ИНТЕРВЈУ Малески: Младите нема да бидат само демократски декор во земјава!
“Неприфатливо е во земја која што се претставува себе си како демократична да распнува млади поради искажани ставови. Мораме да ги охрабриме младите да ги изразуваат своите ставови, да аргументираат и да се борат за своите права. Тоа е возможно со констатно отворени врати за младите и засегнатите страни во институциите и нивно активно вклучување во сите фази на развојот на политиките. Регионалната канцеларија за младинска соработка -РИКО за прв пат имаше за цел да ги седне на иста маса младинските организации и политичарите. Во случајот со Македонија, РИКО успеа да ги седне на маса само политичарите. Агенцијата за млади и спорт со претходното раководство номинираше член на политичка партија кој што дури стана заменик министер во тоа време, без притоа да има било каква консултација со граѓанскиот сектор. Целокупниот процес за избор на младински претставник е поврзан со големи нерегуларности, учество на фиктивни организации и целосно непочитување на сопствените протоколи за работа. Пречесто во Македонија не се научени лекциите за целосно почитување на нормите и правилата, дури и кога институциите сами си ги поставуваат истите. Поучени од претходните грешки максимално ќе се заложиме да ваквите работи останат во минатото” - вели за Фактор, Блажен Малески, претседател на Националниот младински совет на Македонија.
Фактор.мк: Младите побараа нов легитимен избор на младински претставник за Регионалната канцеларија за младинска соработка –РИКО. Новиот директор на агенцијата за спорт и млади рече дека е потребна ревизија на процесот за избор на младински претставник во Управниот одбор на РИКО за Македонија. Дали нетранспарентноста и непрофесионалниот однос од страна на Агенцијата за млади и спорт во изминативе десетина години практично го кочеше изборот на младински претставник?
Малески: Во суштина нетранспарентноста и непрофесионалниот пристап кон прашањето за РИКО беа шлагот на долго годишното игнорирање на секторот млади во Агенцијата за млади и спорт. Низ годините голем број на младински организации, вклучително и Националниот младински совет на Македонија, се обидувале да воспостават позитивни практики за соработка, базирани на добра волја за реална промена на ситуацијата на младите во државата. За жал тогаш, а и во случајот со изборот на младински претставник во РИКО, младинските организации биле изманипулирани да служат како демократски декор. Она што мора да се напомени е дека РИКО за прв пат имаше за цел да ги седне на иста маса младинските организации и политичарите. Во случајот со Македонија, РИКО успеа да ги седне на маса само политичарите. Во првата работна група која што имаше за цел да ги разработи статутот и правилата за понатамошната работа на канцеларијата, Македонија, односно Агенцијата за млади и спорт, номинираше член на политичка партија кој што дури стана заменик министер во тоа време, без притоа да има било каква консултација со граѓанскиот сектор. Во вториот случај, кога земјите требаше да номинираат младински претставници со интегритет и искуство во работата со невладини организации, Македонија, односно Агенцијата повторно потфрли, при што целокупниот процес за избор на младински претставник е поврзан со големи нерегуларности, како што се не целисходно пополнети апликации, учество на фиктивни организации и целосно непочитување на сопствените протоколи за работа. Нормално дека сето ова доведе до едно кочење на целокупниот процес за етаблирање на регионалната канцеларија. Но, она што е најважно е дека младинските организации, но и младите мораат да имаат целосна доверба во оваа канцеларија и институција. Токму и затоа се нашите напори овој процес да биде според сите правила и протоколи, за во иднина младите да бидат сигурни дека оваа институција не е базирана на празни ветувања.
Фактор.мк: Дали треба да има мешање на институциите и политиката во изборот и значењето на оваа младинска функција?
Малески: Во случајот со РИКО е навистина тешко да се каже дека институциите не треба да се мешаат, пред се бидејќи самата канцеларија е иницирана од страна на државните институции на различните држави. Оттаму РИКО е и многу интересен за анализирање. Од една страна е формиран од самите институции, но од друга страна им ветува место на младите и младинските организации на одлучувачката маса. Ваква практика во регионот е навистина реткост и токму затоа младинските организации активно се борат за своите права. На крајот на денот Агенцијата за млади и спорт е директно одговорна за прашањата поврзани со младите во државата, и оттаму таа е онаа која што треба правно да номинира младински член. Во регионот номинирањето на младински член беше спроведено на различни начини. На пример во Србија граѓанскиот сектор сам ги дискутираше повиците и одлучи за кандидатот, при што министерството за млади го прифати нивниот предлог. Во нашиот случај Агенцијата за млади и спорт се почувствува повикана самата да организира работна група за номинирање на младински претставник, без притоа да ги вклучи организациите во навистина важните комисии за верификување на податоците за учество во таа работна група. Уште тогаш беше постоеше одреден притисок од страна на младинските организации, како и големи сомневања, но без пристап до информациите е навистина тешко да се докажува вина. Дополнително на тоа е и фактот што самите институции имаат свој претставник во управниот одбор, директорот/министерот на највисоката агенција/министерство одговорно за млади. Повторното мешање во младинскиот претставник само ја зголемува недовербата меѓу младинските организации и институциите. Се на се, може да се заклучи дека институциите имаат сопствен претставник и треба да им овозможат услови на младинските организации сами да го изберат својот младински претставник, и она што е најважно, да се остават ситните партиски игри од минатото со цел на целосно функционирање на управниот одбор на РИКО.
Фактор.мк: Каква е функцијата на претставниците во управниот одбор на РИКО?
Малески: Претставниците во управниот одбор најпрвин ја претставуваат државата во рамки на управниот одбор. Управниот одбор ги носи клучните одлуки околу доделување на грантови за спроведување на проекти, го избира генералниот секретар и заменикот генерален секретар на РИКО и дава свое мислење за кандидатите за локални координатори во главните градови на земјите кој што учествуваат. Дополнително на тоа тие одлучуваат за приоритетите во регионот и позиционирањето на РИКО во регионот. Она што е интересно е што управниот одбор на РИКО своите одлуки ги носи со консензус, а претставниците имаат право на вето на одредени одлуки. Токму и затоа е толку важно да се има младински претставник кој што ги познава околностите во македонското општество и предизвиците со кој што се соочува македонската младина. Без тоа не може да се носат квалитетни одлуки кој што би имале реален импакт врз младите во државите.
Фактор.мк: Регионалната канцеларија која е една од најзначаните регионални политики за млади треба да овозможи на многу млади луѓе различни програми и размени во земјите од западен Балкан.Очекувате ли транспарентен и инклузивен пристап со кој сите нво ќе добијат можност да ги искажат своите ставови и мислења, а потоа да добиете квалитетен претставник?
Малески: Целта е целосно нов процес за младински претставник, кој би бил транспарентен, отворен за јавноста, младите и пред се отворен за оние младински организации кој што се навистина активни на тематиките поврзани со млади. Тоа ќе значи целосно почитување на критериумите и нормите поставени за учество во работната група за номинација на младинските претставник во управниот одбор на РИКО. Пречесто во Македонија не се научени лекциите за целосно почитување на нормите и правилата, дури и кога институциите сами си ги поставуваат истите. Поучени од претходните грешки максимално ќе се заложиме да ваквите работи останат во минатото.
Фактор.мк: Како ќе се изборите младите во Македонија да не бидат само како декор за верификација на политичка одлука без реално учество?
Малески: За жал во досегашната политичка клима не беше возможно да се воспостави реално младинско учество. Големата поларизација наметната од политичкиот контекст ја направи оваа задача невозможна. Сепак, првите знаци на новото парламентарно мнозинство и владата укажуваат на тоа дека има голем простор за вистинско учество во креирањето и носењето на одлуките. Токму затоа сметаме дека се потребни структурни механизми за граѓанско учество. Тоа во нашиот случај значи коменаџмент тело за млади, каде што младите би биле директно инволвирани во одлуките кој што се носат за нив, а учество би земале претставници на надлежните министерства. Дополнително на тоа е потребно конечно вистински да се спроведе механизмот за соработка меѓу владата и граѓанските организации кој што беше воспоставен со бројни забелешки од 80 невладини организации. За ваквите механизми пред се е потребно време, не само да се обмислат туку и да се воспостват како функционални практики за доброто на граѓаните.
Фактор.мк: Друга специфична и важна карактеристика која оваа канцеларија ја има е учеството на младите луѓе во процесот на носење на одлуки што се случува за прв пат на овие простори на високо политичко ниво.Кои се приоритетите и амбициите на младите од земјава и какви политики се потребни за нивно интегрирање во системот?
Малески: Пред се е потребно да се врати довербата на младите во институциите и довербата дека нивниот ангажман за креирање подобра иднина за идните генерации е ценет. Неприфатливо е во земја која што се претставува себе си како демократична да распнува млади поради искажани ставови. Мораме да ги охрабриме младите да ги изразуваат своите ставови, да аргументираат и да се борат за своите права. Тоа е само возможно со констатно отворени врати за младите и засегнатите страни во институциите и нивно активно вклучување во сите фази на развојот на политиките. Нормално, ова некогаш се чини дека трае предолго, но само така можеме да внесеме дух во политиките и да креираме политики базирани на докази со учество на засегнатите страни.
Фактор.мк: Последниве неколку години се случи масовен интелектуален егзодус на млади, талентирани и едуцирани кои своето знаење ќе го имплементираат во странство. Колкави се загубите и штетите за земјава која од година во година неповратно губи млади кадри и што НМС ќе превземе за ова прашање?
Малески: Република Македонија важи за држава која има традиција на иселување во странство, она што порано се викало „печалба“. За жал во последните неколку години овој тренд и те како се зголеми. Меѓународните организации, пред се Светската банка прогнозираат дека околу 600.000 луѓе ја напуштиле државата. Реперкусиите од ваквите трендови ќе се осетат за неколку години. Токму затоа се чини дека долго време овој проблем беше игнориран од страна на политичките елити. Вакви круцијални трендови не можат да се решат од денес за утре. Поради тоа е потребна голема соработка меѓу институциите за креирање на реална стратегија за спречување на ваквите трендови. Но, она што прво мораме да го направиме е да воспоставиме практика на собирање на информации за миграциите. Без да ги знаеме реалните податоци е навистина тешко да ги пронајдеме вистинските решенија. Токму за тоа се залага НМСМ, широки консултации со институциите, редовни податоци за трендовите и креирање на адекватни стратегии за задржување на интелектуалниот капитал во која што државата инвестирала.
Фактор.мк: Кои се вашите следни активности?
Малески: Во следниот период е исклучително важно да се врати довербата кај младите дека навистина работите можат да се менуваат, дека сегашната шанса за напредок мора да се искористи и дека заедно сме секогаш посилни. Токму и затоа ќе следат процеси на дебати, работни групи, експертски тркалезни маси и консултации со младинските организации за нивните визии и предлози за политиките кој што ќе се носат во следниот период. Цврсто сме убедени дека во наредниот период нашите предлози ќе допринесат за развојот на државата и приближување на државата кон вистинскиот пат кон ЕУ.
С.Б.