Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Трајановски: Тие што ме обвинуваат за криминал немаат своја визија

Интервју Трајановски: Тие што ме обвинуваат за криминал немаат своја визија

Коце Трајановски долги години е во локалната власт, најпрво беше градоначалник на Гази Баба кога започна преродбата на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа уште два мандата служеше како градски татко на Скопје. Во изминатите години за него се создаваше слика на човек кој е вреден, работлив, често е на терен и дека директно се соочува со проблемите, но исто така трпеше и бројни критики за уништеното зеленило, за неконтролираната урбанизација и целосната посветеност на контроверзниот проект Скопје 2014 кој ја подели јавноста. Трајановски ќе се обиде да победи по трет пат и да ги продолжи своите проекти, но овој пат ќе има силен противник пред себе, односно кандидатот Шилегов на СДСМ ќе добие поддршка и од ДУИ. Затоа направивме интервју со градоначалникот кој не сака да биде вовлекуван во дневно-партиски пресметки туку сака граѓаните да знаат дека е посветен на решавање на нивните проблеми.

Разговараше Христијан Станоевиќ

Фактор: По 8 години на управување на град Скопје имате ли се уште енергија и елан за посветена работа како градоначалник. Ќе се кандидирате по трет пат, а пред себе го имате Петре Шилегов како еден од главните противници од СДСМ, каква кампања очекувате?

Трајановски: Јас сум актуелен градоначалник на Скопје и мојата кампања ќе се состои од два дела.

Во првиот дел сакам да направам отчет за сработеното изминативе 8 години, каде пред моите сограѓани ќе им презентирам дел од реализираните проекти. Овие 8 години, заедно со мојот тим реализиравме многу проекти, во сите области и на територијата на сите општини во Скопје.

Вториот дел од кампањата се состои од презентација на мојата изборна програма за наредните 4 години. Во оваа програма се наведени голем број на проекти во сите области и сфери, каде се наведени проекти со средстваи рокови за реализација.

Нашата кампања ќе се спроведува со сите форми: од настапи во медиуми, преку прес-конференции и учества во емисии и дебати, преку директни средби со граѓаните, како и преку социјалните интернет медиуми. Нашата цел е да допреме до што е можно повеќе луѓе, да им ги презентираме нашите планови, да размениме мислења и идеи, да ги чуеме нивните предлози, идеи, критики...

Фактор: За вас се создаваше слика како вреден градоначалник кој постојани работи на нови проекти и често е на терен. Досега и ретко дававте политички изјави и се обидувавте да не се мешате премногу во меѓупартиските препукувања. Но, се почесто ве напаѓаат и посочуваат како корумпиран политичар дел од власта. Како ќе одговорите на овие обвинувања поврзани со наводи за криминал во проектот Скопје 2014?

Трајановски: Локалната самоуправа е власт која е најнепосредна и најблиску до граѓаните и кај истата нема многу простор за високи политики или дневно-политички манипулации. Ние сме одговорни за најелементарните услови за живот, како водоснабдување, канализација, сообраќајна инфраструктура... Локалната самоуправа и градоначалниците во најголем дел се бават со комунални проблематики и мое лично мислење е дека во ситата нема многу простор за водење на „високи политики“. Граѓаните нас не избираат за да ги решаваме нивните највитални и најнепосредни потреби, и јас како градоначалник 12 години се трудам максимално да ги реализирам сите зацртани проекти во таа насока.

Во однос на обвинувањата, истите најостро ги отфрлам, истите се лажни, со единствена цел да го нарушат мојот углед. Сметам дека истите ги пласираат лица кои што во недостаток на идеи, на визија, на проекти за подобрување на животот на граѓаните, се служат со вакви тактики бидејќи тоа е единственото што можат и знаат да го прават. 

Фактор: Една од главните работи со кои може да се пофалите во изминатите два мандата се новите и проширените булевари, како и подобрувањето на градската сообраќајна инфраструктура. Сепак, забелешките се дека градежните работи предолго се изведуваат, дека има доцнења кај фирмите, а често и неквалитет па потоа повторно се потребни поправки, на што се должи тоа и дали може да се подобри состојбата?

