Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју со пратеничката Иванка Василевска: Божик е празникот што ми го промени животот

Интервју со пратеничката Иванка Василевска: Божик е празникот што ми го промени животот

Љубезна, смирена и со природна почит кон седмата сила. Тоа е првиот впечаток при средбата со Иванка Василевска. Зад јавната улога на пратеничка во Собранието од редовите на владејачката ВМРО стои жена која длабоко ги носи семејните и духовните вредности и не се откажува од нив ниту во светот на високата политика. Во разговор исполнет со искреност и топлина, Василевска открива дека за неа животот, мајчинството и јавната одговорност не се одвоени светови, туку испреплетени патишта што бараат храброст, вера и постојано преиспитување.

Во пресрет на Бадник и Божиќ, празници кои во нејзиниот живот се светост, таа зборува за детските спомени, за мајчинството, но и за предизвиците со кои се соочува секоја жена што избира да остане своја во средина што знае да биде сурова и критична.

Нејзините размислувања за верата, животот и политиката се сведоштво дека женската сила не секогаш е гласна. Понекогаш таа е тивка, истрајна и длабоко вкоренета во љубовта, простувањето и одговорноста кон идните генерации.

ЖМ: Бадник и Божик во македонската традиција не се само празници, туку длабоко семејно и духовно искуство, кое се пренесува од генерација на генерација. Каде и како ќе ги прославите?

- Бадниковата вечер и утрото на Божиќ за мене имаат посебно значење бидејќи се поврзани со две особено значајни работи кои се длабоко поврзани со моето битие. Како дете, секогаш овој период од годината го минував во семејната куќа на мојата мајка Кристин, во Битола и од најраната младост во мене е врежано сеќавањето на радосниот и безграничен спокој кој се распостилаше насекаде околу мене токму вечерта, пред Христовото раѓање. Мирисот на топлиот милиброд измешан со безброј други магични јадења кои се подготвуваа на шпоретот на мојата баба Ели и ариите од грамофонот на мојот дедо Владо и денес, после толку години се јасен спомен за вистинското значење на овој најголем празник за човештвото, а тоа е длабоката, нераскинлива врска на бесконечната љубов која може да ја споделиме едни со други, а за мене примерот е мојата фамилија, кругот во кој се родив и луѓето од кои научив дека да даваш е многу поважно отколку да бараш, да растеш со восхитот за вистинските вредности на животот, да се биде скромен, но во исто време да се издигнеш над човечките слабости и секако да простиш на сите, зошто секој човек заслужува шанса да му биде простено... И втората е секако Бадниковата вечер кога моето чедо, мојата ќерка Марија затропа во мојата утроба и побара да го види светот. Нејзиното доаѓање за мене секогаш ќе биде едно мало-големо чудо на Божиќ, бидејќи го потврди Христовото раѓање и со своето присуство го промени целосно мојот живот! – Поради сето тоа, по литургија, Бадниковата вечер и денот на Христовото раѓање ќе ги прославам во семејниот дом со поширокиот круг на мојата фамилија.

ЖМ: Празничната трпеза има симболично значење. Дали сами ќе се погрижите за неа, сакате ли да готвите?

- Бадниковата трпеза секогаш ја подготвувам со посни јадења, а бидејќи ова е последната вечер од постот, истата има симболично значење кое го обединува моето семејство во спокојна и тивка атмосфера пред големиот ден. На Божиќ традиционално подготвувам чомлек и месам пита со месо, а бидејќи уживам во готвењето секогаш додавам и по некој новитет од рецептите на моите баби.

ЖМ: Со текот на годините, човекот се менува, но суштинските вредности често остануваат исти. На кој начин се менуваше Вашето доживување на овие два празника од детството, преку младоста, до денес?

