Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју со Д-р Емил Угриновски: Неуромедика со новата болница ќе стави круна на квалитетното здравство

Интервју со Д-р Емил Угриновски: Неуромедика со новата болница ќе стави круна на квалитетното здравство

Неуромедика е еден од најпрепознатливите медицински брендови во Македонија, првата поликлиника која го проби мразот во приватното здравство и претстави нов начин на работа. Денес по две децении разговараме со основачот и директор д-р Емил Угриновски кој вели дека е оптимист за развојот на Неуромедика бидејќи ја има довербата на пациентите иако не е задоволен од актуелната состојба во која се фаворизира државното здравство, додека приватните установи се соочуваат со нефер услови. Човекот кој одбил да биде и министер за здравство иако ги има можните решенија сепак, е посветен на својата Неуромедика во која вложува многу труд. Потврда за тоа беше и неодамнешната награда во Кан за Најдобра болница и Најдобар менаџер. Во продолжение следува целиот разговор со д-р Емил Угриновски.

Фактор: Општеството во кое живееме е исправено пред огромни предизвици, што поради субјективни што поради објективни причини. Значи, стресот меѓу населението го има во изобилство. Колку таквата состојба допринесува бројот на клиентите во вашата клиника да расте?

Д-р Емил Угриновски: Ние живееме во модерно време на 21 век во кој што стресот е неизбежно зло со оглед на секојдневното темпо, секогаш се брза, да се заврши што побрзо во трката за пари и заработувачка. Стресот е фактор број еден на смртноста и најголем причинител на здравствените проблеми. Така што не можам да кажам дека ова се одразува на бројот на пациенти, бидејќи тоа е во континуитет. Самата промена на системот си го направи своето да 20-тина години се живее по други принципи на работа од промената од социјализам во капитализам. Ние навистина имаме огромен број на пациенти кои стресот го наведуваат како главна причина на нарушување на здравствената состојба. Стресот делува во сите сегменти на здравјето на организмот.

Фактор: Неуромедика е првата приватна поликлиника во Македонија. Функционирате повеќе од 24 години. Со кои капацитети во моментов располага Неуромедика и дали планирате нејзино проширување?

Д-р Емил Угриновски: Веќе сме во 25-та година од формирањето и функционирањето на Неуромедика. Во јуни 2017-та ќе биде нашиот 25-ти роденден. Тоа е еден огромен период, ние сме и пионери во приватното здравство во Македонија. Неуромедика во моментот располага со 7 свои капацитети, два во Скопје, четири во градовите низ Македонија во Куманово, Тетово, Битола и Штип и во Кукуш во Грција. Во моментот работиме активно на изградба на нашата болница која ќе биде прва во брендот Неуромедика и вистинска круна на овие 25 години постоење. Навистина една голема современа болница во која сите сегменти ќе бидат фузирани на едно место. Ќе имаме 28 амбуланти и комплетната дијагностика ќе биде поставена на едно место. Со самото тоа што се работи за еден грандиозен објект си бара сериозен пристап во изградбата. Ние сме во завршна фаза, веќе го довршуваме опремувањето и јас сум оптимист, се надевам дека за три месеци ќе ја ставиме во функција.

Фактор: Неуромедика во Македонија веќе претставува  медицински бренд. Дали пазарот е презаситен со приватни клиники или има уште простор за инволвирање на нови субјекти во овој бизнис?

Д-р Емил Угриновски: Неуромедика е бренд кој е тешко да се формира, а уште потешко да се одржи. Ние ги ангажиравме најголемите стручњаци. Пазарот не е презаситен има можност за отворање на нови болници, но во Македонија има недостиг на квалитетен кадар. Така што сите кои отвараат нови здравствени капацитети брзо и ги затвораат, тешко е да се работи на пазарот, бидејќи кубурите со еден многу специфичен и дефицитарен кадар. Тие што работат долги години веќе се етаблирани и имаат свои пациенти.

Фактор: Во Македонија полека се развива медицинскиот туризам. Дали Неуромедика има пациенти од странство и кои се областите во медицината кои се интересни за странските пациенти?

Д-р Емил Угриновски: Ние имаме многу пациенти кои не се државјани на Македонија. Имаме огромен број на пациенти од Косово, Албанија, Грција, Бугарија, Србија, како и странци кои живеат тука. Тие се задоволни и ги користат услугите на Неуромедика и доаѓаат специјално да направат прегледи, ни ја даваат довербата. Меѓутоа што се однесува до медицинскиот туризам, Македонија е се уште далеку од класичен медицински туризам. Да не се лажеме, за тоа се уште не се созреани условите, Македонија не е доволно развиена земја за тие да дојдат и да направат испитување. Таков туризам имаме со Грците кои доаѓаат за стоматолошки услуги. Тоа не го сметам како медицински туризам, туку како потреба. Прво треба да се изгради доверба во државата, а потоа во здравството и Македонија уште долго време нема услови да развие класичен медицински кадар.

Фактор: Многу квалитетни кадри заминаа од државното здраство, не само со премин во приватното здравство, туку и заминаа во странство. Како ја менаџирате таквата состојба на пазарот? 

