Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Ѓунер Исмаил: Итно ослободување на институциите, за градење на културни вредности

ИНТЕРВЈУ Ѓунер Исмаил: Итно ослободување на институциите, за градење на културни вредности

“Процесот на оздравување на општеството, односно културата како еден од виталните делови  нема да оди лесно, ниту пак брзо. Сега-засега некои работи мораат да се решат со ургентна динамика и процесот на ослободување на институциите кој што е започнат е токму тоа. Институциите мора да бидат ослободени за да може да се востанови нормално функционирање кое ќе подразбере домаќинско управување и одговорно располагање со јавните пари  како и создавање на амбиент во кој креативноста ќе биде во прв план”- вели во интервју за Фактор, професорот Ѓунер Исмаил, претседател на Советот за култура кој ќе делува како стручно и советодавно тело на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Фактор: Со одлука на министерот за култура  се основа Советот за култура како стручно и советодавно тело. Која ќе биде улогата на  Советот?

Ѓ.Исмаил: Улогата на Советот е дефинирана во чл.11 од Законот за Култура и токму така, како што со јазикот на правото е речено, таа е советодавна. Советот го формира министерот и тоа тело по прашања за кои тоа смета, или пак министерот мисли дека треба да побара “совет“, низ дебата околу аспектите на прашањето кое е на дневен ред, формулира мислење, став кој и не мора да биде директно соопштен, му овозможува на министерот да дојде до одлука согласно на неговата законска позиција. Значи, “советодавната функција“ на Советот, барем овој, не е и нема да биде сведена на апстрактно “советување“, што би значело негово сведување на формално тело во кое седат некои луѓе “од културата“ и одвреме-навреме се сликаат, за да јавноста дознае дека постојат. Министерот Алаѓозовски уште на првата средба инсистираше на тоа дека од Советот, а и од други “тела“ кои Тој би ги оснивал, очекува богата, пред се критички интонирана дебата преку која ќе може да се дојде до што покорисни решенија.

Фактор: Како треба да се води борбата со силната партизација во институциите и дали поради сеуште силните партиски врски практично може да се очекува поткопување на нивната работата? Како ќе се врати културата на вистинскиот правец?

Ѓ.Исмаил: Политиката, ама разбрана во нејзината вистинска смисла на зборот, секако дека треба и е учесник во сите процеси кои се одвиваат во општетството. Но, треба да се разграничи која и каква политика. Ова што досега, скоро единаесет години, го имавме како “политика“ најмалку може да се нарекува тоа и затоа инсистирам на наводниците. Станува збор за организирано злосторничко здружение и од таа оценка тешко дека ќе отстапам се додека и последниот креатор, учесник во уништувањето на државата не биде соодветно “вреднуван“ од оздравениот правосуден систем.

Тука сакам да ја изнесам одамна познатата вистина дека, историјата така не учи, фашизоидните-криминални структури, секогаш културата ја користеле како еден од главните ешалони преку кој ги реализирале нивните намери. Во таа смисла Советот, ако за некаков заклучок може да се зборува, го подржа и во исто време го охрабри министерот Алаѓозовски да продолжи со овај процес на ослободување на институциите, како неопходен чекор во процесот на заздравување, односно враќање во нормала. Токму атмосферата на ослободување на општеството од заробеноста на сите нивоа ќе биде таа во која ќе функционира и културата.

Новата власт јасно декларираше дека “...нема да бидеме како нив...“ и заради тоа, можеби, промените изгледаат како да се случуваат бавно. Видете, Македонија во моментов е земја која, како да излегла од војна, барем според пустошот кој го оставија зад себе “преродбениците“, а како круна на нивниот фашистички поход беа настаните од 27 април, на кои сведочевме безмалку во директен пренос. Само површниот преглед на оние кои учествувааво тој поход ќе покаже дека најголемиот дел од нив биле дел од државната администрација. Затоа, некои од промените кои јавноста оправдано ги очекува, заради сложеноста на проблемот, а нужната претпазливост и строго легалистичкиот пристап, изгледаат како да се случуваат бавно. Мислам дека динамиката на вкупните промени во себе ќе го содржи и процесот на оздравување на администрацијата, а таму каде што поткопувањата ќе бидат забележани ќе се постапува согласно на постоечките, но и законите кои по итна, или скратена постапка ќе бидат донесувани во Собранието.

Фактор:  Многу личности од областа на културата и уметноста застанаа зад политички/партиски интереси и ја бранеа Иницијативата за Заедничка Македонија. Насилно влегоа во Собранието и учествуваа во “крвавиот четврток”. Дали за овие лица ќе  има место во културните институции?