Трајановски: Изминативе 8 години во Скопје извршена е еден вид на сообраќајна револуција, каде за првпат после многу декади, беше ставен  сериозен акцент на зголемување на сообраќајните капацитети. Во овие 8 години, проширивме над 27 километри, а реконструиравме коловоз на над 50 километри улици и булевари. Дополнително, започнавме со изградба на модерни кружни крстосници, каде изградивме 8 во изминативе неколку години. Сите овие крстосници се градени според најмодерните, европски стандарди, со што значително е подобрено одвивањето, но и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Покрај за моторните возила, исклучително големо внимание посветивме и за пешаците и велосипедистите, преку изградбата на нова велосипедска инфраструктура и пешачки патеки.

Во однос на реализацијата на проектите, пред се големите инфраструктурни проекти, истите траат подолг период бидејќи со нив најчесто, покрај реконструкција на коловозот и негово проширување, градежните работи се користат и за реконструкција или изградба на атмосферска, водоводна и фекална мрежа, па оттаму истите траат и подолго, Сепак, сметаме дека е покоректно одеднаш да се вршат сите големи градежни работи, одколку истата улица да се раскопува за секоја работа поединечно.

За жал, во Скопје честопати имаме и проблеми од аспект на решавање на имотно-правните проблеми коишто се наоѓаат на трасата на инфраструктурните проекти, па нивното надминување, со сопствениците или со судовите, честопати траат подолг период и го пролонгираат рокот на завршување на градежните работи.

Фактор: Загадувањето на Скопје е еден од главните проблеми за жителите кој без систематски пристап со долгорочна стратегија не може да се реши. Една од главните причини за загадувањето е и неконтролираната урбанизација, се претвори ли Скопје во тешко место за живеење со пренатрупаност на згради и ограничување на животните ресурси?

Трајановски: Проблемот со загадувањето на воздухот е сериозен проблем со коишто се соочува Скопје и за негово надминување треба да се вклучат сите општествени и државни чинители. Последната студија која ја направија стручни лица од дома и странство, утврдија дека најголем причинител за загадувањето на воздухот со 32 проценти и загревањето на домовите, потоа е сообраќајот со 20 %...

Градот Скопје, во рамките на своите ингеренции, изминативе неколку години реализира серија на активности и проекти за надминување на оваа состојба, како што е набавката на 300 нови автобуси со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори, изградбата на над 30 километри на нови велосипедски патеки и вело-инфраструктура, доделувањето на субвенции за набавка на повеќе од 2.600 велосипеди, промоцијата на електро мобилноста, изградбата на нови паркови и зелени површини на повеќе од 300.00 метри квадратни, засадување на повеќе од 250.000 нови садници, субвенции за набавка на печки на пелети и многу други.

Во мојата изборна програма за наредните 4 години предвидени се голем број на конкретни проекти за борба со загаденоста на воздухот, проекти кои ги опфаќаат сите главни сфери, како што се парковите и зеленилото, сообраќајот и загревањето.

Во однос на забелешките за претераната урбанизација, можам да Ви потврдам дека, во однос на ингеренциите на Градот Скопје, истиот се развива според предвидената динамика и планови на Генералниот урбанистички план 2012-2022. Во однос за конкретната изградба на објекти, прашањето треба да го упатите до општините, бидејќи за тоа се одговорни тие преку носењето на Деталните урбанистички планови/

Фактор: Како го оценувате досегашното работење на ЈСП и воведувањето на новиот електронски систем за наплата. Дали претпријатието работи рентабилно и самоодржливо и каква е стратегијата за јавниот превоз во наредниот период, можни ли се нови инвестиции?

Трајановски: Изминативе неколку години во ЈСП се случи вистинска револуција во квалитетот на услугите коишто ги дава ова јавно претпријатие.

За потсетување, ова беше едно од јавните претпријатија кои во 2009 година беа во најлоша состојба: стари автобуси кои нон-стоп се расипуваа, неколку милионски долгови, финансиска нестабилност и доцнење на плати од по неколку месеци...

Овие 8 години успеавме да го стабилизираме претпријатието, кадрово и финансиски, за сега истото да е на здрави нозе и одлично да функционира.

