Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Доминика Стојаноска “UN Woman”: Потребна е правична застапеност на жените и мажите во политиката и процесите на одлучување

Интервју Доминика Стојаноска “UN Woman”: Потребна е правична застапеност на жените и мажите во политиката и процесите на одлучување

Учеството на жените во процесите на одлучување и креирање политики треба да биде пропорционално на учеството на жените во вкупната популација. Жените се 50% од населението и затоа треба да бидат и еднакво застапени во сите процеси коишто водат кон развојот на едно општество и држава. Но, за жал, реалноста е сосема поинаква - вели за Фактор, Доминика Стојаноска,  шефица на Канцеларијата на ОН во Скопје од  Телото  за родова рамноправност и зајакнување на жените (UN Women).

Македонија како што вели  има 40% застапеност на жени во законодавниот дом и во локалните совети– што гледано во глобален просек е многу добро – но благодарение на воведувањето на изборните квоти. Без афирмативни мерки, според неа  застапеноста на жените е многу ниска, како што е случајот во извршната власт. Дополнително како што вели иако принципот на еднаквост и  недискриминација е утвреден во Уставот, регулиран во македонското законодавство, сепак жените се соочуваат со структурни бариери до пристапот до пазарот на труд.

Фактор: Какво треба да биде учеството на жените во процесите на одлучување и креирање политики? Дали во земјава се кројат политики сензитивни кон родовите прашања и колку буџетски процес е соодветен или отворен за родово буџетирање?

Стојаноска: Реално, жените се соочуваат со многу бариери во целта да земат активно учество во процесите на одлучување, тргнувајќи од традиционалните норми и вредности за улогата на жената во приватната и јавната сфера, до препреките со коишто се соочуваат во политичкото делување во самите партии, до потешкотиите во напредувањето со кариерата. Поголемо вклучување на жените во процесите на одлучување не значи по автоматизам нови политики сензитивни кон родовите прашања, но дефинитивно значи воведување на една нова димензија на јавните политики, бидејки на политичката агенда се поставуваат прашања коишто до тогаш се непрепознаени, како на пример, разни форми на родово базираното насилство, препознавање, намалување и редистрибуција на неплатената работа на труд итн.

Во Р.Македонија преземени се низа чекори за вклучување на принципот на родова еднаквост во неколку политики и стратегии, како на национално, така и локално ниво. Меѓутоа, овие напори се далеку од доволни за да се дефинираат генерално политиките како родово сензитивни. Најчесто, станува збор за родово неутрални политики, но постојат и примери на родово слепи политики.

Со оглед на тоа што буџетот ги рефлектира приоритетите и политиките на една влада, претставува клучна можност за зголемување на родовата еднаквост, а родовото буџетирање како алатка придонесува кон таа цел. Родовото буџетирање всушност значи развивање на политики, програми и соодветна распределба на средства согласно различните потреби на жените и мажите.

Моментално, Р. Македонија има т.н. линиско буџетирање со елементи на програмско буџетирање. Иако потешко, во ваквиот буџетски систем има простор да се воведе родовата перспектива преку родово буџетска анализа на постоечките програми, одредување на индикатори за мерење на влијанието на програмите врз жените и мажите и соодветна распределба на средства.

Фактор: Каква е моменталната состојба со економските права на жените во однос на платата, условите за работа, вреднување на трудот на жените за извршена работа од иста вредност, учество на пазарот на трудот?

Стојаноска: Остварувањето на економските права, економското јакнење и економската независност на жените е клучен услов за живеење живот ослободен од насилство и дискриминација. Иако принципот на еднаквост и  недискриминација е утвреден во Уставот, регулиран во македонското законодавство, сепак жените се соочуваат со структурни бариери до пристапот до пазарот на труд. Според АРС (анкетата за работна сила) за 2016, стапката на вработеност на жените изнесува 33.8 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 52.3.Само 39.2 % од жените се вработени наспроти 60.8% од мажите. Дополнително, жените сочинуваат 64,5% од неактивното население. Оние жени коишто се вклучени на пазарот на труд, се соочуваат со родов јаз во платите утврден на 18-19%.

Недоволната вклученост на жените на пазарот на труд и неискористеноста на нивниот потенцијал е пропуштена можност за искористување на човечкиот капитал и развојот на една држава. Бариерите се повеќеслојни, од прикриена дискриминација на младите жени поради нивниот репродуктивен период, до немање можности за отпочнување на сопствени бизнис поради немање сопственост и капитал (само 16% од жените во земјата се сопственички на недвижен имот) до препреки и жртвување на потенцијалот за развој на кариера и унапредување поради семејни обврски и заедничкото добро. Факт е дека жените во РМ исто како и ширум светот се соочуваат со т.н. „леплив под“ (sticky floor) т.е. остануваат на ниско вреднувани  и ниско платени работи места бидејќи се жени; скршени скали (broken ladder) кадешто во искачувањето на скалите, т.е. во напредокот на кариерата се соочуваат со кршење – прекини на истите и повторно отпочнување од почеток (размислете само на влијанието на породилното отсуство во развојот на кариерата на една жена), како и стаклениот таван (glass ceiling) што го уназадува нивното унапредување постојаното лизање надолу, т.е. структурните бариери коишто стојат на патот.

