Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Чако: Турција ќе лобира за Македонија конечно да влезе во НАТО

Интервју Чако: Турција ќе лобира за Македонија конечно да влезе во НАТО

Турција е еден од најблиските сојузници на Македонија со одлична соработка како на политички, така и на економски план. Во екот на преговорите со Грција за деценискиот спор за името бевме сведоци на две посети на Турција, како на премиерот Заев така и на претседателот Иванов кои добија многу охрабрувачки пораки. Турската заедница во Македонија секогаш покажувала голем степен на лојалност и поддршка за стратешките определби. Затоа решивме да направиме интервју со Фуркан Чако кој беше министер, а сега е и член на Советот за безбедност. Може ли Македонија повторно да се надева на силна поддршка од Турција, што е ново во односите со Анкара, како развојот на геополитичките настани ќе влијае врз конечното решение на спорот за името и нашето членство во НАТО кое е врвен приоритет.

ФАКТОР: Македонскиот политички врв со неодамнешните посети на Турција ги зајакна традиционално добрите врски со оваа пријателска земја. Сега се наоѓаме во многу деликатна фаза на преговори со Грција за наоѓање на решение, за деценискиот спор. Каква може да биде улогата на Турција, дали нивниот антагонизам со Грција може да влијае негативно?

ЧАКО: Пред се, би сакал да потсетам дека познавачите на турската дипломатија многу добро знаат дека Република Турција никогаш не го употребува антагонизмот и емоциите како алатка за надворешно политички прашања, туку дипломатските средства и прагматизмот секогаш е на прв ред креирањеи и реализирање на надворешно-политичките цели.

Инаку во меѓународните односи и во праксата на дипломатијата, често се користат дипломатски фрази кои ги отсликуваат билатералните односи на државите, фрази кои се повеќе дипломатско-декларативни и кои мошне често остануваат само во теоретска форма со ниту еден конкретен чекор. Но следејќи ги неодамнешните официјални државни посети на политичкиот врв, прво на Премиерот, а потоа и на Претседателот на Република Македонија во Република Турција, очигледно е дека покрај дипломатско-декларативните фрази има и конкретни чекори кои укажуваат на унапредување на традиционално добри односи на двете пријателски држави, кои исто така се и “стартешки партнери”! 

Во тој контекст би сакал да потенцирам дека имајќи ги предвид изјавите на премиерот Заев и претседателот Иванов, по средбите со нивните пандани Јилдирим и Ердоган, можеше да се забележи дека една од многуте “точки за разговор”, несомнено беше и прашањето за  разликата околу името што Република Грција ги има со нашата држава. 

Земајќи ги предвид изјавите на Премиерот и Претседателот на Република Турција, сметам дека Република Турција во оваа деликатна фаза на преговори помеѓу Република Македонија и Република Грција има принципиелен став и ќе биде конструктивно ориентирана. 

ФАКТОР: Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на повеќе наврати јасно го искажа својот став дека Турција дава голема поддршка за Македонија и дека е една од првите земји кои не призна под уставното име. Што тоа ќе значи за актуелните преговори, може ли Турција посилно да лобира за македонско членство во НАТО?

ЧАКО: Сведоци сме дека од независноста на Реублика Македонија, Република Турција има допринесено во многу области, дури некои од нив се карактеризирани и како еднострана поддршка, кои и денес продолжуваат да се продлабочуваат во заемна насока.

Како што наведовте и во вашето прашање, можеме да забележиме дека турскиот претседател Ердоган во повеќе наврати јасно го истакнува својот цврст став дека Турција ќе продолжи да дава голема поддршка за Македонија.

Мора да се потенцира и фактот дека политичките реалности се прашања што може да имплицира поведение во еден процес каков што водат Македонија и Грција во рамките на Обединети Нации. Турција има став, уверен сум дека принципиелната поддршката на Ердоган кон Македонија може да придонесува за зајакнување на позициите на Република Македонија во однос на актуелните преговори, но слушнавме дека и Бугарија има став, така да сите тие ставови не може да се игнорираат односно  може да имаат одредено влијание во процесот.

Во однос на лобирањето, знаеме дека Република Турција секогаш ја подржувала Република Македоија во сите нејзини, особено, надворешно-политички приоритети. Политичката историја ни е сведок дека тоа беше така и за време на самитот во Букурешт, но уверени сме дека ќе биде и за време на наредниот самит на НАТО алијансата кој треба да се одржи во јули во Брисел. Затоа, имајќи во предвид улогата на Турција во НАТО, цврсто верувам дека Република Турција како една од повлијателните членки на НАТО веднаш после САД, би го искористила своето лобирање за Македонија конечно да стане членка на овој НАТО самит.