Во соработка со Владата на Република Македонија, набавивме 300 нови автобуси, со што целосно се измени состојбата со ЈСП. Од нивната набавка,  квалитетот на услуги во јавниот превоз е подобрена, возниот ред се запазува, се отвораат нови автобуски линии...Од 1 јануари годинава го воведовме и единствениот систем на електронско плаќање во сите автобуси на јавниот превоз, каде ги опфативме и приватните автобуси, за денес да имаме интегриран и унифициран систем на електронско плаќање. Покрај автобусите, изминативе неколку години поставивме над нови 280 автобуски постојки, со што ги заменивме старите руинирани постојки.

Во однос на новата програма, Градот Скопје и во иднина ќе продолжи да ја поддржува работата и модернизацијата на ЈСП-Скопје, преку проектот за набавка на електрични автобуси, продолжување на субвенциите за бесплатниот превоз за возрасните лица, средношколците и многу други категории на лица.

Фактор: Се изградија повеќе катни гаражи кои требаше да ги решат проблемите со недостигот на паркинг простор во Скопје. Дали истите беа прескапи за градење ако се споредат со пониските цени вложени во приватните катни гаражи и дали го даваат посакуваниот ефект?

Трајановски: Просторот за паркирање на возилата е проблем со кои што се соочуваат сите светски метрополи.

Изминативе 8 години, јас како градоначалник работам на подобрување на состојбата со паркинг просторот, во сите општини во Скопје, согласно можностите, пред се просторни и финансиски. Овие 8 години, Градот Скопје изгради вкупно 3.433 нови паркинг-места, а најголемиот дел од нив во рамките на двете нови катни гаражи „Тодор Александров“ и „Македонска фаланга“, каде се инвестираа околу 22 милиони евра и се добија над 1000 нови паркинг места.

Јас сум задоволен од нивното досегашно функционирање и искористеност и ние во иднина ќе работиме на подобрување на општата состојба со паркинг просторот, како просторно, така и преку подобрување на услугите кои ЈП „Градски паркинг“ ги дава на граѓаните. Како еден од главните проекти можам да го издвојам проектот за изработка на Централен систем за паркинг места, каде граѓаните ќе можат да добијат информација во која катна гаража или отворен паркинг, колку слободни паркинг-места има во моментот, преку дисплеи поставени на повеќе локации на булеварите кои гравитираат кон центарот на градот или преку мобилна апликација.

Фактор: Град Скопје се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност, но алтернативните начини на превоз и натаму послабо се користат, а граѓаните се жалат дека нема соодветни услови и инфраструктура за такво нешто. Што би презеле следно на овој план?

Трајановски: Градот Скопје пред 2 години го започна најголемиот проект поврзан со велосипедската инфраструктура изминативе 50 години, а тоа е проектот „Скопје Велоград“ со кој е предвидена реконструкција и изградба на над 52 километри велосипедски патеки. Овој проект, покрај изградбата на нови велосипедски патеки, опфаќа и целосна промена на стратегијата на сообраќајниот развој на Скопје, каде велосипедот има големо значење не само како рекреативно, туку и како транспортно средство. Ова подразбира нивна изработка по европски стандарди (спуштања на крстосниците, изработка од одреден тип на материјал...), соодветна сообраќајна сигнализација, физичко отстранување на велосипедските патеки со заштитни столбчиња со цел нивна заштита од несовесните возачи кои паркираат на нив, на одредени места нивно спуштање на коловоз и правење на посебни ленти за велосипеди, поставување на паркинзи за велосипеди и многу друго.

Досега целосно се завршени Рутите 1 и 2, поврзувајќи ги Гази Баба-Центар-Карпош и Аердром-Центар-Карпош-Ѓорче Петров, како и изградбата на велосипедска патека од левата страна на Кејот на реката Вардар, од Гази Баба до влевањето на Лепенец во Карпош. Наредниве 2 години останува да се завршат и поврзувањата со Кисела Вода, како и со Чаир и Бутел и конекторите. Сметаме дека досега реализиравме многу и дека со целосната реализација на овој проект значително ќе се подобри состојбата со вело инфраструктурата во Скопје.

Сакам да потенцирам дека ние сме задолжени за локациите и булеварите коишто се во ингеренција на Градот Скопје, додека за споредните улици надлежни се соодветните општини и сакам да апелирам до општините и кандидатите за градоначалници во скопските општини повеќе да се залагаат и да инвестираат во локалната велосипедска инфраструктура.

Фактор: Поради повеќе градежни зафати активистите за заштита на животна средина ве обвинуваа дека го уништувате градското зеленило и непотребно вршите сеча на дрва. Како ќе одговорите на овие обвинувања и имате ли план за разеленување на град Скопје, во многу европски градови има целосни зелени иницијативи со иновативни решенија кои никако да дојдат на ред кај нас?

Трајановски: Обвинувањата коишто се упатени на моја адреса се дневно-политички манипулации и искривување на фактите со кои се служат нашите политички противници.

Градот Скопје изминативе 8 години изгради нови паркови и зелени површини на површина од над 300.000 метри квадратни, а како најголеми паркови можам да ги издвојам новиот парк во Ново Лисиче кај последната автобуска станица број 5, како и новиот парк Македонија долж булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во Карпош. Во овој период засадивме и повеќе од 250.000 илјади садници, а со раззеленувањето на Скопје ќе продолжиме и во наредните 4 години, каде предвидени се нови садници и нови паркови на површина од над 500.000 метри квадратни.

Околу обвинувањата за сечењето на дрвја од страна на Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, најодговорно тврдам дека изминативе 8 години ниту едно дрво не е исечено без причина и соодветна законско утврдена постапка и решение. Јавноста треба да се знае дека деталните урбанистички планови се носат од страна на општините, не од Градот Скопје, а со тоа тие се одговорни и за давањето на градежни дозволи. Ако постои законски добиена градежна дозвола, доделена од страна на соодветната општина, ЈП „Паркови и зеленило“ е законски обврзана за расчистување на теренот на соодветната парцела.

Фактор: Што според вас мора итно да се сработи и дали може граѓаните повеќе да се вклучат во процесот на носење на одлуки во локалната самоуправа?

Трајановски: Вклучувањето на граѓаните во процесот на носењето на одлуките е особено важен за развојот ан секое демократско општество и ние се стремиме кон подобрување на состојбата на ова поле.

Изминативе неколку години Градот Скопје отвори голем број на сервисикористејќи се со новите интернет технологии, во насока на олеснување на пристапот на информации, овозможување на двонасочна комуникација со службите, и зголемување на учеството на граѓаните во носењето на одлуките. Дополнително, пред неколку месеци, во соработка со УНДП ја отворивме канцеларијата на Центарот за иновации „Скопје Лаб“ во насока на изнаоѓање на нови, иновативни начини за подобрување на комуникацијата и олеснување на учеството на граѓаните во носењето на одлуките на локално ниво.

Градот Скопје соработува и комуницира и со голем број на здруженија на граѓани и други неформални групи од сите области и сфери на интерес, во насока на подобрување на услугите кои ги дава, а можам да потврдам и дека сите стратегии кои се донесени од страна на Градот Скопје се прават во соработка со здруженијата на граѓани од соодветните области.

Граѓаните учествуваат во носењето на одлуките и креирањето на приоритетите и преку нивните активности во месните и урбаните заедници во општините, кои се и најнепосредните претставници на граѓаните и најдиректно се запознаени со нивните потребите. Од кога јас сум градоначалник, два пати годишно одржуваме средба со сите претставници на месните и урбаните заедници, каде разговараме за приоритетите, проблемите и барањата на граѓаните, се со цел подобрување на нашите услуги и работа.

Фактор: Постојат прогнози дека СДСМ ќе добие поддршка најверојатно од ДУИ уште во првиот круг на изборите за град Скопје. Сметате ли дека вие како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ имате помали шанси да ги освоите гласовите на албанците и дали е предвидена официјална или неформална соработка со некоја од албанските партии како БЕСА?

Трајановски: Јас сум кандидат за градоначалник на Град Скопје кандидиран од страна на ВМР-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Нашата коалиција, но и мојата партија ВМРО-ДПМНЕ е мултиетничка и ние секогаш настапуваме на изборите барајќи ја поддршката од сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или религиозна определба.

Како Градоначалник на Град Скопје, изминативе 8 години реализирав проекти во сите 10 општини кои се дел од Скопје, проекти со кои се подобрија условите за живеење на сите граѓани на Скопје.

Од таа причина, поради големиот број на реализирани капитални проекти од сите области и во сите општини, сметам дека со крената глава можам да ја побарам поддршката од сите граѓани на мојот град за уште еден градоначалнички мандат.


Слично

Поврзани вести