- Веќе споменав колку за мене е силно врежано празнувањето на Божиќ. Мислам дека низ годините со оглед на околностите и условите, Божиќното празнување, особено во делот на подготовката стана примарно моја обврска, но не можам да проценам дали е тоа поради мојата огромна желба да ја држам традицијата и фамилијата заедно или едноставно зошто во духот на христијанството нашиот живот е подреден на традиционалните вредности кои секако првенствено се насочени кон читањето на Новиот завет, слушањето на духовна музика и споделување на сознанијата од нашиот духовен раст и развој со помладите.

ЖМ: Постот не е само воздржување од храна, туку и духовен процес на смирување и преиспитување. Какво значење има постот за Вас?

- Токму така, постот е процес на прочистување на нашите мисли и устројување на нашите дела во согласност со духовната длабочина, а во истовреме е и предизвик да се воздржиме од неубавите мисли, да го победиме стравот и колебањето и да не заборавиме дека над човечкиот поредок има божествен кој е пред сите и над сите и токму тој е оној кој е најважен и кој на крај сите не одредува и не проценува, не според кажаното, туку според она што ќе го оставиме позади себе!

ЖМ: Молитвата за многумина претставува момент на тишина, надеж и внатрешна сила. Има ли улога во Вашиот живот, особено во моменти на предизвици и одговорност?

- Од многу мала возраст, мојата прабаба Калиопи ме научи да се молам и низ животните предизвици и искушенија научив дека секогаш кога имам слободен простор, молитвата е таа која ме исполнува и го пополнува празниот простор и во периодите на мирување, но и кога се соочувам со поголеми предизвици. Честопати ме прашуваат зошто делувам бестрашно, но во суштина во мене секогаш нечујно протекува молитвен духовен глас и тоа е столбот на кој почива мојата морална вертикала, да бидам јасна, искрена и да се борам за вистината.

ЖМ: Да се биде жена во политика значи и да се биде посилна отколку што се очекува. Кои беа најтешките моменти на Вашиот пат и што Ви даде сила да истраете?

- Честопати сум кажала дека не ја барав јас политиката, туку таа ме бараше и ме најде мене. Уште на самите почетоци, направив еден јасен компромис со самата себе си дека нема да дозволам никогаш и ништо да ми ја извалка душата, да ме оттуѓи од она што сум и да ме наведе да заборавам која сум и што претставувам во овој земен живот. Сметам дека нема унификација на правилото за тоа кој и како влегува во политика, но цврсто верувам и се поврзувам со оние луѓе со кои проценувам дека споделуваме исти вредносни системи и визија. Политиката сама по себе, е многу интересна и разновидна општествена активност, но во истовреме во ниеден случај не е професија, туку процес кој во еден дел од животот, во зависност од околностите, треба да овозможи да се реализираат идеите во интерес на севкупното општество. Со текот на времето, искуството во овие води ме научи да бидам повнимателна кому и како ќе дозволам да хабитира во моето опкружување, внимателно ги проучувам тековните процеси и длабоко размислувам пред да донесам одредена одлука. Имало и претпоставувам дека ќе има тешки моменти кога сум била и ранувана, неправедно навредувана и повредувана, а особено се големи лузните од луѓе на кои сум им верувала, сум ги сметала за блиски и сум се грижела за нив, но после некои искуствени сознанија, на некаков необјаснив начин сум излегувала посилна, поцврста и поуверена дека мојата борба не е завршена и дека има луѓе на кои сум им потребна и кои заслужуваат да се истрае и тогаш кога ви доаѓа да пуштите се и да побарате мирно пристаниште, далеку од очите на оние кои ја изневериле довербата.

ЖМ: Во Вашите јавни настапи се забележува сигурност и самодоверба, но и голема доза на храброст. Колку тоа чини во средина која знае да биде критична и непријателска? 

- Сметам дека секој треба да го даде тоа што го носи во себе. Мојата политичка кариера ја започнав во еден период кога веќе бев етаблирана во Академијата и некако иницијално политичките случувања се прекршија врз моите професионални референци. Во тие моменти, да се биде нем или да се седи на страна, за мене беше и сеуште е неприфатливо, бидејќи стана невозможно да се живее во една толку длабока агонија. Знаете, вистината нема две лица, а граѓаните можат да проценат кому и како ќе му веруваат. Но, исто така, кога ќе истапите на отворено бојно поле, секако ќе засметате не само на своите политички противници, туку и на одредени лица кои навидум се борат заедно со вас, но во суштина не ги поседуваат истите карактеристики или ги немаат вештините и способностите да артикулураат и да се истакнат со нешто особено и тоа предизвикувало и секако дека ќе предизвикува проблеми. Секогаш многу сум ги ценела сите добронамерни критики и укажувања, но само од оние кои имаат кредибилитет и искуство, а со текот на времето научив да ги распознавам и оние злонамерните, кои порано повеќе ме допираа, а денес само ми претставуваат репер според кој проценувам дали сум се издигнала на повисоко ниво и колку силно ќе треба да го кренам штитот пред следниот удар. 

ЖМ: Секоја жена носи приказна што ретко целосно се слуша. Која Ваша животна борба најмногу Ве дефинира, а не е видлива за јавноста?

- Отсекогаш силно ме допирал проблемот со жените жртви на семејно насилство. Сметам дека за овој проблем во македонското општество и до ден денеска не е ни приближно започната вистинската борба. Мали чекори се секако направени во поглед на законската регулатива, но во пракса многу жени и многу семејства живеат во скриен терор и во голема траума. За мене семејството е најважната иницијална каписла за здрави и успешни поколенија, а животот исполнет со вербално и со физичко насилство, раѓа фрустрации, несигурност и уште повеќе насилие и влијае на уназадувањето на индивидуата. Посакувам да можам повеќе да сторам во врска со ова и верувам дека како општество ќе успееме да се солидаризираме и да поттикнеме реална превенција и поддршка на сите овие жени и деца на кои им се неопходни!

ЖМ: Балансот меѓу семејството, личниот идентитет и јавната улога не е лесен. Покрај сите обврски, како успевате да го сочувате сопствениот идентитет како жена и мајка?

- Нема едноставен одговор на ова прашање. Семејството секогаш мора да биде приоритет, а грижата за детето, децата, не може да биде второстепена или да се отсуствува од нивниот развој. Мојата мајчинска улога е најважната во приоритетите на сите други приватни или општествени обврски и мојата ќерка честопати знае да каже дека иако има 24 години, јас не можам да прифатам дека не е повеќе дете и дека не треба толку многу да се грижам. Можеби е и така, но сметам дека доколку се правилно поставени нештата во домот, може да се изгради средина во која се успева да се изменаџираат обврските, а во истовреме да се поминува квалитено време заедно.

ЖМ: На крајот, човекот останува со она што го изградил во срцето.Кога ќе погледнете зад себе, на што сте најмногу горда?

- Горда сум што имав татко од кој ги научив вистинските вредности во животот. Никогаш нема да биде доволно да му се заблагодарам и иако веќе речиси пет години не е помеѓу нас, силно го чувствувам секој збор и секоја поука кои ги сподели со мене. Секако горда сум дека и покрај сите искушенија и предизвици, израснав дете кое е добар и вреден човек. Нема поголема сатисфакција за еден родител, да ја види својата рожба како изградена личност. Исто така, горда сум на моите студенти, кои во голем број станаа етаблирани и успешни луѓе и кои и после студиите ме бараат за совет и ги споделуваат своите размислувања со мене. Тоа за мене претставува доказ дека сум оставила дел од себе во нив и сум сигурна дека ќе бидат успешни и исполнети луѓе. Се гордеам со сите оние кои силно ја сакаат Македонија, не прават компромис со своето чувство и сакаат да ја видат исправена, горда и напредна. Верувам дека таа цел е достижна и до крај ќе се борам истата да стане реалност.

Соња Алексоска Неделковска 
Фото: приватна архива


Слично

Поврзани вести