Интервју Стојан Велков – Рудникот чудовиште Иловица ќе биде наша рак-рана ЗАСЕКОГАШ
Еколошкото здружение Здрава котлина ги забрзува активностите со цел да изврши притисок врз Советот на општина Босилово да распише референдум на кој граѓаните ќе го кажат својот став дали се за или против изградба на рудникот Иловица во Штука за кој велат дека има застрашувачки податоци. Станува збор за мега проект со отворен коп кој најнегативно влијае врз животната среда, голема површина на шума ќе се пресече, ќе се гради огромна брана, а во процесот на екстракција на рудата ќе се користат опасни хемикалии во огромни количини. Токму заканата од нивно излевање во плодното Струмичко поле може да има несогледливи последици врз животната средина, здравјето на луѓето кои се во непосредна близина, како и врз земјоделското производство. Стојан Велков, претседателот на Здрава котлина за Фактор ги пренесе ставовите на еколошкото здружение со цел да апелира дека рудникот во Иловица никогаш не треба да проработи за што има доволно време.

Фактор: Компанијата Еуромакс веќе е во процес на отпочнување со работа на рудникот за злато и бакар во Иловица. Концесијата за експлоатација е доделена, одобрена е и оценката за влијание врз животната средина и поминати се градежните планови. Сметате ли дека сега е доцна да се стори нешто?
Велков: Видете вака, како прво инвеститорот нема дозвола за градба и со години се далеку од добивање на истата поради фактот што постојат археолошки локалитети, на концескиот простор, кои сеуште не се ниту почнати со истражување. Понатаму, во просторниот план на Југоисточна Македонија во делот на нивната концесија – не е предвидено рудничка индустрија. А немаат ни интегрирана еколошка дозвола од А категорија, за која Република Бугарија и Грција, веќе имаат реакции до нашата Влада.
Така да, голема
заблуда е дека веќе е доцна за стопирање на овие загадувачи од тешката Г1
загадувачка индустрија! По светот, рудници се затвораат и во фаза на години
активно работење, за жал почесто откако ќе се случи некоја хаварија, преку која
луѓето најдиректно ги чувствуваат катастрофалните последици. Ако сметавме дека
е доцна, зошто воопшто би ја започнале иницијативата?
Прашањето е: Колку луѓето, познавајќи ги веќе разорните последици од рудници со
отворен коп, при кој се користат лужни раствори (киселини) и цијанид, се
спремни да го отфрлат ЖИВОТОТ што го наследиле директно од Мајката Природа? Зарем
ќе бидеме толку ступидни и ќе им веруваме на профитерите, а не на нашите
инстинкти, сетила, традиција...?
Тоа се прашањата на кои треба секој сам во себе да си одговори.

Велков: Па, како што веќе на цела јавност и’ е познато, сета работа околу рудниците, започна на големо да се разоткрива во активностите против рудникот во Гевгелија. Луѓето, до тогаш, негодуваа и се ширеа муабети за штетноста на рудниците, но лукавото ПРИКРИВАЊЕ НА ФАКТИТЕ за вистинската штетност, а експонирањето на приказната дека од рудниците ќе се подобрат социо-економските услови, придонесоа луѓето да не ја увидат вистинската слика: загадување на природата со отровни хемиски соединенија и елементи, тешки метали.
Инаку, сите т.н. јавни расправи се одржани со многу мал број на луѓе, ако се земе предвид дека за таков вид на тежок загадувач, мора да се организираат јавни собири со многу повеќе од 50-ина луѓе и јавни трибини на кои ќе зборуваат луѓе од разни професии, а не т.н. јавни расправи да се презентација на проектот во неговото најдобро светло!

Фактор: Кои се вашите конкретни активности за општина Босилово да закаже референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дале за или против рудникот Иловица и потенцијални нови рудници на оваа територија?
Велков: Ние веќе поднесовме Барање до општините Босилово и Ново Село, во кое сакаме да ги запознаеме советниците одблизу што значи всушност да имате тежок загадувач во најнепосредна близина. И двата Совета веќе имаа седници, на кои ние не бевме поканети. Овој потег го сметаме за крајно дрзок и неодговорен, имајќи ја предвид сериозноста на проблемот. На седницата на Совет на о. Босилово, не бевме пуштени внатре под изговор дека нашата точка е на дневен ред, но е за нас затворена (!), а парадоксално ТВ екипите беа пуштени и снимаа преку текот на целата седница!
Денес, конечно добивме Заклучок од о. Босилово, дека нашето Барање е уредно и дека ќе бидеме благовремено известени кога ќе биде следната седница за да не’ примат и нас како Здружение и Иницијатива.
Би потсетиле дека ние ќе бараме итна седница, со цел што побрзо да се реши оваа агонија и да не дозволиме, заради одолговлекување, да ни’ се случи најстрашното.
Бидејќи и советниците се луѓе кои со нивните фамилии живеат на оваа територија, а исто така имаат морална и општествена одговорност пред луѓето кои ги застапуваат, сметаме на нивната човечка поддршка и очекуваме едногласна одлука од Советот за започнување на референдум. А, доколку не се случи тоа, ќе преминеме на други радикални, но легитимни мерки.