Д-р Емил Угриновски: Најголемиот проблем во Македонија е недостигот на квалитетниот кадар. Голем дел, посебно младите заминуваат во странство, бидејќи добиваат одлични услови и високи плати и сето тоа ги мами. Тие што се вистински професионалци и кои се сигурни во себе, кои знаат тоа да го претстават, притоа да не го жалат својот труд и време, му се препуштаат на приватното здравство. Државното здравство повеќе се потпира на недокажани кадри и тие кои немаат друга алтернатива и остануваат таму од икс причини.  Треба огромна умешност за да се менаџира таквата состојба. Ние имаме среќа што во нашата институција имаме познати доктори од сите области, кои се признати не само во Македонија, туку и пошироко.

Фактор: Дали Ве загрижува развојот на Фондот за здраство за чие функционирање има големи критики. Каква е вашето искуство во соработка со оваа институција? Очекувате ли санација, промена на политиките со начинот на менаџирање на овие институции или дополнително усложнување на ситуацијата?

Д-р Емил Угриновски: Кога имате еден монопол пред вас како партнер или провајдер на здравствени услуги како Фондот за здравство тогаш е многу тешко да ги насочите и претставите вашите услови и потреби. За жал Македонија 10 години наназад кажува дека ќе се формираат приватни фондови и тешко оди тоа иако секој министер за здравство го најавува во првите свои проекти дека тоа ќе биде негов приоритет. Ни најмалку не наоѓаат начин осигурителните компании да ги мотивираат да можат да работат. Доколку дојде до промена на монополот да имаме и приватни фондови тогаш многу работи ќе се променат. Бенефит ќе има за сите страни. Прво бенефит ќе има за самиот Фонд за здравство бидејќи ќе плаќа помалку пари затоа што осигурениците кои ќе имаат приватно осигурување ќе ги користат услугите на приватните установи. Второ здравствените институции ќе добијат нови свежи пари кои што наместо да им ги плати фондот по некоја своја формирана цена ќе бидат пазарно платени од приватните фондови. Трето, добиваат пациентите бидејќи ќе добијат многу поквалитетно здравство со самите услуги, на друг начин ќе бидат третирани и ќе доаѓаат да се лечат во елитните институции. Многу промени се потребни во начинот на финансирање на здравството, посебно во секундарната заштита каде услугите што фондот ги плаќа не се промените десетина година. Ако пред 12 години фондот за еден специјалист исплаќал 60.000 денари и сега е исто но, трошоците тројно се зголемени. Докторите добиваат исто пари колку што добивале пред 10-12 години што е доста несериозно. Затоа одговорните во Фондот за здравство треба сериозно да поработат и да размислат зошто е тоа така.

Фактор: Која  е таргет групата на пациенти кон кои се обраќате и за кои сегмент од вашите услуги има најголем интерес?

Д-р Емил Угриновски: Ние немаме некоја одредена социјална, религиска, возрасна, полова група и така натаму, таргет се сите пациенти, нашата цел е да продаваме здравје. Тоа чини најмалку, нас ни прави најмалку трошоци, а на пациентите им заштедува време и пари, а бенефитот е здравјето. Ние се се обидуваме да ги насочиме пациентите да дојдат кога немаат никаков проблем, да дојдат навреме за превентивно да искористат некои од услугите за да не биде доцна. Работиме со сите категории на луѓе, бидејќи имаме најсовремена опрема и ги имаме сите специјалности и услуги така може да ги сретнете сите, од најбогати до социјални случаи.

Фактор: Како силната конкуренцијата во болничкиот бизнис влијае врз работењето на Неуромедика, и дали во овој бизнис има нелојална конкуренција?

Д-р Емил Угриновски: Мене секогаш конкуренцијата ме стимулира да одиме напред. Во приватното здравство речиси и да нема нелојална конкуренција. Таа ја има во државното здравство поради непазарно поставените цени кои ги формираат Министерството и Фондот за здравство и се ниски. На приватните институции не им се даваат договори со Фондот и автоматски станувате некокунрентен. Кога државното здравство ќе биде поставено со пазарни цени јас одговорно тврдам дека нема ни еден пациент да влезе во државните институции под овие услови и начинот на кој сега се менаџирани.

Фактор: Доколку сте министер за здравство, кои се првите три работи кој би ги корегирале со цел да ја подобрите бизнис климата во оваа услужна гранка?

Д-р Емил Угриновски: Интересно прашање, да бидам искрен сум имал понуди да бидам министер и сум ги одбил бидејќи имам многу поодговорни работи кои можам да и ги пружам на мојата компанија. Но, ако би имал можност прво би ги изедначил правата на приватното и државното здравство така како што се според Уставот и законите на Република Македонија, би направил да работат под исти услови. Второ би ги охрабрил осигурителните компании да формираат здравствени фондови за да има дополнителна здравствена заштита. И трето би работел на едукацијата на кадарот кој се проблеми се соочува од самото студирање, бидејќи многу малку се вложува. Со тоа би му ја вратил насмевката на здравствениот работник кој треба да се потсети на Хипократовата заклетва која што секој ја има дадено.

Фактор: Каде ја гледате Неуромедика после 10 години?

Д-р Емил Угриновски: Кога ја добивав наградата во Кан за најдобра болница и менаџер на година, од новинарот на Тајмс магазинот добив прашање каде ја гледате Неуромедика за 20 години. Толку брзо се развиваат настаните и грабиме напред со огромни чекори, така да не можам да дадам конкретен одговор, ниту за 20 ниту за 10, но со сигурност можам да кажам за наредните 2 години кога ќе го добиеме новиот болнички капацитет ќе ни биде мал. Мислам дека тоа доволно ја одредува нашата амбиција, а со многу труд и вложување ќе видиме понатаму.


Слично

Поврзани вести