Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Котевски: Нема дискриминација кон ниту еден притвореник во затворот „Скопје“

Интервју Котевски: Нема дискриминација кон ниту еден притвореник во затворот „Скопје“

Ѓоко Котевски, директорот на истражниот затвор КПУ Скопје, очекува поголем буџет за подобрување на условите, а пак со корупцијата и пропустите ќе се справува согласно законите. Токму оваа институција во минатото беше предмет на остри критики за лошите услови и лошиот третман кон притоворените и затворените лица, за што беа полнети извештаите на домашните и странските набљудувачи за човекови права. Котевски кој функцијата ја презема пред една година за Фактор говори што е сработено во изминатиот период, за преземениот предизвик да се направат промени во казено-поправна установа која е градена пред шест децении, за начинот на кој се третираат затворениците, за проблемите со внесување нелегални предмети, како и за критиките кои ги пренесуваа дел од притворените за 27 април. Котевски е инаку дипломиран политиколог, оженет и татко на 2 деца, а ова му е втора функција, претходно беше директор и на Управата за водење на матични книги орган.

Фактор: Истражниот затвор Скопје во сите извештаи на домашни и странски набљудувачи е оценет негативно поради лошите услови, ниското ниво на хигиена, недостигот на стручен кадар, недоволна здравствена заштита, чести инциденти и поднесени претставки. Кога пред една година ја преземавте функцијата на нов директор бевте ли свесен за состојбите и предизвикот, која беше вашата визија и што направивте во изминатиот период?

Котевски:Секако дека бев сведок на предизвикот со  кој се соочив, веднаш по моето доаѓање. Пред се мора да се спомене дека објектот е од 1968 година и во изминатите години се вложени многу малку средства за неговото средување, последната инвестиција е од 2009 година со две нови крила Г и Д во притворското одделение. Секако, за споменување е и донесениот Закон за амнестија во јануари 2018 година, со кој во голема мера се реши проблемот со пренатрупаноста како еден од најгорчливиот проблем во нашиот затвроски систем во последната деценија. Мора да напоменам дека за хигената на објектот се грижат осудените лица  под надзор  на инструктор заедно со секторот за ресоцијализација. Веќе една година спроведуваме нов план за одржување на објектот  кој дава и ќе дава повеќе резултати во иднина. Успеавме за овој период да превземеме зафати за бојадисување на голем дел на собите за престој за осудени и притворени лица, реновирање на два тоалета, ги подобривме условите во полуоотворено одделение и реализираме нов бунар со советна водоводна мрежа.

Во делот на процесот на секторот за ресоцијализација стартувавме  со нов преоект во соработка со УНДП и УИС. Со цел стекнување на знаење и вештини на столарски и браварски занает, проектот стартуваше во декември 2018 година и ќе финишира  на крајот на февруари 2019 година, со што поголем дел од осудените лица ќе се стекнат со сертификат од столарско и браварско знаење.

Фактор: Често затворениците и притворениците во „Шутка“ се жалат на лоши здравствени услуги. Каква е сега состојбата со давање на медицинска помош?

Котевски: Од мај месец 2018 година здраствените работници во КПУ Затвор - Скопје се превземени од Здравствен дом Скопје. Со ваквата поставеност лично сметам дека здравствената заштита и на осудените и на притворените  лица ќе биде на многу повисоко ниво.

Фактор: Со колкав буџет располага истражниот затвор Скопје. Колку од овие средства се наменети за подобрување на условите за сместување и дали имате направено анализа колку пари би ви биле потребни за надминување на сите забелешки од набљудувачите?

Котевски: Кога стапив на функција затекнав долгови кои што се провлекуваа  последните неколку години. Очекуваме дека со  новиот буџет од 2019 година ќе бидат дадени  поголеми средства за подобрување на условите во Затворот - Скопје.

Фактор: Како се постапува кон притворените кои се обвинети за инцидентите на „Крвавиот четврток“. Последен случај беше откриениот нелегално добиен мобилен телефон на Јане Ченто како и реакцијата на чуварите за негово одземање?

Котевски: Кон сите притворени лица се пристапува подеднакво согласно позитивните законски прописи, правилникот за куќен ред на притворени лица и стандардните оперативни протоколи.

Фактор: Успевате ли да се справите со корупцијата во самата затворска служба. Се говори дека за да се внесе телефон се плаќа по 200 евра на затворски чувар, како и тоа дека може да се добијат други услуги и подобности од затворската служба преку подмитување?

Котевски: Предизвикот со кој се сооучуваме со внесувањето на мобилни телефони и наркотични средства се предизвици кој не се непознати за други затворски системи во други европски земји, свесни за тоа превземаме  мерки за намалување на истите. Борбата против корупцијата е нешто што не престанува. Веста дека за одредена сума некои припадници на затворската полиција вршат незаконски дејства е нешто што вознемирува и претставува уште поголем предизвик за справување со таква појава. Но, убеден сум дека поголемиот дел од припадниците на затворската полиција се чесни и професионално ја извршуваат својата работна задача. За таа цел превземаме низа на активности во делот на зајакнување на контролата, претрес и други активности со цел справување со оваа несакана појава.

Фактор: Синдикатот на затворската полиција често одржува протести и бара поголеми бенефиции, подобрување на материјалната состојба, опременоста и условите. Сметате ли дека со прифаќање на овие барање ќе се намали ризикот од корупција и имате ли контакти со Министерството за правда што може да се преземе?

Котевски: Со измените на законот за извршување на санкции кој е во собраниска процедура најголем дел од барањата на затворската полиција ќе бидат имплеметирани во новото законско решение. Исто така очекуваме дека во првата половина од 2019 година ќе биде набавена комплетна нова униформа и опрема како една од клучните барања на синдикатот на затворската полиција.

Фактор: Има ли дискриминација кон притворениците и затворениците во „Шутка“. Во извештаите на набљудувачите се наведени претставки за различен третман. Што би направиле за подобрување на оваа перцепција?

Котевски: Апсолутно демантирам дека постои дискриминација по било кој основ кон притворените и осудените лица во КПУ Затвор – Скопје.

Фактор: Вие на функцијата директор на затворот дојдовте од Службата за водење на евиденција на матични книги. Дали имате планови за продолжување на кариерата во политичките води, на локално или можеби на централно ниво?

Котевски: Во овој момент јас навршувам една година од мојот четири годишен мандат како директор на КПУ Затвор - Скопје и целата енергија ми е насочена кон справување со предизвиците кои ги носи оваа фунција. Секако доколку се укаже потреба од мој ангажман  на друга функција, ќе одговарам на предизвикот.



Х.С.

Слично

Поврзани вести