Интервју Кот: С. Македонија на безбедносните предизвици ќе одговори како земја сојузник и членка на НАТО
Македонија со зачленувањето во НАТО треба да биде свесна за потенцијалните ризици, но на нив да одговори како земја сојузник. Ако прашањето на „јужното“ крило на НАТО е веќе решено, сега сојузниците треба да се справат со последиците од падот на Кабул, како и на односите со Русија и Кина. Улогата на САД како глобален лидер според Бартломеј Кот, програмски директор на Варшавскиот безбедносен форум ќе биде преиспитана. Западната безбедосна инфраструктура ќе треба да најде и одговор на обидите за дестабилизација на демократските општества преку информациско војување и дезинформации.
Варшавскиот форум за безбедност е водечка европска платформа посветена на трансатлантската соработка и фокусирана на разработка на заеднички одговори на заедничките безбедносни предизвици. Годинава македонски претставник на панелот„Програма за нови за лидери за безбедност“ е и македонскиот експерт за безбедност Елмас Хасановиќ.
Фактор: Што очекувате од претстојниот Варшавски безбедносен форум, кои ќе бидат главните теми во фокусот и какви иницијативи очекувате да произлезат?
Кот: Како и секоја година, Варшавскиот форум за безбедност 2021 ќе собере преку 150 говорници и лично присуство на над 1000 учесници -внимателно избрани за да се одржи вмрежувањето на високо ниво. Особено сме горди што сме домаќини на различни европски и трансатлантски лидери, вклучувајќи околу 20 министри и државни секретари. Секоја конференција од ваков вид мораше да се прилагоди на новите околности што произлегуваат од Ковид-19 пандемијата. Успеавме да ја одржиме хибридно и да постигнеме уште поголем опсег од било која година претходно. Сигурен сум дека WSF 2021 ќе докаже дека Варшава е местото каде што се водат трансатлантски дискусии за одбраната и безбедноста, и иднината на нашиот регион е соодветно набљудувана. Силно препорачувам да ни се придружите за да ги гледате дебатите на теми како што се ривалство меѓу Кина и САД и европската перспектива или глобалното лидерство на САД во контекст на повлекување на Авганистан.
Фактор: С. Македонија е целосно блокирана за членство во ЕУ, а ниту другите земји од Западен Балкан немаат голема надеж. Дали ова може да се претвори во безбедносно прашање што ќе влијае на ЕУ, која полека но, сигурно го губи својот кредибилитет во регионот?
Кот: Кредибилитетот на ЕУ отсекогаш бил поврзан со можноста на луѓето да препознаат што им носи членството на нивните земји.
По Брегзит, сите бевме шокирани дека секоја земја е во состојба да излезе од она за кое секогаш верувавме дека е најдобриот проект за европската иднина. Но, како и секој политички субјект, ЕУ е склона кон ризици кои се надворешни и внатрешни. Наша должност како граѓани на ЕУ е да можеме слободно да разговараме за тоа каква Унија сакаме и што можеме да направиме за тоа да се случи, но колку повеќе сме внатрешно несигурни во заедничкото уверување за нашите европски вредности или не сме во состојба да препознаеме закани како Северен тек II, толку похаотично изгледаме за нашите партнери. ЕУ мора да разбере дека за да ја игра улогата на глобален лидер, треба да биде многу јасна во претставувањето пред светот кои се нашите цели, која е нашата сфера на интерес. Меѓутоа, балканските држави исто така треба да разберат едно: не е само ЕУ таа што постојано треба да го докажува својот интерес за регионот. Должноста лежи на двете страни, и има уште многу потенцијал од ваша страна да покажете отворено и јасно: да, ние сакаме да бидеме дел од ЕУ, и ова е нашиот главен приоритет.

Фактор: С. Македонија неодамна стана полноправна членка на НАТО, што придонесе за завршување на т.н. јужно крило. Колку земјата ќе биде изложена на безбедносни предизвици и што ќе добие од членството?
Кот: Штом Северна Македонија се приклучи на НАТО, веќе го препознавте фактот дека вашата земја е изложена на безбедносни предизвици, а начинот на кој ќе се справите со нив, е како земја сојузник на НАТО.
Откако Полска е 22 години сојузник во НАТО можам само да кажам дека алијансата донесе вистинска промена во нашата земја. Да се биде на постојано на линијата на фронтот значи дека безбедноста игра важна улога во креирањето политики во земја како нашата. Членството и дејствијата што ги преземавме во соработка со другите сојузници не доведоа до точка кога не само што нашата армија се модернизираше и нашите генерали можеа да научат модерен начин на командување, туку и нашите граѓани сега можат сметаат дека се поставени на „правилната страна на историјата“ со сојузниците за кои отсекогаш сметавме дека се нашите вистински сојузници.
Но, да се биде дел од Алијансата значи и исполнување на обврските - како што се соодветните трошоци за буџетот за одбрана - за кои неодамна требаше да се потсетат некои партнери. Ако Северна Македонија се покаже како активен и сигурен сојузник, сигурен сум дека ќе можете да кажете дека влезот во НАТО не беше само ваш чекор во посигурен свет, туку и ваш огромен чекор во приближувањето на вашата земја до организации како ЕУ. Тоа беше случај во Полска и во Чешка.
Фактор: Информациското војување и хибридните напади како методи на дестабилизација ќе бидат голем предизвик. Каков ќе биде одговорот на ЕУ и НАТО во регионален и поширок контекст?
Кот: И НАТО и ЕУ го препознаа фактот дека модерното војување не се води само со тенкови и оружје, туку и преку активност што не е лесно да се означи како војна, во нашето редовно, или застарено поимање за војувањето. И ова додава на фактот дека во нашето модерно разбирање на заканите, вистинската цел на непријателската активност не се нужно војската и војниците, туку редовните граѓани.
На тој начин тие стануваат жртви, но исто така треба да станат „војници“ - способни да ја препознаат заканата и доволно свесни за да можат да се спротистават. Затоа, пред да разговараме за регионалниот и поширокиот контекст на одговорот на тие закани, повеќе би се фокусирал на одговорот што можеме да го створиме на ниво на нашите општества. Нашиот образовен систем мора да даде одговори и да ги обучи новите генерации да станат граѓани кои можат слободно да размислуваат и да ги критички да ги воспримаат пораките што им се сервираат преку длабочините на Интернетот или на други начини.
Фактор: Падот на Кабул, повлекувањето на САД од Авганистан и враќањето на Талибанците го создаде првиот бран бегалци кои делумно се прифатени на Балканот. Дали очекувате нови безбедносни ризици и „извоз“ на дестабилизација?
Кот: Всушност, Полска во моментов доживува многу директна закана од хибридна војна што произлегува од начинот на кој Лукашенко ги користи мигрантите за да ја дестабилизира нашата граница. Литванија веќе го доживеа тоа. Во тој поглед, би рекол дека тоа не е нов безбедносен ризик, туку нов начин на користење на миграцијата за извршување непријателски активности.
Некои диктатури открија дека европските општества е тешко да одговорат на заканите кои се на работ да ги доведат во прашање нашите воспоставени вредности: човекови права, потребата да им се помогне на оние кои им е тоа неопходно, вклучувајќи ги и децата.
Сепак, треба да запамтиме две нешта: миграцијата ќе доаѓа во бранови, сега како резултат на падот на Кабул, а утре поради климатските промени. Начинот на кој сега ќе изреагираме ќе остане запаметен. Или Европа ќе покаже дека е отпорна на тие закани и на диктаторите што ги користат за да извршат притисок врз нас, или може да очекуваме поголема штета во иднина предизвикана од активности од ваков вид.
Во исто време ние мора да воспоставиме процедури онаму каде што е потребно и да ги следиме, само на тој начин нашето разбирање за тоа што е правилно и што е погрешно, може да биде прифатено од нашите општества. Така ќе станеме поотпорни на информациски војни, како таа која сега се одвива со сликите на преплавување на мигрантите во белоруските шуми.
Х.С.