ФАКТОР: Новите турбуленции во Сирија предизвикуваа заострување на односите меѓу Турција и НАТО сојузникот САД. Исто така во Амриканската политика се разгорува ставот дека Русија се мешала во претседателските избори. Конфликтот во Украина исто така не сопира. Дали Македонија е соочена со многу неповолни геополитички услови кои ќе предизвикаат забавување на процесот на решавање на спорот според интересите на велесилите или ова е вистинскиот момент конечно да станеме членка на НАТО што  е долгогодишна определба?

ЧАКО: Глобалните сили секогаш ќе имаат глобални интереси кои се менуваат и редефинираат.  Наведените меѓународни случувања и геополитичкките услови се променлива категорија, предизвикани се од различни позадини, а исто така имаат и “домино ефект” во регионите. 

Но и покрај сите овие случувања на “геополитичката шаховска табла” кои се одвива помеѓу велесилите заради нивните длабоки интереси, може да се констатира дека сега е вистинскиот момент конечно да станеме полноправна членка на НАТО, а вистински момент за членство во НАТО воедно е и секој момент од Април 2008 до денес и секој момент од денес натаму.

Од изјавите на меѓународните центри како што се Вашингтон, Лондон, Берлин, Анкара и Брисел може да се разбира дека разрешувањето на спорот околу името би било добро да се заврши пред јулскиот самит на НАТО, но во овој процес битно е и фактот што ќе сакаат и граѓаните.

ФАКТОР: Како ги оценувате изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев за целосна поддршка на Турција во борбата со тероризот, вклучувајќи ја и “пресметката” со организацијата ФЕТО, за која Ердоган тврди дека стои зад јулскиот пуч, ќе има ли конкретни акции и на македонска почва, односно како тоа ќе се одрази врз турската заедница во нашата земја?

ЧАКО: При воспоставување на меѓудржавните односи, државните интереси секогаш се пред сѐ и неприродно е да се очекува поинакво однесување. Република Македонија и Република Турција, во тој контектс, се две братски и пријателски држави кои имаат потпишано Договор за стратешко партнерство.

Знаете, големите држави имаат “државна-меморија” знаат и памтат на све! Мислам дека и Република Македонија треба да си ги знае и да си ги почитува пријателите како Турција!

Затоа сметам дека изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев во однос на поддршката на Турција е во таа насока и е сосема очекувана, бидејќи станува збор за поддршка кон една пријателска држава и на својот легитимно и демократски избран турски колега да се бори со тероризмот и сите видови на терористичките закани, кои се еднаква за сите народи и држави без исклучок. 

Инаку од заедничките изјави на Премиерите може да се заклучи дека соработката помеѓу различни министерства, државни институции и надлежни органи ќе се интензивира и ќе биде на повисоко ниво. Председателот, од друга страна, нагласи дека ќе се интензивира соработката на полициски-разузнавачки служби. Во однос на конкретни акции и чекори, може да се забележи дека фондацијата Маариф, во наредниот период е предвидено да отвори образовни институции во Република Македонија кои ќе бидат подржани од двете држави.

Што се однесува за турската заедница, тие отсекогаш преку различни јавни манифестации и изјави искажале длабока доверба и поддршка кон Турција и демократско легитимно избрaните преставници на турската држава и влада.

Воедно треба да се потенцира дека, Турците во Република Македонија очекуват да се продлабочат односите помеѓу Владите и да бидат  во корист на двата народи. Турците во Македонија веруваат дека доколку земјата би презела конкретни чекори во однос на билатералните прашања, тогаш и Република Турција би возвратила исто така со конкретни чекори осоебно на економси план. 

ФАКТОР: Турската заедница во Македонија со години ја покажува својата лојалност кон државата и е значаен мост за партнерство со Труција. Како турците во Македонија, го гледаат спорот за името кој го наметна Грција, што можеме да очекуваме во наредниот период кој ќе биде клучен за иднината на земјата?

ЧАКО: Заемно е прифатено и декларирано дека турската заедница во Република Македонија, претставува најсилна алка во односите помеѓу двете пријателски држави Македонија и Турција. Воедно, треба да се истакне дека во повеќе наврати е докажано дека турската заедница е лојална кон својата држава. 

Од друга страна пак треба да се призна дека и државата изразува почит и доверба кон турската заедница, а особено е важно да се напомене дека дел од нив се поставени да извршуваат високи државни функции но сметам дека сеуште е далеку од тоа што го залсужува и што може да пружи на Македонија.

Што се однесува за ставот на Турците во Македонија кон прашањето околу спорот за името кој го наметна Република Грција, може да се истакна дека како и досега но и во понатаошниот период Турците во Македонија ќе ги почитуваат одлуките кои ќе бидат во целосен интерес на добробидот на државата и граѓаните, односно ќе подржат ставови и одлуки кои нема да загрозат националниот идентитет на нивните сограѓани Македонци!

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести