Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ, СЛАЃАНА ТАСЕВА: Некогаш ми се лутат кога ќе кажам дека сите политичари се исти!

ИНТЕРВЈУ, СЛАЃАНА ТАСЕВА: Некогаш ми се лутат кога ќе кажам дека сите политичари се исти!

“За реформите во судството, требаше да се делува поорганизирано, побргу и одлучно, без повлекување на она што веќе е кажано“, вели во интeрвју за „Фактор“, Слаѓана Тасева од „Транспаренски Интернешнал“. Смета дека во однос на овие значајни промени кои беа најавени и ветени, се избегнува конструктивен придонес на невладиониот сектор. Во интервјуто, Тасева одговара на прашања и во однос на „конфискацијата“ за која Владата најави Стратегија и Акциски план за нејзино спроведување.

Конфискација, имаме закон, немаме примена ...

Фактор: Владата најави Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, со акциски план за нејзино спроведување, што се смета за прв чекор во овој сегмент од битката со овој вид криминал. Но, колку конфискацијата како механизам може да биде спроведена со судство кое е заложник на политиката?

Тасева:  Кривичното дело перење на пари и мерката конфискација на имот стекнат со кривично дело се воведени во казнено-правното законодавство во Р Македонија пред повеќе од 15 години. Првиот закон за спречување перење на пари е донесен во 2003 година, а од 2004 година се зајакнати квалификаторните облици за коруптивните кривични дела и воведени се нови. Исто така формирани се и сите потребни институции. Со новиот ЗКП сите овие механизми се дополнети и на хартија, или де јуре, имаме цел систем кој треба да обезбеди ефикасност во борбата против финансискиот криминал и ефикасни финансиски истраги паралелно со кривичните истраги. Но, за жал, политичката волја застанува овде. Во пракса системот е целосно неефикасен од проста причина што никој не сака да го направи ефикасен. Ниту една политичка гарнитура досега не дозволила ефикасни финансиски истраги и институциите се нефункционални и неефикасни. Судството е последна алка во синџирот. Најпрвин lawenforcementслужбите (полицијата, финансиската полиција, управата за финансиско разузнавње, царинската управа и јавното обвинителство треба да го утврдат текот на парите, да го лоцираат и замрзнат имотот за кој подоцна од страна на судството може да се изрече мерката конфискација. Но, за жал, ќе повторам, проблемот е во политичката волја.

Фактор: И досега имаше случаи на заплена на имот, но „крупните“ случаи како ТАТ, Експорт-иморт банка, останаа без разрешница. Колку моделот на конфискација може и треба да се применува?

Тасева: Колку што мене ми е познато случајот ТАТ е завршен и таму имотот стекнат со криминал е одземен. Но, постојат многу други случаи, дел завршени како тенковските делови, приватизацијата на Фершпед, Тајландските кредити и други,  во кои истрагите и постапките се завршени или затворени, а парите ги нема. Така е и со случајот Скопје 2014, за кој никој не се потруди да го следи патот на парите, јас лично сум вклучена во тимот кој обезбедува докази за финансискиот инженеринг кој има ранг на финансиски тероризам со искористување на компаниите КУБУС, Еурека, Макошпед и редица други, каде јасно се гледа патот на парите, нивното извлекување од банките и слевање во поврзани компании каде се трансферираат во прикривачки приватни фирми и се трансформираат во сопствен капитал. Тоа е јасен пример на перење на пари за кој имаме многу докази, го презентираме пред сите надлежни институции, но за жал, кадровските промени што се направија деновиве повторно се индиција дека не постои политичка волја за борба против големите моќници кои ја финансираат политиката. Проблемот не е во моделот на мерката конфискација. Тој е одличен и усогласен со сите меѓународни стандарди. Проблемот е во моќта и тргувањето со влијание. Државата е заробена со тоа што се заробени парите кои треба да ги користат компаниите, сето тоа е познато, но се молчи. За жал сè уште се молчи.