Ѓ.Исмаил : За жал токму овие, а не се малкумина, беа во функција на “артилериска подготовка“ не само на настаните од 27.04, туку од многу поодамна, безмалку од моментот кога земјава беше окупирана од припадниците на злосторничкото здружение. Јасно е дека некои од нив ќе се соочат со Законот, кога и да биде тоа, а каков ќе биде нивниот понатамошен третман навистина е неблагодарно да се прогнозира. Низ историјата има разни примери за тоа како биле третирани уметници-соработници на окупатор и во таа смисла оставам идните дебати преку кои ќе се дојде до моделите на оздравување изградат ставови околу нивниот понатамошен ангажман. Сложена е задажата пред која ќе се најде македонското општество, па макар и да биде водено од идејата дека некакво помирување ни е нужно. Јасно е дека времето, тој многу способен лекар, ќе лечи и дека голем дел од нашите рани ќе биде излечен, ама велам, само еден, па нека е и голем дел. Ако не нешто повеќе, ако сакаме “...никогаш да не се повтори...!“, идните поколенија ќе треба да знааат кој и ги направи, не така малите, лузни на општеството, државата.

Фактор: Контроверзниот проект “Скопје 2014”  беше цел на силна критика од стручната јавност и граѓаните особено поради  бескрупулозно трошење на народните пари. Какви совети ќе предложите за расветлување на евентуалните криминали и поигрувањето со лицето и духот на градот?

Ѓ.Исмаил : Да, токму така стојат работите со овој, би рекол, криминален проект. Со него ќе се занимава посебно тело кое ќе го формира Министерот. Советот ќе се занимава со резултатите на работењето на тоа тело, а сосема разбирливо, поединечни членови, согласно на нивната експертиза јасно е дека ќе учествуваат во сите активностите кои ќе произлезат како потреба за нивно ангажирање.

Фактор: Реформска, европска и слободарска култура- ова беа клучните идеи на кои ќе се темели иднината на македонската култура. Како ќе се достигне тоа?

Ѓ.Исмаил : Родното место, ако така може да се каже, на луѓето кои влегоа во процесите на ослободување на земјата, се слободарските идеи и тоа разбрани како најширока лепеза од многу бои. Шаренилото беше и јас лично ќе се заложам, да остане, како идеја водилка, особено заради тоа што станува збор за култура. Не очекува долга и макотрпна работа која, во оваа фаза, веќе е започната со ослободувањето на институциите. Понатму, одкако ќе се заокружи првичниот процес на елементарна консолидација, ќе следат процесите за усогласување со стандардите на ЕУ, популарно наречен “преговори“, а тоа ќе биде основата врз која ќе се надоградуваат идеите за слободна култура. Не треба да се заборава дека освен расчистувањето со рушителскиот менталитет кој зад себе го оставија “преродбениците“, а тоа на секого треба да му е јасно, касата е празна, поточно пари ќе има малку и ќе треба да се биде реален во димензионирањето на потребите и приоритетите.

Но, на нас кои еве, се најдовме со некакви подиректни ангажмани во сферата на културата индикацијата во врска со трошењето на пари, било да е тоа во рамки на криминалниот проект Скопје 2014, било да станува збор за некои други случаи, останува задачата да ги дорасчистиме сите останати околности кои, можеби не се под директен удар на законот, но имаат димензии кои значат дека за некои луѓе ќе има консеквенции, а за сите нас ќе бидат поука за иднината. Едноставно, ако сакаме да сме зрело општество, поуки мора да извлечеме, колку и да тоа понекогаш ни биде непријатно.

Тоа што е досега пристигнато е во обработка на администрацијата на министерството, како прва, или да речеме нацрт-фаза. Кога таа фаза ќе заврши ќе имаме некаква слика за тоа “што досега“, ама и “што одсега“.

Потоа, Владата, нагласувам Владата, за некој месец ќе знае точно со колку пари ќе располага идната буџетска годинаи соодветно како ќе го позиционире “културниот денар“. Разбирливо, а според она што досега е презентирано, а пред малку кажав, парите за програмите кои би ги помагало не само ова министерство, нема да бидат истите како и до сега, па така и распоредувањето ќе биде во услови на штедење. Сакам да верувам дека Владата ќе има разбирање за тоа дека станува збор за една многу тешко контаминирана област, а многу важна за заздравување на општеството, па во таа смисла ќе ги уреди приоритетите. Останатото ќе биде работа на еден поинаков дух, едно поинакво разбирање на културата, па соодветно така ќе бидат алиментиранипотребите на творците, односно институциите. Можеби звучи воопштено, апстрактно, ама добро, ќе се согласам дека е така, сигурен во едно: Да не дозволиме да ни се повтори ова што досега ни се случуваше 11 години, а како природно продолжување кулминираше со злосторството од 27 април.

С.Б.

Слично

Поврзани вести