Фактор: Кои се вашите главни аргументи дека рудникот Иловица ќе има катастрофални последици врз животната средина, а со тоа и на здравјето на луѓето и секако за земјоделското производство во Струмичко поле кое е главна егзистенција на многумина?
Велков: Главните аргументи стојат во официјалните
документи на инвеститорот (Фисибилити студија и Оценка на влијание на животната
средина), таму се, секој може да ги види. Тие се преполни со факти дека со
работата на овој рудник енормно ќе се зголемат концентрациите (во водата,
почвата и воздухот) на тешки отровни метали:
алуминиум, арсен, кадмиум,бакар, манган, железо, цинк, олово и др.
* Понатаму, при процес на работа на ГОДИШНО НИВО ќе се користи:
- 1 100 тони (!) натриум ЦИЈАНИД;
- 4 500 тони (!) СУЛФУРНА КИСЕЛИНА;
- 840 тони (!) СОЛНА КИСЕЛИНА;
- 840 тони (!) ХИДРОХЛОРНА КИСЕЛИНА.
И многу други соедниненија штетни за здравата животна средина!
* ОГРОМНОТО јидројаловиште полно со отпадни води и отрови, со брана (шеста по
ред во светот, а прва со јидројаловина) од неверојатни 276 метри!!! Ова
чудовиште, ќе биде наша рак-рана ЗАСЕКОГАШ! Се разбира, ако не го сруши некој
случаен земјотрес и целата содржина директно ја поплави половина Струмичка
Котлина.
* Ридот каде што ќе се врши површинскиот коп, буквално ЌЕ ГО СНЕМА. На негово
место ќе се отвори огромна дупка, која после извесно време од атмосферските
води и од река Јазга ќе се наполни со вода која ќе биде загадена со тешки метали.
* Рудникот ќе работи 24 ЧАСА НА ДЕНА, СЕДУМ ДЕНА ВО НЕДЕЛАТА, 23 ГОДИНИ! Ќе го
снема спокојството на живите суштества.
* НЕПОВРАТНО ќе биде изгубено шумско земјиште од околу 500 хектари!
* Ќе се уништат природните живеалишта на многу видови животни и растенија, кои
добар дел од нив се ЗАШТИТЕНИ со меѓународни конвенции.
Ова се само дел од најзастрашувачките факти, зошто овој рудник НЕ СМЕЕ ДА
ПРОРАБОТИ.

Фактор: Што планирате да преземете во наредниот период, дали ќе има повеќе акции за мобилизација на граѓаните бидејќи предупредувањата постојат одамна, но се до „ренесансата“ на Југоистокот на Македонија со веќе два успешни референдума речиси и да немаше посериозни обиди да се влијае?
Велков: Се разбира. Ние веќе почнавме со првичните
активности. Народот мора да дознае што го чека. На крајот на краиштата никој
друг освен народот, не смее да одлучува за нашата заедничка иднина, иднината на
нашите поколенија и зачувувањето на здравата животна средина. Секој човек има
ПРАВО да ја знае вистината! Уставно право на секој човек е да има ЗДРАВА
ЖИВОТНА СРЕДИНА! Ако нашите генерации не го повлечат вистинскиот чекор, тогаш
со кои очи ќе ги погледнеме нашите деца и внуци, и што ќе им кажеме, знаејќи
дека сме можеле да ги спречиме болестите, а сме дозволиле да навлезат во
природата, во нас, во нив?!
Првите чекори кои водат кон Референдум се веќе започнати и очекуваме во
најскоро време да се случи прогласување на истиот. Затоа, кога ќе дојде
времето, го повикуваме народот, да застане и да си го одбрани домот, да си ја
одбрани природата и најважната работа на секој човек – да си го заштити
породот!
Автор: Христијан Станоевиќ
