Интервју Трајчевски: Агенцијата трпела притисоци и напади, но работела професионално
Дали Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе биде најновиот функционер кој ќе се поднесе оставка по притисокот од страна на власта. Ова регулаторно тело во последните денови влезе во „војна“ со соопштенија со владата докажувајќи се себеси дека не е виновно за лошата состојба на медиумите во која сега се наоѓаат со спуштање на професионалните стандарди и програмските шеми на што бевме сведоци последователно во последниве десет години. Има ли одговорност кај Трајчевску, самиот директор на ААВМУ за начинот на кој функционираше медиумската сфера изминатите десет години со сите политички импликации, дали агенцијата си ги обавуваше своите должности или беше нема целиот период непостапувајќи пред очигледните девијации. Трајчевски е директор на ААВВМУ веќе четири години со мандат кој му трае уште три години, а претходно беше и директор кога институцијата беше наречена Совет за радиодифузија во 2012 година. Тој ги помина најцрните денови на медиумската пропаганда на Груевски, имаше јасно изразени ставови дадени во медиумите за начинот на кој работат порталите финансирани од „Сорос и сомнителни извори“, потоа пак влезе во судир со Сител од каде доби жесток напад, па одеднаш „куртоните“ му вадеа прљав веш за наводна поврзаност со структури на СДСМ за кои наводно одработувал, други пак го обвинуваат дека беше близок до ВМРО-ДПМНЕ. Отворено му ги поставивме сите спорни прашања на Зоран Трајчевски во обид да ја чуеме и неговата страна, како и на позициите кои ги зазема Агенцијата по однос на регулацијата на медиумите сега и односот кон власта на СДСМ со неодамнешните „препукувања“, па процените ги сами неговите одговори.

Фактор: Да започнеме веднаш директно, дали планирате да си поднесете оставка од позицијата директор на АВМУ. Секако, имате се уште рок од вашиот мандат, но најпрво со промена на власта се очекува и промена на раководните позиции на најзначаните институции со оглед на големите критики кои СДСМ ги имаше уште пред да дојде на власт, а како второ со оглед на се поголемите притисоци врз вас за начинот на кој работевте со ААВМУ во изминатиот период?
Трајчевски: Кога станува збор за регулаторни тела, без оглед oд која област, сосема погрешно е да се очекува дека со промена на власта ќе има кадровски промени, затоа што овие тела по својата поставеност се независни и такви треба да останат. Како што се истакнува во Декларацијата на Комитетот на министри на Советот на Европа за независноста и функциите на регулаторните тела за радиодифузниот сектор од 26 март 2008 година, „независноста на регулаторните органи, е од суштинско значење за независното регулирање на радиодифузијата“.
Независноста треба да биде финансиска и политичка, која меѓу другото се постигнува така што се избегнува разрешувањето да се користи како средство за политички притисок. Според европските искуства и регулаторна пракса, разрешувањето единствено треба да биде можно само во точно определени случаи пропишани со закон. Постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги обезбедува механизми, членовите на Советот и директорот да бидат повикани на одговорност во случај да донесат штетни одлуки, односно ако ги повредат интересите на Агенцијата. Од овие причини сметам дека не треба да продолжи праксата со измени на законот да се менува составот на регулаторот.
Што точно се случува сега, зошто започна „војна“ со соопштенија меѓу Владата и Агенцијата. Ве обвинуваат дека со години сте биле тивки и сте дозволиле со таквиот начин на работа драстично да се влошат условите за работа на медиумите без почитување на правилата?
Неколкупати досега Агенцијата беше прозвана дека не го спречила владиното рекламирање и дека била нем сведок на појавата на говорот на омраза. Меѓутоа, треба да се има предвид дека владиното рекламирање беше, и во моментов, се уште е дозволено со закон поради што Агенцијата не може да се стави над законот и да го забрани. Тоа може да го спречи само оној што се рекламира, односно да одлучи дека ќе престане со таквата пракса. Во поглед на обвинувањата за толерирање на говорот на омраза, на Владата и е добро познато дека Агенцијата нема никакви санкции на располагање. Сепак, и покрај тоа, Агенцијата дејствува проактивно - прави надзори, извештаите ги доставува до обвинителството и до Комисијата за заштита од дискриминација и редовно ја известува јавноста. Исто така се одржуваа работилници со медиумските работници, беше изработен водич за медиумите и за Агенцијата, а учествувавме и во изработката на публикацијата на Советот на Европа за праксата на регулаторите од регионот во врска со говорот на омраза.
