Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју капетан Коцев – Македонската фурна во Кабул ги воодушеви војниците на САД и Турција

Интервју капетан Коцев – Македонската фурна во Кабул ги воодушеви војниците на САД и Турција

Капетанот Роберт Коцев е еден од најкреативните припадници на Армијата на Република Македонија. Тој е познат ракотворец на дрвени украси и специфични изработки, но тоа што најмногу воодушевува е неговиот подвиг за изработка на целосно функционална Македонска фурна сред Кабул во Авганистан како дел од мисијата на НАТО каде служат и група на македонски војници кои сите дојстоно и професионално ги преставуваат националните интереси и своите професионални вештини. Сепак, капетан Коцев вреди да се истакне со неговата креативност, умешност и посветеност на изработка на подароци за странските војници, како и за гордо претставување на македонските симболи во Кабул, како со фурната, така и со многу украси од македонската историја и култура за што решивме подетално да ги претставиме.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Фактор: Големо внимание привлековте со изработката на Македонска фурна во Кабул, Авганистан. Откријте ни повеќе детали за учеството во мисијата на НАТО и како овој проект го доживеаја странските војници меѓу кои и тие на армијата на САД?

Коцев: Во  текот на учествувото во мисијата „Одлучна поддршка“ на припадниците на контингентот на АРМ, покрај извршувањето на редовните задачи едно од клучните места заземаше и претставувањето на македонската култура и традиција. За таа цел преку бројни настани и манифестации се трудевме да ја презентираме нашата култура во најубаво светло. Сите наши државни а и верски празници така ги организиравме да сите поканети припадници на мултинационални контингенти од базата каде бевме сместени ги запознаеме и со нашите природни убавини, туристички места нашата култура и традиција. 

Посебно ги искористивме денот на АРМ „18 Август“ и Денот на независноста „8 Септември“ каде приредивме такви манифестации проткаени со видео презентации од нашата татковина со македонски традиционални специјалитети. Присутните гости не го криеја воодушевувањето од тоа што го видоа и вкусија.

Јас како ракотворец-уметник се потрудив на најдобар начин да ги искористам моите вештини за дадам придонес за претставуањето на нашата земја. Понесов од  дома дел од моите креации кои беа наменети за подароци на наши блиски соработници и пријатели. Воедно таму си створив услови во слободното време да развивам една вештина на трансфер на фотографија на дрвена подлога и на тој начин да изработам креации од нашите македонски херои (Гоце Делчев, Тоше Проески) наши туристички места и убавини и да ја украсам „македонската куќа“-катче во базата кое ни е доделено на користење на нашиот контингент и кое служи токму за вакви намени,претставување на македонската култура и традиција. На тој начин нашите посетители се распрашува кои се личностите на сликите и кои се тие убавини.

Нормално како знак на внимание и благодарност на прекрасниот однос на припадниците на турската Армија, во чиј состав се наоѓа македонскиот контингент, изработив прилично голем број на подароци со мотиви од таткото на модерна Турција Кемал Ататурк и нивната воена школа Кулели, фасцинантен објект. Но сепак нашите пријатели Турци особено беа фасцинирани од моите креации од воената школа во Битола каде Кемал Ататурк завршил средно воено образование. Сите турски генерали во базата ги изненадивме со вакви креации, а не се штедев да изработам и неколку  мотиви од истиот објект во Битола (денешен музеј) и за командата каде моите креации се закачени на ѕид во објектот. Во  истиот тој циклус на подароци изработив и часовник за командата со знамињата од сите земји учеснички во мисијата.

Слична креација како овој часовник изработив и за подарок на Македонската куќа со неколку мотиви од нашите природни убавини а на влезот од македонската куќа направив табла со наслов „МАКЕДОНСКА КУЌА“.

Но, сепак врвот на мојата креативност во Кабул, а воедно и престиж во такви услови е Македонската фурна. Сакав да изработам репрезентативен објект кој ќе биде вистински носител на македонската култура и традиција. Прилично сложен проект поготово во тие услови каде беше тешко да се набават материјали за изработка на истата. Успеав со помош на нашите македонци вработени во базата. Секако, во сите мои проекти огромна подршка имав од нашиот најстар национален претставник на нашиот контингент, полковникот Жикица Јовановски. Неретко заедно ги развивавме идеите  за кои јас после не ја штедев енергијата да ги реализирам.

Вистинска презентација на фурната имавме на верскиот празник Свети Никола кога поканивме добар дел наши пријатели, припадници на турскиот и американскиот контингент. Во  еден прекрасен амбиент им презентиравме тавче-гравче и лепче печени во фурната. Никој не можеше да го сокрие задоволството од прекрасниот вкус на македонските традиционални специјалитети каде нашите гости искоментираа дека никогаш не пробале толку нешто вкусно и дека ќе ни бидат чести гости. Посебно беа фасцинирани во процесот на подготовката на фурната од огорувањето и чистењето до вадењето на готовиот производ.

Фактор: На каков начин припадниците на странските армии во мултинационалната команда ги доживува македонските војници, што знаат тие за нашата земја и што најмногу ги интересира?

Коцев: Во разговор со припадниците на странските армии дојдов до сознание дека тие имаат многу познавања за нашата земја. Нас како војници не доживуваат како добри соработници, професионалци кои добро си го познаваат војничкиот занает. Не го криеја задоволството дека соработуваат со припадници на македонската армија  Посебно припадниците на турската армија се пријателски настроени кон нас и секогаш љубопитни за нашата традиција и култура. При разговор со нив се доаѓа  до сознание дека имаме многу слична култура и традиција. Тие со огромна почит зборуваат за нивниот најголем херој таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк. А како ли само зборуваат дека Кемал Ататурк завршил воено училиште во Битола па скоро и не постои некој што не го познава тој дел од историјата. Токму тоа ме мотивираше како што веќе претходно спомнав да изработам многу креации со мотиви од Кемал Ататурк и военото училиште во Битола за подароци на нашите пријатели. Исто така покажуваа интерес за нашите природни убавини и туристички места и веќе имам голем број на мои пријатели потенцијални посетители, на мојата земја за наредната година.

Припадниците на македонската армија важат за големи професионалци во работата на мултинационалната команда

Дали е ова ваше прво учество во мисија на АРМ како дел од коалицијата на НАТО во Авганистан, што опфаќаа вашите задачи и колку е опасно сега во оваа разорена земја?

Коцев: Да ова е моја прва мисија . Како  припадници на 6. контингент во мисијата „Одлучна подршка“ ние како и контингентите пред нас извршуваме задачи во склоп на турската команда. Во склоп на командата за обука, советување и асистирање ние имавме позиции како штабни офицери, каде ги извршувавме функционалните задачи. Во состав на нашата мисија имавме и припадници од локалното население и сфатив дека авганистанците се исклучително пријателски народ но и дека многу страдаат поради тоа што им се случува во нивната земја. Секојдневно се случуваат инциденти во кои страдаат невини луѓе а скоро и да не постои безбедно место во Авганистан.

Фактор: Вие сте познат ракотворец во Македонија, па како тој талент го вклопувате со армиските обврски каде секогаш се истакнува дисциплината, точноста и прецизноста?

Коцев: Во повеќе од еднадецениската активност како ракотворец-уметник имам постигнато значителни успеси на полето на културата. Имам учествувано на повеќе групни изложби меѓу кои и на неколку хуманитарни. Пред 5 години имав и самостојна изложба до домот на АРМ. Нормално и огромен број на медиумски проекти со поголемите ТВ куќи и со многу пишани медиуми.  

Кога се прави паралела помеќу уметноста и воената професија се мисли дека се две различни дејности. Ако се знае дека воената професија изобилува со предизвици и стресни ситуации секако дека е потребен некаков вентил за испуштање на таа енергија и полнење со друга енергија. Баш поради тоа, послеработното време уживам да го поминам во мојата работилница создавајќи дела кои се резултат на мојата креативност. Впрочем и тоа што сум воспитуван во духот на воената професија ми помага во уметничкиот дел зашто истите атрибути се потребни и во уметноста. Исто така и добрата физичка кондиција стекната како припадник на АРМ  од голем допринос ми е  во ова исклучително тешка работа која бара голема психофизичка кондиција. Како резултат на таа моја енергија скоро целиот мој дом во Радишани го преуредив како галерија во духот на нашите традиционални вредности. Целокупниот ентериер и екстериер го изработив користејќи ја мојата креативна енергија. Нормално тука е и мојата фурна која е една е моите најомилени креации и резултат на многугодишно идејно развивање на овој преубав проект. Токму овој проект ми беше инспирација да ја направам Македонската фурна во Кабул.  


Слично

Поврзани вести