Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју ПОПОСКИ: Вистински промени за Карпош

Интервју ПОПОСКИ: Вистински промени за Карпош

Д-р Анте Попоски е татко,  жител на Карпош, лекар и менаџер.

Тој е еден од адутите на СДСМ и граѓаните на Карпош за градоначалничкото место на претстојните локални избори. Со долгогодишно искуство во интерационални компании и магистерска диплома на Бледската школата за менаџмент во Словенија, има служено и како член во советите на Град Скопје и во Карпош.  Во ова интервју, со него разговараме за неговата платформа.

ФАКТОР: Моментално има неколку претенденти  на СДСМ за позицијата кандидат за градоначалник на општина Карпош. Кога очекувате да се објави официјалниот кандидат?

Д-р Анте Попоски: Наскоро, по завршувањето на внатрепартиските процедури.

ФАКТОР: Дали очекувате гласови на граѓаните Карпош од сите политички ориентации?

Д-р Анте Попоски: Да, затоа што ова се локални избори, не парламентарни. Ќе победи оној кој ќе биде најдобар менаџер на општината, но и без опашки и флеки од минатото - човек кој ќе го постави правецот во кој Карпош ќе се движи кон својата Европска иднина. Точно затоа сум сигурен дека можам да ги привлечамгласачите и на едната и на другата страна - па и помалите групи гласачи. Кога станува збор за општински прашања, нема суштинска разлика кај потребите на граѓаните – сите посакуваат посредени градинки, чист воздух и зачувано зеленило, основни училишта, решавање на сообраќајните проблеми и слично. Граѓаните во изминатиот период јасно кажаа дека сакаат промени, а тоа што јас го предлагам е токму тоа – придобивки за сите граѓани и општина која ќе се стави во улога на нивен сервис, наместо нивен противник.

ФАКТОР: Зошто би требало граѓаните да гласаат токму за вас, наспроти некој од другите кандидати?

Д-р Анте Попоски: 
Затоа што носам вистински промени, а не само препишана литература . Затоа што за мене потребите на граѓаните и на општината се приоритет, а не само демагошка платформа.Чесно работам целиот мој живот и дополнително со активизам и гласност настојувам да ги решам клучните предизвици во општината – стопирање на неконтролираната урбанизација, нејзино враќање во законски рамки, зачувување и дотерување на јавните простори, подигнување на стандардот на образованието во општината, и гарантирање на безбедноста на граѓаните.

Предлагам нов приод кон прашањето - што е една општина и како треба да функционира.Инаку, свесен сум и за тоа што не го знам, но знам што и кого да прашам. Граѓаните ќе ми бидат највисокиот советник.

И покрај моето прилично искуство и едукација дома и надвор од земјата, формирав стручен тим на соработници, луѓе кои имаат одговори на клучните прашања во општината. Секако во текот на работа ќе се потпираме на стручната јавност и мислењето и потребите на граѓаните. Граѓаните на Карпош заслужуваат да живеат во општина каде администрацијата функционира објективно и ефикасно, наместо да фаворизира или пак некого да игнорира. Сакам да создадам атмосфера каде плановите на општината ќе бидат носени јавно и транспарентно и со широка поддршка.Да заклучам, јас сум пред сѐ - татко. Што правам, правам за моите и децата од Карпош. Сѐ друго е од второстепено значење.


ФАКТОР: Еден од најактуелните проблеми е загадувањето и намалувањето на урбаното зеленило. Веќе неколку години граѓаните алармираат за несовесниот однос кон овие прашања од страна на локалната власт. Што предлагате за да се решат овие проблеми?

Д-р Анте Попоски: Ме радува што граѓаните веќе не молчат и јавно излегуваат против загадувањето и претераната и неконтролирана урбанизација.Истовремено,  тука се нерешените сообраќајни прашања и недостатокот на модерни системи за управување со отпадот. Кога велам отпад не мислам само на она што завршува во контејнерите, или моментално – на улица, туку на целиот комунален отпад во најширока смисла. И едните и другите силно придонесуваат за загаденоста на воздухот. Со решавање на дивите депонии, неуредената зона покрај Вардар, и нови сообраќајни решенија околу Сити Мол и тесните грла околу Илинденска и Бул.Гологанов.

Очекувам постепено подобрување на соостојбите зошто чуда во делот на екологијата не се случуваат преку ноќ. Сепак напорно ќе работиме. Ќе се погрижам инспекциските служби за животна средина да бидат редовни и темелни.Дополнително, сметам дека не треба  година во година да се менуваат урбанистичките планови за да се задоволат нечии апетити.Таму каде што законот тоа го дозволува, ќе се случи ревизија и доколку е оправдано, стопирање на изградбата на спорните објекти, секако се во рамки на законот. Праксата една истата компанија која го планира ДУП-от понатаму и да го изведува истиот ќе биде дел одминатото. Исто така праксата на нетранспарентност, стихијни промени во урбаното планирање кои им одговараат на едно привилегирано малцинство, а штетат на мнозинството на граѓаните, мора да сопре и тоа ќе се наоѓа високо на мојата агенда на приоритети.Првиот меѓу нив е да го направам Карпош зелена општина. А Карпош секогаш бил за Скопје, па оттаму сакам да го видам како најубавиот дел на Скопје прогласено за зелена престолнина на пример и зошто да не до 2025 година.

ФАКТОР: Кои се другите приоритети во Вашата платформа?

Д-р Анте Попоски: На полето на образованието постои итна потреба да се прилагодатпредучилишните установи за да обезбедат оптимален стандард на настава за развој на децата во предшколска возраст, да се намалат групите во детските градинки, за што е потребна изградба на нови градинки. Неопходно е да се постигне адекватно и домаќинско одржување на основните училишта и реактивирање на дневниот престој. Ова го кажувам од личната комуникација со граѓаните – мои соседи како и  други граѓани. Нема да изостане и обновувањето на парковите, транспортната инфраструктура – тоа се редовни обврски на општината кои треба да се прават без посебна помпа и церемонии.За водоводната мрежа и канализација ќе имаме посебно разбирање и ќе дадеме приоритет, зошто тоа се елементарни потреби за нормален живот.

ФАКТОР: Кои се главните проекти кои планирате да ги направите во текот на мандатот?

Д-р Анте Попоски: Јас имам пет приоритети:

-  Здрава животна средина

-  Контролирана урбанизација

-  Образование

-  Личната и сообраќајната безбедност

-  Подобрување на сервисот на општинската администрација

Освен изградбата на детски градинки, ќе воспоставам проект за алтернативно управување со дел од комуналниот отпад,  кој ќе вклучува изградба на центар, еден вид социјално претпријатие, за селектирање на отпадот и можност за негово повторно искористување како секундарна суровина.

Планирам изградба на мултифункционален центар кој ќе се користи за ревитализација на културата, дополнителни образовни модели за младите и останатите сектори – ова ќе бидат и извори на приходи за општината, но примарно ќе допринесат за подигнување на квалитетот на живот и достапните содржини во општината.Ќе го организираме и олесниме превозот на ученици каде што има потреба и ќе најдеме начин за тоа да се гарантира нивната безбедност со воведување на измени во локалниот режим на сообраќај. Секое дете, секој родител, секој жител на Карпош мора да се чувствува безебедно. Ќе подготвиме план за развивање на запуштените општински и градски простори и трансформација на спортските сали и паркови во иновативно градско подрачје. А во текот на целиот процес – Карпош ќе биде облечен во зелено.

Конечно општинската администрација ќе ја трансформираме во една модерна, агилна и вистински дигитално компатибилна организација која подготвено ќе планира наспроти заедничките потреби и со максимална ефективност ќе излегува во пресрет  на граѓанинот.

Слично

Поврзани вести