Жените во Република Македонија се свесни за постоењето на дискриминацијата во пристапот до пазарот на труд. Последното репрезентативно истражување на поддржано од UN Women за причините за ниското учество на жените на пазарот на труд покажува дека значаен дел, односно 46,6% интервјуираните жени веруваат дека постои дискриминација кон жените на пазарот на труд и дека при еднакви квалификации, работодавците би вработиле маж наместо жена. Ова е резултат на традиционалните норми коишто наложуваат дека жените се оние коишто треба да се грижат за децата и семејството и тоа неизбежно мора да се промени.

Сепак, има многу примери на успешни бизнис жени кои докажуваат дека доколку имате еднакви можности и пристап до ресурси, работно место, балансирани обврски со партнерот во домот и семејството, тогаш и економската независност и успешност станува реалност. 

Фактор: Зошто жените добиваат помала плата од мажите за иста работа и исто работно место?

Стојаноска: Родовиот јаз во платите може да се дефинира како разликата во платите што ги заработуваат жените и мажите. Најголемиот број емпириски студии го мерат јазот како средната разлика во бруто платите на жените и мажите и таквиот јаз се нарекува некоригиран или необработен јаз во платите. Вообичаено, еден дел од тој јаз се поврзува со разликите во карактеристиките на пазарот на трудот на мажите и жените (различното ниво на образование, работно искуство, занимање и сектор на вработување) што произлегуваат од историските ограничувања за жените во однос на пристапот до вработувањето, како и од културните стереотипи. Ова е објаснетиот дел од родовиот јаз во платите. Иако жените се еднакво образовани со мажите во Р.Македонија, сепак јазот опстојува поради разликите во работното искуство меѓу мажите и жените. Жените вообичаено работат со пократко работно време и стекнуваат помало искуство поради прекините на кариерата во својот животен век што се поврзани, пред сè, со неплатената работа на грижа (за децата и постарите лица во семејството, како и работата во домаќинството). Ова може значајно да ги намали нивните приходи. Сегрегацијата на жените во некои послабо платени занимања може, исто така, да даде објаснување за еден дел од родовиот јаз во платите. Јазот што останува откако ќе се земат предвид горенаведените причини се толкува како дискриминација.

Фактор: Колку е значајно учеството на жените на лидерски позиции на национално и локално ниво и дали  е важен фокус за глобален развој на политиката?

Стојаноска: Учеството на жените на лидерски позиции на национално и локално ниво значи препознавање на родовата еднаквост како цивилизациска придобивка што генерира бенефит за сите граѓани. Правичната застапеност на жените и мажите во политиката и процесите на одлучување значи поставување на нови прашања на политичката агенда и различно разгледување на прашањата во различни области, како инфраструктура, економија, спорт и подобро следење на успешноста на истите. 

Сепак, за да се пропознае важноста на учеството на жените во сите процеси и сите нивоа на одлучување, неопходно е вклучување на повеќе механизми, како на пример, спроведување на родово одговорни програми, организирање на кампањи за покревање на јавната свест и настани кои ќе повикаат на спротивставување и елиминирање на анахроните практики кои одат на штета на родовата еднаквост.

Земајќи го во предвид слабиот напредок постигнат од Пекингшката декларација и платформа за акција (1995), притискот од активистките, невладините организации, повеќе земји членки придонесоа да се развие критички став кон прашањето на родовата еднаквост и очекувања кон резултати кои навистина ќе придонесат кон конкретни промени во животот на жените и девојките. Горда сум што и UN Women е голем гласноговорник и поддржувач на овој критички став. 

Фактор:Законската рамка сугерира минимална квота од 40% на жени на листите за парламентарните и локалните избори. Но, оваа бројка на т.н втор пол, тешко се остварува. Зошто?

Стојаноска: Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената (CEDAW) ратификувана од Р. Македонија им наложува на земјите потписнички примена на специјални привремени мерки, како што се афирмативни мерки или квоти  за интеграцијата на жените во областа на образованието, економијата, вработувањето и политиката.

Квотата од 40% на листите за парламентарни и локални избори ги остварува своите цели; Клубот на жени пратенички во Собранието е повторно активен и постои дијалог и консензус кај жените пратенички за клучни прашања од родовата еднаквост. На локално ниво, квотата доведе до воспоставување на целосен баланс во одредени локалните совети и носење на локални стратешки документи од областа на родовата еднаквост, целосно финансирани од општинските буџети.