Фактор: Неодамна, истражувачката мрежа „Глобален финансиски интегритет“ (GlobalFinancialIntegrity ) обелодени  дека од 2004 до 2013 година од Македонија се „изнесени“ 5 милијарди долари. До сега – домашните институции не дадоа одговор дали има вистина во овие бројки. Како се толкува „молкот“ ?

Тасева: Јас верувам дека овие бројки се и поголеми. Молкот е вообичаена практика на заштита недопирливост на моќните од страна на политичарите. Некогаш ми се лутат кога ќе кажам дека сите политичари се исти и дека криминалот и корупцијата почнува од финансирањето на политиката и политичарите. Нивниот имот постојано расте, а институциите, односно оние кои ги раководат, а и извршителите се плашат да започнат истраги кои ќе доведат до нивно преместување во некоја локална испостава во провинција, што ми се случи и мене во 2000 година, а се случува и денес. Политиката е заробена од олигархијата која ја контролира. А институциите се контролирани од политиката. За жал не се најде ниту еден одважен обвинител да ги согледа овие состојби и да им се спротистави. Цената може да биде голема (Фалконе и Борселино) но еднаш треба да се почне.

Не е само Зврлевски проблем, а што прават другите обвинители ?

Фактор: Реформите во судството се приритет во Акцискиот план 3. 6. 9. Како ќе се спроведат со оглед на тоа што се месеци  предлогот за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски, е заглавен во Парламентот?

Тасева: Јас повеќе би обрнала внимание на тоа што прават другите обвинители и другите институции. Со или без Зврлевски, тие сите се независни и треба да ја работат својата работа. Реформата во судството ќе оди бавно, затоа треба да се фокусираме на Судскиот совет и на идентификување на поединци со интегритет кои треба да се поддржат независно од политиката. Не смее да се случи една политичка контрола да замени друга. Темата интегритет, транспарентност, отчетност на работата на сите институции не се разработи како што треба.

Фактор: Германскиот експерт Прибе со својот тим веќе оставрува средби со претставници на судската власт. Ќе има нов извештај. Што може да очекуваме?

Тасева: Темата интегритет, транспарентност, отчетност на работата на сите институции не се разработи како што треба. Тоа се однесува и на судството. Г-дин Прибе не може да ги реши нашите проблеми. Тој може да го напише она што ние веќе го знаеме ама не се прифаќа затоа што го кажува некој што е надвор од партијата. Она што ќе се случи после новиот извештај е нов акциски план и одолговлекување на процесите. Анализата на Системот за национален интегритет која ја објавивме минатата година е работена на меѓународно прифатена методологија и со контрола од Берлин и Брисел. Таа содржи јасна анализа на сите индикатори за интегритет, отчетност, транспарентност, ресурси, улога, де јуре и де факто во 14 столбови на интегритетот. Вклучително и на судството. Има и препораки кои кои се совпаѓаат со препораките на Прибе. Но за жал, Транспаренси Интернешнел Македонија не беше поканета на консултативниот состанок на владата со невладиниот сектор. Прашавме зошто, рекоа дека не знаат каде е пропустот, а во иднина ќе нè поканат. Јас мислам дека повторно се избегнува конструктивен придонес кој не може да се прикаже како партиски. 

Фактор: Во јавноста има впечаток дека реформите во судството, кои се пресудни за стабилни темели на демократијата, економијата и вкупниот политички систем, се одвиваат бавно и несигурно. Дали и вие го имате тој впечаток?

Фактор: Да, очекував поголема подготвеност и јасна визија за тоа што и како ќе се направи. Требаше да се делува поорганизирано, побргу и одлучно, без повлекување на она што веќе е кажано. Политиката што сега е на власт требаше за ова да биде многу подготвена. Тимот на советници требаше да се формира претходно и кога ќе затреба само да се официјализира, но стратегијата да биде добро разработена и објавена заедно со објавување на имињата. Сега веќе целата работа е разводнета.

Слично

Поврзани вести