Интервју Смилевски - Во Бутел нема меѓуетнички проблеми, сакаме иднина тука
Велимир Смилевски и официјално е кандидат за градоначалник на Бутел од редовите на СДСМ. Тој е претседател на општинската организација и ќе се обиде по 12 годишното владеење на Латиновски во бастионот на ВМРО-ДПМНЕ во скопската општина да воведе промени. Бутел во изминатите години ретко беше спомнувам по позитивни проекти и развој, туку повеќе по негативните моменти како инцидентите со намерата да се изгради крст на место каде мнозинство е муслиманското население без претходна консултација или поддршка од граѓаните. Бутел е една од најнеразвиените градски општини во Скопје, па затоа разговаравме со Велимир Смилевски и неговите и плановите на СДСМ за претстојните локални избори.

Фактор: Општина Бутел од своето формирање се смета за бастион на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи ги освои сите победи со градоначалникот Петре Латиновски. Што мислите дека сега е сменето во последните 4 години и дали СДСМ има шанса за победа?
Смилевски: Физички во Бутел ништо не е сменето веќе 20 години. Сменето е размислувањето на народот и по тоа што се случи на последните парламентарни избори кај народот има поголема слобода и може полесно да се изразат сега и на локалните избори. Затоа верувам дека граѓаните сакаат да ја планираат својата иднина во општина Бутел наместо да размислуваат да се иселат. Во Бутел многу жители кои тука се родени се иселија, а доаѓаат да живеат граѓани од други места.

Фактор: Дали очекувате поддршка од албанските гласачи на локалните избори, постои ли можност за изборна коалиција со некоја од албанските партии или тоа би дошло до израз во текот на кампањата или во вториот круг?
Смилевски: Засега официјално СДСМ ќе настапи само со партиите од својата коалиција и нема постапки за договор со ДУИ или било која друга албанска партија. На централно ниво очекуваме дека ќе има одредена поддршка. Со оглед дека долго време сум во СДСМ најпрво како претседател на младинската, а подоцна и на општинската организација, гледам и кај има Албанците, Турците, Бошњаците и останатите има зголемен интерес за активностите на партијата. Се враќа идеологијата дека треба сите да бидат еднакви и луѓето веќе размислуваат за иднината.

Фактор: Долго време Петре Латиновски владее со Бутел и во последните години трпи критики дека не направи ништо значајно за општината. Ги детектиравте ли слабостите на досегашното раководство и која е вашата визија за развој?
Смилевски: Не сум човек што сака да ги критукува другите, туку да кажам тоа што сакам јас да направам за Бутел. Граѓаните се свесни за тоа што досега се случуваше и ќе направат правилен избор. Бутел за жал е единствена градска општина во Скопје која нема амбуланта, гинеколог, а во последно време ниту стоматолог. Моја определба ќе биде изградба на нов здравствен дом со поддршка и од нашите пратеници кои подолго време подготвуваат соодветни решенија. Во Бутел не постои културен дом, нема спортски игралишта кои се отворени за сите, а и тие кои постојат се нефункционални и се дадени под концесија на луѓе кои ги интересира само профитот. Ништо не е направено за граѓаните да можат да се рекреираат, отворените игралишта немаат атмосферска канализација и се поплавуваат. За Бутел значајно е и да се направи проект за искористување на топлинската енергија од Железара со што граѓаните ќе добијат евтино и ефикасно греење и треба да се поправи грешката што населените места од општината не се приклучија на овој систем. Со тоа ќе се реши и проблемот со загадувањето бидејќи голем дел од населението се грее на дрва, а тие што се греат на струја имаат проблеми со електричната мрежа.

Фактор: Меѓуетничките односи беа загрозени со најавата за изградба на крст во дел од Бутел каде албанското и муслиманското население е мнозинство. Тоа беше сфатено како провокација и дали сметате дека беше евтин трик за брз лов на гласови и дефокусирање на јавноста?
Смилевски: Сакам да им се заблагодарам на жителите на Бутел, не наседнаа на провокациите бидејќи тие не учествуваа во немирите кои беа организирани и предводени од луѓе надвор од општината и од неколку партии со цел да создадат тензии. Ние во Советот на општината го прашавме градоначалникот што се планира да се гради на локацијата и добивме одговор дека станува збор за урбана опрема без никакви детали. Намерата на Латиновски и Трајановски беше навистина безобразна, улицата каде требаше да се гради крстот е на сервис на град Скопје со донација на едно здружение. Тоа предизвика негативни реакции кај православните бидејќи не е соодветно место за крст, и негативни реакции кај муслиманите кои посочија дека крст не им пречи и дека истиот може да се постави на пример во Љубанци. Провокацијата беше направена затоа што град Скопје дозволи поставување на двоглав орел во Чаир на локација која е под нивна надлежност. Сега нема никакви проблеми во меѓуетничките односи. СДСМ даде пример дека може да се живее како некогаш во мир и слога бидејќи тука никогаш и немало поголеми инциденти на меѓуетничка основа.
Фактор: Какви се вашите очекувања за битката за град Скопје. Засега постојат шпекулации дека СДСМ може да кандидира и Албанец како на пример Мухамед Зеќири. Без оглед на кандидатот се претпоставува дека трката ќе биде доста тешка, што мислите вие?
Смилевски: „Крадоначалникот“ на град Скопје направи многу, но и украде многу. Скопјани се револтирани од начинот на кој се работи. Еве на пример во Бутел една улица под надлежност на град Скопје во должина од 400 метри се реконструира цел месец. Од бомбите се дознаа и многу работи за проектот Скопје 2014 каде е инволвиран и Коце Трајановски. Народот е многу освестен, постои шанса за голема победа во Скопје. Јас мислам дека Зеќири нема да се кандидира бидејќи има големи обврски како заменик претседател на СДСМ и како пратеник во Собранието. Сепак, кандидат очекувам да биде Македонец но, тоа е помалку важно бидејќи ќе ја добиеме поддршката од граѓаните и ќе оствариме голема победа.
Автор: Христијан Станоевиќ
