Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју со Дарија Андовска: Уметниците се зачмаени, медиумите игнорантни, но публиката сепак има потенцијал

Интервју со Дарија Андовска: Уметниците се зачмаени, медиумите игнорантни, но публиката сепак има потенцијал

Дарија Андовска е единствена Македонка која ќе биде дел од фестивал во САД со нејзиното музичко дело Liquid-crystal во еден тесен избор со само шестмина претставници од Европа. Ова, секако не е нејзин прв поголем музички успех, но вообичаено за нашите квалитетни музичари и уметници дознаваме откако ќе се пробијат на светските сцени. Затоа разговаравме со Дарија Андовска професор на Факултетот за музичка уметност, за состојбите на македонската сцена, воопшто за уметниците како важен дел од општеството, потребата од нивно квалитетно претставување, но и пробив во медиумите кои политичарите ги претворија во богови потиснувајќи ги сите останите во јавната сфера. Можеби вина за тоа има и кај самите уметници но, публиката без оглед колква е на број секогаш знае да препознае квалитет.

Фактор: Кажете ни нешто повеќе за вашето дело „Liquid-crystal“ и како тоа успеа да се најде на фестивалот на електронска музика и соунд арт „VU2“ во Парк Сити, Јута, САД?

Дарија Андовска: Композицијата е за фиксен медиум и првонаградена на конкурсот од Министерството за култура во 2015 година. Насловот, кој треба да функционира како упатство за слушање, може да се прочита на неколку начини, меѓу кои и течен кристал, но и течност која транзитира во цврста формација. Течниот кристал е супстанца која се движи како течност, но има извесен степен на подреденост во организацијата на молекуларната структура. Ова е делумно подтекстот на композицијата, додека главниот фокус е коегзистенцијата на два навидум екстремно различни квалитета кои постојано се преплетуваат, си попречуваат и се во интеракција, иако во својата суштина тие се исти.

За премиерната изведба на ДММ 2016, во скопскиот Планетариум, музикологот Тина Иванова напиша: “... Композицијата на Дарија Андовска насловена “Liquid-Crystal" имаше најцврста структура, и ако се фокусираме само на насловот, навистина тоа е звучен приказ на течните кристали (материи кои се наоѓаат во преодна агрегатна состојба, помеѓу цврста и течна состојба која се нарекува мезофаа) кои овде “звучат“ како да се во својата природна комоција. Делото е полно со ефекти, на места дури и шокира со појавата на изненаден звук и поседува мрачна атмосфера која ве обзема. Субјективно е чувството, но композицијата има и паралелна приказна, во која ако се внесете подлабоко, тоа може да биде трагичен филм... неизбежни се сликите кои секој индивидуално си ги прикажува импресиониран од звучните бои...“

За фестивалот во Јута беше избрана од илјадници композиции кои пристигнуваат од целиот свет за оваа категорија, ниту препорачана од некој од фестивалот, нити протежирана. Едноставно селектирана. Куриозитетот за мене е малубројноста на европјани- само шестмина на целиот фестивал, од кои тројца од фамозната берлинска сцена, италијанец, англичанец и, ете, јас- македонката.

Фактор: Што значи присуството за вас како уметник на еден интернационален фестивал со импресивна сцена и луѓе кои ја ценат музиката?

Дарија Андовска: Мојата фестивалска кариера започна релативно рано, на моја среќа, така што веќе долго сум на интернационалната сцена. Учествата на вакви фестивали се секогаш се добредојдени, пред се’ поради размената на искуства, идеи и создавањето пријателства. Се случувало и да не сум присутна при изведба на моја композиција, но да ме контактираат луѓе од публиката сакајќи да ги споделат своите импресии со авторот или да постават прашања- контакт кој понатаму, речиси без исклучок, се развива во пријателство.

Но пред се’, за мене како уметник од Македонија, имајќи ја предвид зачмаеноста на музичката сцена од овој профил, присуството на интернационален фестивал со импозантни имиња е секогаш длабоко вдишување свеж воздух.

Фактор: Македонија има премногу талентирани музичари за кои за жал слушаме само кога ќе се најдат на светска сцена и ќе постигнат меѓународни успеси. Што кажува тоа за македонската публика, медиумите и секако за вас како уметници, нема ли доволен интерес за македонската сцена?

Дарија Андовска: Три збора на И: игнорантност, индиферентност и инфериорност. И сите три се однесуваат на публиката, медиумите, па и уметниците. Поразително е што голем број уметници се зачмаени во недоволната наобразба и информираност, интелектуалното и уметничко ембарго кое е делумно сами сме си го дозволиле, делумно е наметнато, па и се задоволни со сопствената популаризација од Табановце до Богородица, без ниту еден обид да си ги измерат силите и да видат каде се и кои се во однос на светските текови. Медиумите, во борбата за опстанок, подредувајќи се на категориите “турска серија“ и “шокантно/скандалозно“, со апсолутна доминација на политика (нормално), сосема заборавија на културните рубрикии ги исклучија, или пак, доколку живуркаат во некое ќоше, тие се однесуваат сепак на entertainment, не art. Македонската публика во неколку наврати покажа дека има интерес и потенцијал, кој треба да се негува и развива, а во тоа сите треба да инвестираме.

Фактор: Што ве инспирира вас како музичар, откријте ни дел од вашиот креативен процес?

Дарија Андовска: Како несуден сликар и балерина, страствен љубител на уметностите, со огромен интерес за природните науки, но и вечно љубопитно дете, инспирација наоѓам секаде. Па и во едно бубаче на ѕид :) Убавината на мојата работа е што креативниот процес е во постојан развој, без разлика што можеби се чини дека само зјапам во празно или си правам муабет на кафе. Обично многу подолго трае таквото внатрешно осмислување на композицијата и решавање на проблемите, пред да пристапам кон реализација, отколку самата реализација. Кога сум веќе пред компјутер, многу ми е јасно каква атмосфера сакам да постигнам, каква енергија или емоција сакам да пренесам, која е соодветната архитектоника за драматургијата што ја имам на ум и како тоа да го преточам во нотен или звучен запис.

Фактор: За еден уметник многу е важно да биде виден, слушнат, прочитан, но над се е повратната реакција. Тука би го посочил и недостатокот на музичка критика, зачмаеноста на мејнстрим медиумите и преоптовареноста на јавниот простор со брутална политика. Што за вас би било идеално, каков ефект сакате да постигнете и на кој начин тоа би го реализирале?

Дарија Андовска: Делумно го зачнав одговорот на ова прашање претходно. Критика речиси и воопшто немаме, не само музичка, а и кога/ако има, прашање е нејзината релевантност, токму поради претходно наведените проблеми со битисување, со кои сите од уметничките бранши се соочени. Но, да бидеме реални: живееме во инстант-супа-хипер-консументско општество, каде квалитетот се губи во морето широко-прифатливи и прифатени обиди за уметникување. Илузорно е да се смета на било што освен на тоа дека квалитетното ќе го издржи тестот на времето, како најмеродавен фактор. А што се однесува до мене- јас секогаш се трудам и ќе се трудам да бидам искрена во она што го правам, тоа е единствениот начин музиката да биде свежа и оригинална, без разлика на употребениот хармонски/музички јазик. Само кога е таква таа комуницира- тоа е ефектот кон кој се стремам и, се чини за сега, успешно го реализирам.

Автор: Христијан Станоевиќ


Слично

Поврзани вести