Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју со Мими Костоска: Да студирам на Јејл ми беше неостварлив сон кој стана реалност

Интервју со Мими Костоска: Да студирам на Јејл ми беше неостварлив сон кој стана реалност

Она што пред два месеца ѝ се чинело неостварливо на матурaнтката Мими Костоска, да студира на престижниот американски колеџ Јејл, денес е реалност која ѝ носи неопислива среќа. Од клупите на меѓународното средно училиште Нова, таа од следната учебна година ќе се префрли во кампусот на еминентниот колеџ за кој доби целосна стипендија и каде во фокусот ќе ѝ биде изучувањето на биологијата. Со Костоска разговаравме за тоа како стигна до место на Јејл, за процесот на аплицирање, како и за нејзините планови во иднина.   

Фактор: Успеа да се запишеш на престижниот американски колеџ Јејл. Дали како матурант од гимназијата Нова знаеше дека тоа ќе биде твојот следен чекор?

Костоска: Навистина не очекував и бев пресреќна кога дознав дека ме примиле. До пред еден-два месеци тоа за мене претставуваше нешто неостварливо и невозможно. Јејл ми беше сон, искрено уште ми е, бидејќи сѐ уште не ми се верува дека ќе студирам таму.

Фактор: Што ќе студираш на Јејл, кој ќе биде твојот фокус?

Костоска: Се двоумам меѓу молекуларна биофизика и биохемија и биомедицински инженеринг, но дефинитивно во фокусот ќе биде биологијата.

Фактор: Колку гимназијата Нова ти помогна во самиот процес на подготовка и успешно аплицирање на Јејл, дали имаше предвид и други престижни високообразовни институции од САД?

Костоска: Мојата академска советничка и професорите од Нова ме следеа низ целиот процес на аплицирање. Всушност, огромен дел од успехот го должам на Нова, не само во однос на поддршката и помошта во подготовките за самите апликации, пишувањето на есеите за секој факултет и подготовките за полагање на стандардизираните тестови, туку и во текот на сите 4 години полни со академски предизвици. Иако ме примија на повеќе високообразовни институции во САД, Јејл беше најпрестижната која ми понуди целосна финансиска помош.

Фактор: Како искуството од гимназијата Нова ќе пренесеш на Јејл, сметаш ли дека образованието кое досега го доби ќе ти помогне да направиш успешна транзиција?

Костоска: Нова ми овозможи да научам интердисплинарно да размислувам, а воедно и како да го употребам тоа знаење во реалниот живот. Во Нова научив да ги балансирам академските и вонучилишните активности и сметам дека тоа многу ќе ми помогне полесно да се адаптирам во контекстот на една мултикултурна институција како што е Јејл.

Фактор: Подготвена ли си за предизвикот преселување во САД? Јејл има огромен студентски кампус, луѓе со амбиции кои доаѓаат од целиот свет. Чуствуваш ли некаков притисок да се претставиш најпрво себеси, а потоа и земјата од која потекнуваш на една таква факултетска сцена?

Костоска: Искрено повеќе сум возбудена, отколку уплашена. Свесна сум за предизвиците што ме очекуваат и за компетитивниот контекст со кој ќе се соочам, но со нетрпение чекам да се вклопам во таа средина. Притисокот секогаш ќе биде присутен, но тој е минимален и позитивен, бидејќи за мене e поважно да бидам во средина во која ќе напредувам.

Фактор: Зошто се реши токму за факултет во странство, кои се твоите очекувања од Јејл?

Костоска: Јас минатото лето стекнав реална претстава за образованието и студентскиот живот на Јејл бидејќи добив целосна стипендија за летната програма на овој универзитет. Би сакала да поминувам повеќе време во лабораторија, а Јејл е институција која на тој план нуди фантастични можности.

Фактор: Кои се твоите желби за образование и професионална кариера, сметајќи дека сега си на почеток на еден нов предизвик?

Костоска: Би сакала да се насочам кон истражување на биологијата и хемијата, а сметам дека моите академски планови ќе се искристализираат на Јејл. Сега сум насочена кон работа во лабораторија, а воедно и индивидуално лабораториско истражување, но сепак тоа не е дефинитивна одлука.  

Автор: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести