Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Поцков: Економскиот развој на Гевгелија веќе 15 години се темели на казината и хотелскиот бизнис

Интервју Поцков: Економскиот развој на Гевгелија веќе 15 години се темели на казината и хотелскиот бизнис

Казината се силен фактор во економската мапа на општина Гевгелија, вели градоначалникот на општината Сашо Поцков во разговор за Фактор. Тврди дека веќе 15 години развојот на градот се темели најмногу на нив и на хотелскиот бизнис. Сепак, Поцков вели дека општината нема директен бенефит од игрите на среќа, оти надоместокот кој казината го плаќаат на име лиценца за приредување на игри на среќа целосно оди на сметка на државниот буџет, а така е и со месечниот надомест кој го исплаќаат за секој автомат и за секој рулет, како и со сите останати даноци и давачки. Во однос на најавените законски измени кои го регулираат овој сегмент Поцков вели дека честото менување на регулативата значи несигурност кај инвеститорите, особено ако се има предвид дека станува збор за инвестиции кои се мерат во десетици милиони евра.

Кои проекти се завршени во текот на првата третина од вашиот мандат и кои се новите проекти кои во наредната година ќе се реализираат во општина Гевгелија?

Поцков: Најважен проект кој успеавме да го завршиме во 2018 година беше проектот за изградба на новиот водоснабдителен систем со што граѓаните на општина Гевгелија добија чиста и здрава вода за пиење. Имено, Гевгелија имаше проблем со високиот степен на арсен во водата за пиење. Арсенот е отровна супстанца и високите концентрации во водата за пиење водат до бројни заболувања. Претходната локална власт започна со решавање на овој проблем, а ние го довршивме овој проект и со гордост можеме да кажеме дека најгорливиот проблем на Гевгелија и гевгеличани е конечно решен. Сите активности планирани за 2019 годинаво голема мера се фокусирани на еко проектите како стожерно ветување пред граѓаните. Наша цел е Гевгелија да се трансформира во европски, модерен и зелен град, а истата визија да се преслика и на населените места. Заштита на градот од поплави ја правиме со зголемување на капацитетите на атмосферската канализациона мрежа особено во јужниот и југоисточниот дел на градот и уште неколку критични точки, како и поврзување на населените места Мрзенци, Богородица, Негорци и Прдејци и индустриската зона „Прдејци“ на градскиот водовод и канализација. Овој крупен инфраструктурен проект ќе чини над 2,2 милиони евра кои локалната самоуправа ги обезбеди преку неповратен грант од Владата на Германија преку Банката за развој КфВ. При крај се административните постапки околу експропријацијата на земјиште за потребите на изградбата на таканаречениот „Западен Булевар“ што ќе го пренасочи сообраќајот на тешките товарни возила кои сега минуваат покрај основното училиште „Крсте Мисирков“ и ќе го насочи по овој нов пат. Понатаму, општината има обврска да ги доврши претходно започнатите проекти. Во текот на 2018 година беше изградена нова градска депонија по сите европски стандарди, но проектот за изградба на депонијата не предвидуваше пристапен пат до истата. Поради отежнатата пристапност на локацијата на новата депонија засега Јавното комунално претпријатие не може да ја користи истата, а тоа значи дека продолжува да ја користи старата депонија која е далеку од исполнувањето на еколошките норми и стандарди. Заради тоа, локалната самоуправа има обврска час поскоро да обезбеди пристапен пат до новата депонија со што и официјално истата ќе ја ставиме во употреба, а старата ќе ја затвориме. Во тек е постапката за донесување на ДУП-от за централното градско подрачје со кој е предвидена изградба на градски парк во централното градско подрачје, односно на локацијата на стариот пазар. Во текот на 2019 година имаме планирано посадување на 500 дрва во градот од кои 200 садници веќе се посадени. Излетничко место Динќут во текот на 2018 беше целосно обновено и уредено и сега претставува централно место за прошетки во природа и за детски игри. Сега следи поставување на заштитна ограда околу изградба на неколку помошни простории и служба за надзор и одржување. Исто така, во годишниот план за јавни набавки за 2019 година предвидена е соодветна сума на средства за набавка на урбана опрема за изградба на неколку нови детски игралишта во градот и во населените места. Детските игралишта ќе бидат наменети за деца до 10 години и ќе вклучуваат опрема од типот лулашки, лизгалки, карпи за качување, вртелешки, клупи и слично. Поради очигледниот проблем со бездомни кучиња во Гевгелија, на барање на неколку локални здруженија за заштита на животните одлучивме да им излеземе во пресрет на нивните потреби и да обезбедиме простор за чување на бездомните животни. Локацијата е веќе определена и поставена е заштитна ограда. друженијата преземаат обврска да се грижат за животните и да ги чуваат згрижени на определената локација, а ние како локална власт преземаме обврска да им помагаме во обезбедувањето храна и за други тековни потреби. Во периодот кој следи ќе организираме јавни расправи и анкети во врска со воспоставувањето режим на зонско паркирање во централното градско подрачје. Јавните расправи и анкетите ќе имаат за цел да го испитаат јавното мислење по ова прашање и врз основа на изнесите ставови на граѓаните и стручната јавност ќе донесемеи наш став.

Во кои насоки ќе се одвива економскиот развој на општината и кои гранки ќе бидат приоритет?

Поцков: Ние живееме во пазарна економија, а тоа подразбира дека деловните одлуки ги носат приватните стопанственици. Како локална власт ние не претендираме да го контролираме локалниот економски развој, но мораме да поставиме одредени насоки следејќи ги преференциите на граѓаните. Она што ни е нам најважно е да постигнеме баланс меѓу економскиот развој и еколошката заштита. На 23 април 2017 година во општина Гевгелија се одржа референдум на локално ниво на кој огромен дел од граѓаните демонстрираа дека се против отварањето на рудници на територијата на општина Гевгелија, односно дека сакаат да живеат во чиста и здрава животна околина. Ние како локална власт сме должни да ја почитуваме волјата на граѓаните и ќе се стремиме кон тоа да поттикнуваме економски развој кој никогаш нема да биде на штета на општата благосостојба, на здравјето и животот на граѓаните и на животната средина. Гевгелија веќе подолго време се позиционира како еден од лидерите во туризмот и во прекуграничната трговска размена и мислам дека нашиот економски развој ќе тече во оваа насока.


Имате ли конкретни најави за инвестиции и отворање на работни места и на кој начин ќе ги привлекувате новите инвеститори?

Поцков: Во оваа една и пол година остварив средби со повеќе сериозни инвеститори, како од земјата така и од странство. Гевгелија е интересна дестинација за инвестиции поради својата уникатна географска положба. Освен тоа што се наоѓаме на транспортната рута, ние се наоѓаме во мирно подрачје, а Гевгелија претставува и еден вид регионален центар кон кој гравитираат соседните општини. Ние веќе сега имаме неколку инвестиции кои се во тек, претежно во хотелиерскиот и казинскиот сектор. Една од најважните најавени инвестиции е планираната инвестиција на доктор Жан Митрев во нова, модерна клиника во Гевгелија. Комплексот Негорски бањи има изготвен проект за инвестиција во целосно нов спа центар, со базени, сауни и сите услуги кои ги нудат ваквите центри. Имаме и неколку други заинтересирани странски компании кои се заинтересирани да инвестираат во индустријата, па затоа ние се зафативме со изградба на основна инфраструктура до Индустриската зона Прдејци, со што ќе овозможиме основни предуслови за заинтересираните инвеститори да можат да го вложат својот капитал.

Генерален е впечатокот дека во последните години општина Гевгелија има експанзија на игри на среќа од секаков вид. Дали казината кои се наоѓаат во Вашата општина се полнач на општинската каса или имате проблем со нив?

Поцков: Да, економскиот развој на општината изминативе петнаесетина години во голема мера се базира на казинско-хотелската индустрија. И оваа гранка се уште расте - се градат нови казина, се реновираат и се доградуваат, се вработуваат нови луѓе. Дефинитивно казината се силен фактор во економската мапа на општината. Но, за жал, општината нема директен бенефит од игрите на среќа. На пример, надоместокот кој казината го плаќаат на име лиценца за приредување на игри на среќа целосно оди на сметка на Буџетот на Републиката, без ниту еден процент на сметка на општината. Истото се случува и со месечниот надоместок кој го исплаќаат за секој автомат и за секој рулет, како и со сите останати даноци и давачки. Во Гевгелија моментално работат три големи казина со над 1.500 вработени и со стотици автомати и рулети. Казината исплаќаат големи суми на пари во државниот буџет, а општината нема директен бенефит од тие средства. Јас се залагам за промени во системот на поделба на средствата и тоа ќе биде од голема помош за нас како локална самоуправа. Кога би постигнале општината да добива макар и само неколку проценти од вкупната сума која казината ја исплаќаат кон државниот буџет, тогаш општината би имала двојно поголем буџет од сегашниот. Дуплирањето на основниот буџет на општината, пак, би значело дека општината ќе може да инвестира многу повеќе средства во подобрување на инфраструктурата, со што покрај граѓаните свој бенефит ќе имаат и казината.

Кој e Вашиот став во врска со предлог Законот за игри на среќа, кој во последно време е актуелен. Дали доколку Собранието го донесе предлог законот, приходите во општинската каса ќе се намалат и што би значело за општина Гевгелија?

Поцков: За жал, регулативата која се однесува на игрите на среќа и забавните игри премногу често поминува низ законски измени. Стариот Закон за игрите на среќа и за забавните игри кој беше донесен во 1997 година помина низ четири измени и сега е вон сила. Новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри беше донесен во 2011 година и веќе доби 10 измени и дополнувања, а дел од неговите одредби три пати беа предмет на одлука на Уставниот суд. Ваквото често менување на регулативата значи несигурност кај инвеститорите, особено ако се има предвид дека станува збор за инвестиции кои се мерат во милиони и десетици милиони евра. Практично, правната несигурност создава сомнеж кај инвеститорите кои при вака чести измени на регулативата се двоумат дали да продолжат да го вложуваат својот капитал. Од друга страна, стабилноста на регулативата ќе даде позитивен сигнал кај постоечките и кај потенцијалните инвеститори во овој сектор.Затоа би апелирал да се стави акцент на квалитетот на регулативата која се носи и во процесот на донесување закони да се вклучи стручната јавност и практичарите.  Квалитетните и издржани законски решенија ќе ја намалат потребата од толку чести измени и дополнувања, а тоа ќе значи подобрување на правната сигурност и поголеми инвестиции во оваа област.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести