одредени мерки преку кои ќе работи на јакнење на капацитетите на биолошкото семејство за повторно стекнување на родителското право

Фактор: Што сега со жртвите – злоставуваните малолетнички. Што државата трена под итно да превземе?

Трбојевиќ: Постојат јасно дефинирани процедури и протоколи за постапка со деца - жртви, но прашањето е до кој степен истите се почитуваат и применуваат во праксата. Како што и претходно напоменав, пред се децата кои се жртви на злоупотреба итно треба да бидат преместени од средината во која го доживеале или која го овозможила насилството. Потребно е да се утврди најоптималната форма на заштита која најсоодветно ќе одговори на нивните потреби и ќе им ја даде потребната поддршка за надминување на доживеаните трауми, а воедно ќе ја неутрализира стигматизацијата и ќе ги елиминира факторите кои можат поврторно да ги доведат во ризик од злоупотреба. На крајот, државата треба да превземе и одредени мерки преку кои ќе работи на јакнење на капацитетите на биолошкото семејство за повторно стекнување на родителското право.

Р.Ф

Слично

Поврзани вести