Дека Агенцијата професионално си ја вршела својата работа, можете да видите и од констатациите и заклучоците од извештаите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Европската комисија или од извештаите на Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, подготвени во рамките на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – Proformance watch”, поддржан од Британската амбасада Скопје.

Може ли искрено да ги детектирате сите слабости кои ААВМУ ги имаше во последните пет години, поминавме низ тешки политички кризи, дојдовме во состојба на екстремна медиумска поларизација, како и на спуштање на професионалните стандарди. Имаше ли притисоци врз вас од претходната власт?
Агенцијата секогаш својата работа ја вршела професионално,непристрасно, принципиелно и неселективно го применувала Законот, пракса којашто сум сигурен дека ќе продолжи и во иднина. Во своето дваесетгодишно работење, Агенцијата се соочувала со обиди за притисоци, закани и напади од разни страни – политички партии, здруженија, па и од самите медиуми, меѓутоа тие никогаш не влијаеле Агенцијата да ги преиначи своите одлуки или извештаи, затоа што Стручната служба е високо професионална и предлозите кои доаѓале од неа секогаш биле издржани. За ваквите обиди, јавноста секогаш била известувана преку соопштенија, кои се објавени и на веб страницата на Агенцијата.
Што се однесува до професионалните стандарди, тие се предмет на саморегулација, и нивното почитување спаѓа во надлежност на новинарските здруженија, Советот за етика во медиумите на Македонија, односно Програмскиот совет на МРТ. Голем дел од овие принципи се пренесени во начелата кои треба да ги почитуваат радиодифузерите при вршењето на дејноста нотирани во Законот. Агенцијата нема надлежности да постапува, но доколку при надзор констатира таква ситуација, извештајот од надзор го објавува на својата веб страница и го известува медиумот. Исто така, со години наназад Агенцијата преземаше бројни едукативни активности по овие прашања, за што организираше низа работилници, тркалезни маси, панел дискусии, со домашни и странски експерти.
Што сега е променето во медиумската регулација, ААВМУ не може да биде тело за цензура и да менува уредувачки политики, но може да реагира и да дава насоки. Какви се вашите планови за дејствијата кои ќе ги преземе ААВМУ за новите предизвици и искри кои сега избиваат меѓу медиумите?
Како што знаете, цензурата е забранета со Уставот на Република Македонија. Воедно, медиумите се самостојни и независни во креирањето на својата уредувачка политика. Едно од основните начела утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои радиодифузерите треба да ги почитуваат при вршењето на дејноста е самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика.
Иако пак ќе речам тоа се прашања коишто ние не ги регулираме, сепак, како и досега, заедно со релевантните актери ќе продолжиме да работиме на јакнење на саморегулацијата и на подигање на свеста на медиумските работници.
Дали има вистина дека сте блиски до одредени структури на моќ во СДСМ за кои сте извршувале различни услуги и ААВМУ носела одлуки во нивна полза при регулирање на медиумите за време на изборите кога функционираше и ад-хок телото за мониторинг?
Ова прашање треба да го упатите до членовите на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, која за првпат од постоењето на регулаторот ги даваше оценките за балансот наместо стручната служба на Агенцијата и која исто така, наместо Агенцијата, одлучуваше и за мерките кон радиодифузерите. Значи, да повторам, дали ќе има мерка или не, одлучуваше Комисијата, а Агенцијата само формално ја процесуираше постапката пред надлежен суд.
Во периодот додека Комисијата имаше мандат да функционира, нејзини членови двапати писмено и повеќе пати преку изјави дадени за медиуми или на социјалните мрежи се обидуваа да извршат притисок врз Стручната служба на Агенцијата за начинот на вршење на мониторингот. За ова имаше и јавна реакција од Агенцијата. Во неколку случаи, Привремената комисија, неосновано, своите предлози ги дополнуваше со наводни прекршувања, спротивно на извештаите од Стручната служба. Последново беше нотирано и во Извештајот за Предвремените паралементарни избори од декември 2016 година на ОБСЕ/ОДИХР, така што е оценето дека заклучоците на Привремената комисија не биле доследни и понекогаш не ја одразувале сериозноста на прекршувањата. Во Извештајот е даден и пример кога Комисијата одлучи да не покрене обвиненија против ниту еден медиум, и покрај изразената пристрасност и законските прекршувања на некои од нив, како што е документирано во извештаите од мониторинг на Агенцијата. Или дека Комисијата предложи да се покренат обвиненија против неколку медиуми, иако извештаите за мониторинг во некои од случаите не даваат цврста основа за таквите препораки.