Предизвици секако дека има, бидејќи вакви промени бараат сериозен ангажман во подигање на свеста, јакнење на капацитетите на администрацијата и советите,  токму она што UN Women го прави во изминативе години. Но, онаму каде што нема квоти, а тоа е во извршната власт, резултатите се поразителни.

Фактор: Како е дефиниран неплатениот женски труд во рамки на семејството? Што предвидува законската легислатива?

Стојаноска: Неплатениот труд или онаа економијана грижа претпоставува креирање на добра и услуги за грижа на категории на лица коишто имаат потреба, како деца, стари лица, хронично болни, лица со посебни потреби, но и лица коишто немаат потреба и се способни да се грижат сами за себе како што се работоспособните и здрави мажи. Работното време поминато во вршење на работа на грижа претставува 41% од вкупното работно време. Оваа неплатена работа на грижа е  неопходна за човечката добросостојба, но не е вкалкулирана во бруто домашниот производ и не е препознаена од онаа што ја нарекуваме „mainstream” економија. И секако, не изненадува фактот дека таа работа на грижа којашто е неплатена е претежно извршувана од жените. 

Неплатениот женски труд во семејството несамо што не е регулиран, туку е и ретко препознаен. Често се случува да слушнеме дека „мажот работи, заработува, а жената седи дома, не работи...“ Тоа е онаа погрешна перцепција којашто мора да се смени. Глобалната развојна агенда, за прв пат го воведе прашањето на економија на грижа и неплатен труд како еден од таргетите во Целта 5 во постигнувањето на родовата еднаквост. Законската регулатива во Македонија сѐ уште ништо не предвидува на ова поле, но потребата од локализација на Одржливите развојни цели неминовно ќе го постави ова прашање на националната политичка агенда. 

Според зборовите на извршната директорка на UN Women, Пумзиле Мламбо Н’гчука, “Во светот, премногу жени и девојчиња поминуваат премногу часови вршејќи задачи во домаќинствата, типично, двојно повеќе од мажите и момчињата. Тие се грижат за помладите браќа и сестри, постарите членови на семејството , се справуваат во болестите кои постојат во семејството и го водат домаќинството.  Во многу случаи нееднаквата поделба на трудот е за сметка на образованието на жените и девојчињата, платената работа, спортот, или превземање на граѓанско лидерство во заедницата“. За да може ваквата состојба да се промени, потребно е повеќекратната дискриминација врз жените сеопфатно да се адресира, а тоа значи освен законската легислатива (Закон за работни односи, Стратегија за родова еднаквост) потребна е и достапност на сет од услуги за социјална заштита со коишто ќе се симне товарот врз жените кои се јавуваат како неплатени семејни работнички, а ќе се овозможат услуги за грижа на децата, за старите и изнемоштени лица во домот, флексибилно работно време меѓутоа и промовирање на поделба на обврските во домот помеѓу мажите и жените.

Фактор: Какви се споредбените искуства со другите земји, каква е позицијата на жената и кои се клучните фактори за нејзино активно учество во системот, а во исто време и развој на кариерата, грижа за семејството и сл?

Стојаноска: На глобално ниво, статистиките се обесхрабрувачки. Глобалниот родов јаз во учеството на пазарот на труд е 24% - 25% а родовиот јаз во плати 23% . Жените трошат 2.5. пати повеќе време од мажите во неплатената работа на грижа. Жените носат дома 1/10 од глобалните приходи а допринесуваат до 2/3 во глобалните работни часови. Ако продолжи развојот со ова темпо, на глобални ниво ќе требаат уште 170 години да се постигне еднаквост во сферата на економското делување. Сето ова е поразително, кога ќе се земе предвид дека 1 од 3 жени се жртви на родово базирано насилство и само 22% учествуваат во како пратенички во Собранијата.

Според индексот за родова еднаквост земјите како Норвешка, Австралија, Исланд, Данска, Канада, Шведска, успешно ги адресираат прашањата на женското учество во политиката, промовираат еднаквост во економијата на грижа, промоција на секуалното и репродуктивно здравје и права, вработувањето и образованието, родовото одговорно буџетирање. Усвојување на афирмативни мерки, инвестиции во јавна инфраструктура и сервиси за грижа, елиминирање на структурните бариери водат кон намалување на нееднаквостите и подобар раст и развој на земјите.

Мора да имаме повеќе надеж за подигање на нивото на родовата еднаквост во земјата, да го цениме позитивниот политички сигнал којшто е даден за постигнување на таа цел и да ги држиме институциите одговорни за она на коешто се обврзале. На крајот, никогаш да не се откажеме од идејата дека родовата еднаквост ќе биде остварена.

Слично

Поврзани вести