Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Симонида Кацарска: Времето за реформи е кратко, проблемите се големи!

Интервју Симонида Кацарска: Времето за реформи е кратко, проблемите се големи!

На внатрешен план Македонија ја чека тешка домашна задача, реформи во чуствителни сегменти, од кои ќе зависи европската иднина на земјата. Она што Владата го стави на хартија, како обврска за исполнување – сега мора да покаже дека е подготвена да го оствари, велат аналитичарите. За реформите во судството потребно е да се вклучи самото судство, за реформите во медиумите, за почеток доволно е политичките центри на моќ да се повлечат од влијание, вели во интервју за „Фактор“ Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

За реформи во судството – треба да се вклучи судството !

Фактор: Неминовно беше Македонија да започне реформски процес во повеќе сегменти. Планот 3.6.9. за реформи генерално е амбицизоен. Дали сметате дека она што не можеше или можеби немаше политичка волја да се спроведе – сега може да се исполни како поставена домашна задача од страна на ЕУ?

Кацарска: Сметам дека не е соодветно овој план да го гледаме само како домашна задача од ЕУ, иако тоа е досега примарниот тон со кој во јавноста истиот се објаснува. Ако ги погледнете задачите во планот тие се обид да се одговори на мноштвото предизвици во клучни области за воспоставување на демократско функционирање на една држава. Тие активности ни требаат нам како граѓани на оваа земја, пред се за да се врати довербата во институциите. На проценката за амбициозноста на планот од вашето прашање сепак би оставила простор за интерпретација бидејќи проблемите се многу, а времето е кратко. Владата во планот ветува транспарентност и инклузивност, а тоа дали тоа ќе го исполни ќе може да процениме до септември.

Фактор: Најчуствителен сегмен е судството. Како би се одвивале реформите таму, со оглед на тоа што со месеци не може да се направи промена во врвот на Јавното обвинителство? Идејата за генерален реизбор е отфрлена, но како би се спровеле реформите?

Кацарска: Република Македонија веќе подолго од една деценија спроведува стратешки реформи во правосудството и повеќето од нив се аминувани од ЕУ како концепт т.е. на хартија. Претходната влада имаше подготвено повторно нацрт Стратегија, која сега во планот 3-6-9 дознаваме дека ќе биде ревидирана. Мислам дека е препорачливо во оваа област да се направи темелна проценка на тоа каде сме, а каде имавме намера да бидеме со реформите и да се утврдат предлози, заедно со судската заедница со највисок (возможен) консензус за понатамошниот тек. Владата во планот најави укинување на Советот за утврдување факти и мислам дека преку овој чекор се обидува да ја поттикне судската заедница да дејствува проактивно како чинител во реформите. 

Да запре политичкото влијание во медиумите ..

Фактор: И медиумите се високо нотирани – како проритет за реформи.  Како да се “деполитизира “ и овој сегмент?

Кацарска: Како област во која нема правила на ЕУ, има многу засегнати страни и во која само-регулирањето е правило, а не исклучок, потребно е градење на минимум консензус за насоката на реформите. Медиумската сфера долго се дискутираше и во изминатите две години, за разлика од другите аспекти на реформите и беа изградени партиски ставови во однос на клучните прашања. Останува да видиме дали во новата ситуација на позиција и опозиција ставовите ќе се променат или ќе може да се најде заеднички именител. За почеток, партиите на власт треба да одолеат да ја користат позицијата на моќ за влијаење врз медиумите и да покажат отвореност, што мислам дека во голема мера го сторија.

Фактор: Една од точките е независност на институциите. Сега, кога политиката и партијата длабоко навлегоа во државниот апарат – како е можно администрацијата да се врати на професионалните стандарди и институциите да се ослободат од духот на политиканството?

Кацарска: Професионализацијата на администрацијата е задача на која мора да се работи долгорочно, најпрво со проценка на тековната ситуација и резултатите (како позитивните, така и непосакуваните) од многуте паралелни и/или последователни реформи. Ова претставува сериозен зафат кој не смее да биде потценет во однос на тежината. Понатаму, градењето на стратегија за реформа на јавна администрација не смее да биде краткотраен и затворен процес, а она што ќе биде усвоено треба да биде доследно имплементирано. Првиот неопходен чекор секако подразбира политичките партии, пред се оние кои се во моментот на власт, да се воздржат од недозволено влијание врз администрацијата и злоупотреба на државни ресурси за партиски цели (дел од обврските кои Владата ги превзема со новиот план 3-6-9).

Европската унија чека резултати ..

Фактор: Евроатланската иднина зависи од целиот овој пакет на реформи – но тоа е внатрешна домашна задача. Но – на надворешен план Македонија се соочува со проблемот со името. Грција најави дека нема да отстапи од цревените лини. Што може да се очекува на надворешно-политички план ?

Кацарска: Владата најави поактивна надворешна политика, која ја видовме и на дело од нејзиниот избор. Сепак, надворешната политика не може да се води независно од домашните случувања. Идеалната ситуација е Владата да ги реализа мноштвото мерки кои ги планира на краток рок, со што Македонија ќе ја подобри меѓународната позиција.

Фактор: Дали ЕУ и САД се подготвени да го засилат “притисокот“ врз јужниот сосед за да се деблокира процесот за евроатланските интеграции на Македонија?

Кацарска: За да можеме да говориме за можности за "деблокирање" мораме најпрвин да покажеме резултати  на домашен план во контекст на владеењето на правото т.е. да го отстраниме овој услов кој исто така ги 'блокира' евроатлантските интеграции на земјата. Доколку барем до одредена мера се воспостави систем на проверка на власта преку деполитизација на судството и зголемена парламентарна контрола на внатрешен план би можеле да се вратиме на состојбата пред 2015 во контекст на формалниот статус на нашите евроинтеграциски процеси. На тој начин би ја подобриле својата позиција на меѓународен план, а воедно и во однос на Грција. Дури тогаш би можеле да разговараме во однос на подготвеноста на други актери да ни помогнат нам.  Во однос на она што може да очекуваме од ЕУ, треба да бидеме свесни дека во однос на ова прашање треба да работиме со сите земји членки и да градиме коалиции и партнерства кои за жал во изминатите неколку години ги поткопавме. Потребно е да се дејствува на градење партнерства со неколку земји членки кои проактивно би го застапувале влезот на Република Македонија во ЕУ, а со тоа и би не ставале на агендата како тема, што до сега не беше случај. 

Д.А.

Слично

Поврзани вести