Постоеше силна политичка определба дека се неопходни подлабоки реформи во медиумската сфера кои ќе бидат донесени заедно со фелата и сите засегнати страни. Меѓу нив се предвидени и промени во организацијата и надлежностите на ААВМУ. Што мислите вие ќе можеме ли конечно да создадеме квалитетни решенија кои нема да бидат подлога за злоупотреба од страна на власта?
Се согласуваме со ставот дека сите посуштински реформи треба да бидат донесени заедно со фелата и со сите засегнати страни. Во ноември, минатата година, Агенцијата, до Министерството за информатичко општество и администрација достави Мислење за Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од октомври 2017 година, со конкретни забелешки на одредени законски одредби. Меѓутоа, забелешките не беа земени предвид и не беа имплементирани во верзијата на Предлог-законот што Министерството го достави до Владата.
Во Мислењето, го повторивме ставот дека со предложените измени не се обезбедува подобрување на состојбите во медиумската област. Наместо фокусот да се стави на зголемување на професионалноста на медимите, на подобрување на условите за вршење на дејноста и јакнење на работните и професионалните права на новинарите и другите медиумски работници; нивното достоинство, безбедност и сигурност; како и на јакнење на саморегулацијата на медиумите, фокусот е ставен на кадровски промени во регулаторот и јавниот сервис. Како што реков претходно, не треба да се продолжи со праксата со измени на законот да се менува составот на регулаторот, туку доколку има основа, раководните лица треба да бидат повикани на одговорност.
Медиумските актери претходно беа поделени на „Соросоиди“ и на „Куртон вести“. Различни центри на моќ имаа свое влијание врз финансирање на медиумите и влијание врз јавното мислење. Во таа медиумска војна често и вас ве ставаа на подиумот како прорежимски функционер кој не реагираше соодветно на злоупотребите на претходната влада која ги контаминираше медиумите. Се каете ли за некои постапки од минатото?
На ова прашање веќе ви одговорив. Не може Агенцијата да се става над законот и да носи одлуки со кои излегува од рамката на своите надлежности. Она на што треба интензивно да се работи се подигањето на новинарските стандарди и зајакнување на медиумската саморегулација. Воедно и медиумите треба да сфатат дека имаат одговорност кон јавноста, а не кон власта и дека треба тие самите да работат на зајакнување на професионалниот интегритет и капацитет на медиумските работници и на раскинување на клиентелистичкиот однос со која било власт.
Останувате ли на ставот дека интернет медиумите „во кои влегувале милионски суми“ треба посериозно да се контролираат особено за време на избори и како тоа би се спровело во Македонија? Како се менуваше вашата перцепција за слободата на медиумите во изминатите години. Во 2014 сметавте дека лошите меѓународни извештаи се резултат на нереално прикажување од страна на така наречени „новинари“ кои работат само во интернет порталите. Зошто тогаш ги потценивте новинарите од интернет медиумите без оглед што истите не се регулирани со самиот Закон за медиуми?
Агенцијата никогаш не барала посериозна контрола на интернет порталите и нивна регулација, туку нивно регистрирање и нотификација како издавачи. Со измените на Изборниот Законик од ноември 2015 година, Агенцијата доби обврска да го следи изборното медиумско претставување и на електронските медиуми (интернет портали). Истовремено, законикот не го дефинираше поимот „интернет портал“ ниту неговиот опфат, не постои регистар на интернет портали и нема примери во европската регулаторна пракса за мониторинг на содржините на интернет порталите од страна на регулаторните тела. Од овие причини, Агенцијата излезе со став дека нема да врши мониторинг на интернет порталите додека не се создадат законски услови за тоа.
Агенцијата, како дел од проектот JUFREX за јакнење на независноста на судската експертиза за слободата на изразување и медиумите во Југоисточна Европа, има побарано од Советот на Европа да биде изработена студија за новите медиуми - опфатот, улогата и трендовите за нивно регулирање, споредено со другите држави. Студијата ќе биде изработена од меѓународни експерти во оваа област и се надеваме дека ќе добиеме смерници во која насока да се движат дискусиите на оваа тема.
Автор: Христијан Станоевиќ